ТЕСТ: Mitsubishi i-Miev – Иднината, сега! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mitsubishi i-Miev – Иднината, сега!

Ја имавме таа чест први да седнеме зад воланот на електричниот автомобил на Mitsubishi и да се увериме во можностите и потенцијалот на автомобилите на електрична енергија!

Електричните автомобили имаат долга историја – всушност, првите автомобили кои биле направени пред повеќе од стотина години биле придвижувани од електрична енергија. Овие автомобили имале (по денешни стандарди) разочарувачки перформанси, но биле вовед во она што денес го познаваме како автомобил. Повеќе од очигледно е дека инспирацијата за автомобили на електрична енергија постоела многу одамна, но за жал нивната пенетрација и популаризација на пазарот станува реалност во услови кога фосилните горива стануваат значително поскапи.

Луѓето од Mitsubishi се горди дека околу 30.000 примероци на i-MiEV се продадени и активно се користат низ светот.

mitsubishi-i-miev-carclub-side

Она што денес е пред нас, е малиот i-MiEV на јапонскиот производител Mitsubishi. Моделот е лансиран во 2009-тата година, но производителот континуирано работи на неговото подобрување и усовршување. Продажбата во Европа започна во Декември 2010-тата година, а во меѓувреме се појавија и ребрендирани верзии на Peugeot и Citroen кои се всушност истиот автомобил но со изменето знакче на предниот и задниот дел. Луѓето од Mitsubishi се горди на информацијата дека досега околу 30.000 примероци на i-MiEV се продадени и активно се користат низ светот.

mitsubishi-i-miev-carclub-rear

На прв контакт веднаш е јасно дека се работи за јапонски производ. Наменет да одговара на димензиите на Kei Car класата во Јапонија, i-MiEV е краток, тесен и висок автомобил. Гледан директно од напред помалку наликува на маглев возовите кои се вистинско технолошко чудно, но истовремено ја наговестува технологијата која се крие во малиот електричен градски воин.

mitsubishi-i-miev-carclub-interior1

Кога ќе ја отворите вратата ќе ве пречека ентериер кој наликува на оние од другите модели на брендот – и тоа е добра работа. Навистина нема потреба електричен автомобил многу да отстапува од нормата – бидејќи тоа ќе го направи непривлечен за некои од купувачите кои би едноставно не сакаат стрмна крива на учење. Ентериерот е класично изведен со јасна централна конзола, има место за четири патници (во кои го вбројуваме и возачот) а командите се лесни и јасно распоредени.

Бидејќи е Kei Car, малку е потесно од она на кое сме навикнати, но има повеќе од доволно простор за еден мал градски автомобил.

mitsubishi-i-miev-carclub-interior3

Бидејќи е Kei Car, малку е потесно од она на кое сме навикнати, но има повеќе од доволно простор за еден мал градски автомобил. Пластиките и материјалите во ентериерот не се спектакуларни, но се доволно квалитетни да ги издржат секојдневните барања на урбаното живеење. Тесни се и страничните касети во вратите, но тоа е последица на компактниот дизајн и желбата за ослободување колку е можно повеќе простор во ентериерот.

Го завртуваме клучот и… Не се случува ништо.

mitsubishi-i-miev-driving

Го завртуваме клучот и… Не се случува ништо. Нема звук на стартување на мотор ниту пак никакви вибрации – единствено малата READY сијаличка на контролната табла најавува дека автомобилот е подготвен. Во ред, го префрлам автоматскиот менувач (кој е со една брзина) во Drive режим и почнувам да се движам. Чувството е како да возам обичен градски автомобил, но без никаков звук. Електромоторот нуди 49 киловати, односно 66 коњски сили, и одлични 196 Nm вртежен момент. Бидејќи вртежниот момент е достапен од нула вртежи, чувството зад воланот е дека возите прилично брз градски автомобил.

mitsubishi-i-miev-driving2

Забрзувањето до 100 километри на час трае 15.9 секунди, но тоа не е воопшто важно – многу поважно е чувството зад воланот и фактот дека i-MiEV без потешкотии „држи темпо“ со остатокот од сообраќајот – дури на неколку пати возачи со многу помоќни автомобили останаа со подзинати усти кога малиот јапонец ги остави „на место“ на трката од семафор до семафор.

mitsubishi-i-miev-trunk-rear

Како што напоменавме, во внатрешноста има место за возач и тројца патници. Простор за нозете на задната клупа има доволно, но не премногу, но за сметка на тоа простор за главите на патниците има навистина многу. Батериите се сместени под задните седишта, а моторот е под багажниот простор, па тежиштето е ниско. Ова ветува динамично управување, а i-MiEV се покажа како екстремно маневрабилен во градски услови. Додека се возевме низ град, самиот автомобил ни наметна опуштен стил на возење, а индикаторите во ентериерот направија да бидеме во своевиден натпревар со самите себеси како би постигнале што е можно пониска потрошувачка на електрична енергија, односно поголема автономија.

mitsubishi-i-miev-front

Благодарение на големите стаклени површини прегледноста е одлична, а компактните димензии го прават екстремно лесен за паркирање. Тесниот радиус на вртење од само 4.5 метри го олеснува движењето низ градскиот метеж, а доколу имате потреба, ќе имате на располагање 235 литри багажен простор.

Можете да очекувате околу 120 до 130 километри со едно полнење.

mitsubishi-i-miev-carclub-chargers

Сега можеме малку да зборуваме и за полнењето. Батериите се со капацитет од 16 киловат-часови, а имате две опции за полнење – едната е на обичен приклучок за струја, а другата е опција е таканаречен QuickCharge приклучок, кој за жал ние го немаме во Македонија. Со брзото полнење можете да ја наполните батеријата до 80% од нејзиниот капацитет за само 30 минути, додека за полнење на обичен приклучок ќе ви бидат потребни околку 6 часа. Со полна батерија производителот ветува автономија од 160 километри според NEDC, но од нашето искуство можете да очекувате околу 120 до 130 километри со едно полнење. Според Mitsubishi, батеријата по изминати 150.000 километри ќе има околу 90% од својот оригинален капацитет.

mitsubishi-i-miev-carclub-charging

Вреди да се спомене дека доколку го полните автомобилот на „евтина струја“, тогаш 100 километри ќе ве чинат само 35 денари! Автомобилот овозможува три режими на работење – обичниот Drive режим, потоа постои B-режимот каде моторното кочење е многу поизразено, и за сметка на тоа поефикасно се полнат батериите во возење, а постои и C-режим кој всушност е наменет за возење на отворено, каде моторното кочење е скоро деактивирано, како полесно би се одржувала брзината.

Нашиот тестен i-MiEV дојде опремен со електрични прозорци, дневни светла, клима уред, радио со CD и MP3, шест воздушни перничиња, алуминиумски фелни (кои имаат одличен ретро-футуристички дизајн) и други ситници кои ја комплетираат сликата. Mitsubishi i-MiEV освои четири ѕвездички на EuroNCAP тестирањата за безбедност.

Дефинитивно има некакво задоволство во знаењето вашиот автомобил не произведува никакви штетни гасови!

mitsubishi-i-miev-euroncap

Кога возите низ град, Mitsubishi i-MiEV е во својот елемент. Минувачите се изненадени од малиот електричен автомобил, а маневрабилноста го прави екстремно лесен за експлоатација. Автономијата од 130 километри е сосем доволна за неколкудневно возење низ град, а вие само треба да се потсетите на крајот на денот да го приклучите на електричната мрежа. Дефинитивно има некакво задоволство во знаењето вашиот автомобил не произведува никакви штетни гасови!

Да, циниците ќе кажат дека цената од скоро 26.000 евра е превисока, и ние би се сложиле со нив – но цената воопшто не е поентата на овој автомобил – и со досега продадени 30.000 примероци на глобално ниво, очигледно е дека поентата е сосем друга – да се доближат електричните автомобили до купувачите и да станат своевидно секојдневие по улиците. Ова се автомобили наменети за оние кои сакаат секогаш да бидат чекор пред другите и да си овозможат транспорт низ градскиот метеж кој не загадува, а истовремено е исклучително евтин – и тука Mitsubishi има направено полн погодок!

  • Електромотор.
  • Моќност: 66 коњски сили
  • Вртежен момент: 196 Nm / 0 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 130 км/час
  • Забрзување 0-100: 15,9 секунди
  • Должина: 3475 mm
  • Ширина: 1475 mm
  • Висина: 1610 mm
  • Тежина: 1070 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2550 mm
  • Багажен простор: 235 литри
  • Цена на тестираниот модел: Mitsubishi i-MiEV – 25.980 Евра
    Повеќе информации: Mitsubishimotors.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.