full screen background image
Search

Електричниот Volkswagen e-Up претставен во Скопје!

Малиот електричен автомобил наскоро ќе започнеме да го гледаме и по македонските улици – e-Up! денес беше претставен во салонот на Volkswagen во Скопје!

Електричниот автомобил изгледа идентично како својот конвенционален роднина, но нуди технологија која е ултра-модерна. Под „кожата“ се кријат литиум-јонски батерии и електромотор со моќност од 60 киловати (односно 82 коњски сили) и вртежен момент од 210 Nm достапни од нула вртежи, кои ветуваат автономија од околу 160 километри и 100 километри за само 57 денари, ако се земе во предвид просечната цена на електричната енергија во Македонија.

Volkswagen нуди гаранција од 8 години на батеријата на автомобилот, па купувачите ќе можат безгрижно да уживаат во евтиното, еколошки-прифатливо и тивко патување. Во ентериерот има повеќе од доволно простор за вкупно четири патници и нивниот багаж – е-Up! го нуди истиот багажен простор од 250 литри као и својот обичен роднина. Полнењето на обичен полнач трае од 6 до 9 часа, додека на брз полнач може да се наполни до 80% за 30 минути, односно целосно за 60 минути. Автомобилот троши 11.7 kWh на 100 километри, забрзува до 100 километри на час за 12.4 секунди и има максимална брзина од 130 километри на час – сето тоа со емисија од 0 грама CO2 на изминат километар!

Цената на Volkswagen e-Up! со целосна опрема, во која се вклучени 5 врати, алуминиумски фелни, спортско-профилирани седишта, автоматски клима уред, уред за навигација, кожен управувач, автоматски менувач со една брзина и уште многу други детали и ситници е 26.900 евра.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.