full screen background image
Search

ТЕСТ: Mitsubishi Outlander 2.2 DI-D INSTYLE NAVI – Повеќе од само фејслифт!

Кога сегашната генерација на Mitsubishi Outlander се појави на пазарот пред неколку години, изнуди различни реакции од купувачите – но новиот, освежен и редизајниран Outlander ветува многу новитети – а ние први имавме можност да поминеме неколку дена со него!

Кога некои производители прават фејслифт на своите модели, измените се обично дискретни и скоро незабележливи – па ги забележуваат само вистинските фанови на брендот. Mitsubishi реши дека ќе ја искине таа книга со правила и дека ќе подготви фејслифт на Outlander кој ќе понуди значителни измени и реални, вистински подобрувања.

Outlander се појави на пазарот пред неколку години, и иако не можеме да кажеме дека изгледаше лошо, признаваме дека многу поуверливо и попривлечно изгледаше во живо отколку на фотографии. Кога во 2013 го возевме Outlander, се уверивме во неговите теренски способности и робустниот начин со кој Outlander се справуваше со сите предизвици – но сепак посакувавме да изгледа малку попривлечно – дури можеме да кажеме – малку поевропски.

mitsubishi-outlander-frontside

За среќа, Mitsubishi ги слуша своите клиенти, па подготви значително „средновечно“ освежување на Outlander и реагираше на многу од забелешките кои ги слушна, како од новинарите, така и од сопствениците.

Веднаш станува очигледно дека сериозно внимание му е посветено на дизајнот – всушност, да не знаевме дека се работи за фејслифт, ќе бевме уверени дека пред нас е целосно нова генерација на Outlander – толкави се визуелните разлики. На предниот дел на Outlander сега доминираат големите светлосни групи, скоро бескрајните хромирани решетки и централно поставениот знак на Mitsubishi. Признаваме дека големиот SUV на Mitsubishi сега изгледа многу посамоуверено. Страничниот профил не е многу изменет, но благодарение на некои дискретни додатоци изгледа подинамично – тука зборуваме за пластичните заштитни елементи на вратите кои визуелно го прават автомобилот да изгледа малку понизок.

Поврзано:   Несекојдневниот Mitsubishi Eclipse Cross пристигна во Скопје

mitsubishi-outlander-rearside

Кај задниот дел, приказната е иста како и кај предниот – целосно се изменети (и мораме да кажеме, подобрени) светлосните групи кои сега имаат значително потродимензионален лик и веќе ја нема големата линија која ги спојуваше задните светла. Сега задниот дел е значително почист и со поусогласени линии. Сè на сè, визуелните измени се одличен чекор напред!

mitsubishi-outlander-interior1

Слична приказна продлжува и во ентериерот – иако на прв поглед нема значителни разлики, сепак ќе забележите дека има нов управувач, малку изменети прекинувачи и инструменти, и целосно нов мултимедијален уред кој нуди повеќе функционалност и сега е значително полесен за управување. Ни се допаднаа и новите седишта кои сега се поубаво профилирани и покомфорни, но за жал аголот на долниот дел се нагодува само на возачкото седиште. Доволно простор има и на задната клупа, а доколку имате потреба од нив – тука е и третиот ред седишта кон кој релативно лесно се пристапува. Направивме мал експеримент – и со спуштен среден ред седишта, во третиот се седи како во луксузна лимузина!

mitsubishi-outlander-interior2

Имаме некои забелешки во однос на ергономијата – доколку го подигнете возачкото седиште доволно високо за да имате подобра прегледност, тогаш централниот наслон за рака е малку пренизок – би сакале да се нагодуваше по висина. Недостасува и дополнителен отвор за вентилација на задните седишта – има отвори под возачкото и совозачкото седиште, но би било практично ако има уште еден, централно-поставен меѓу предните седишта.

Инаку, немаме многу забелешки во однос на ентериерот – навистина има многу простор, сите површини се обложени со значително поквалитетни материјали, а иако автомобилот е прилично голем – прегледноста е прилично добра. Паркирањето и маневрирањето го олеснуваат паркинг сензорите кои би требало да се неизбежни кај автомобил со волкав габарит. Доколку третиот ред седишта е спуштен, на располагање имате одлични 502 литри вагажен простор, кои нараснуваат сè до 1608 литри кога сите седишта се спуштени!

Поврзано:   Mitsubishi Engelberg Tourer PHEV - Плаг-ин хибрид за оние со авантуристички дух

mitsubishi-outlander-interior3

Луѓето од Mitsubishi гордо истакнуваат дека внимание е посветено и на звучната изолација, и тоа станува очигледно веднаш штом ќе започнете со возење. Не дека во моделот пред фејслифтот беше како во ураган, но во фејслифтираниот модел е значително потивко. На отворен пат значително покомфорно се патува и при повисоки брзини каде автомобилот е прилично самоуверен и стабилен. Кога од него ќе побарате подинамично возење, тогаш веќе неговата големина и тежина се наметнуваат – но ако сме искрени – ова не е автомобил од кој би се барале или пак очекувале спортски перформанси – тука акцентот е на комфорот и опуштеноста зад воланот.

Секако, сето ова би пропаднало во вода ако погонската единица не е погодена – и токму тука Outlander има одличен партнер. Под поклопецот се крие веќе познатиот 2.2-литарски MIVEC турбодизел кој нуди 150 коњски сили и 380 Nm вртежен момент. Комбинацијата од одличниот и прецизен мануелен менувач и моќниот турбодизел ќе ве однесат „до стотка“ за 10.2 секунди, а максималната брзина изнесува 200 километри на час. Според официјалните спецификации, Outlander троши 6.4 литри гориво во градски услови – ние не успеавме да стигнеме до толку ниска бројка, и измеривме нешто под 8 литри, но и тоа не е воопшто лошо, со оглед на тоа дека кога го земавме автомобилот имаше поминато едвај 50-тина километри!

mitsubishi-outlander-frontside-lake

Нашиот тестен Outlander дојде во највисокото ниво на опрема кое се нуди – INSTYLE NAVI. Ќе се обидеме накратко да ги споменеме најважните детали – SAWC (Super All Wheel Control) систем за избирање режим на погон на сите четири тркала, кожни седишта, греење на предните седишта, сончев кров, електричн отворање на петтата врата, мултимедијален уред со навигација, Bluetooth и многу други фунционалности, Rockford Fosgate аудио систем со 9 звучници, паркинг камера, LED дневни светла и предни светла, LED задни светла, 18-инчни алуминиумски фелни, кровни носачи, keyless систем за отклучување, заклучување и стартување, лимитер, темпомат и уште многу, многу друго – сосем држи онаа народната – „нема што нема“!

Поврзано:   Неочекувано: Рапер го претставува новиот Mitsubishi Eclipse Cross

mitsubishi-outlander-rearside-lake

На крајот, останува само уште да го донесеме заклучокот – а заклучокот е: освежениот Outlander доаѓа со доволно нови измени, што некои други производители би го декларирале како нов модел. Новиот изглед е модерен и привлечен, подобрената звучна изолација и надоградените материјали во ентериерот го прават Outlander комфорно место за патување и на подолги десинации, а способностите за теренско возење се само бонус во целата приказна. Кога на сето тоа ќе се додаде практичноста која доаѓа со третиот ред седишта, самиот по себе се наметнува ставот дека фејслифтираниот Mitsubishi Outlander е вистински воин кој ги има сите потребни атрибути. Немојте да го заобиколите!

  • 2.2 литарски турбо-дизелски агрегат, 4 цилиндри, 16 вентили.
  • Моќност: 150 коњски сили / 3500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 380 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 200 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.2 секунди
  • Должина: 4655 mm
  • Ширина: 1800 mm
  • Висина: 1680 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2670 mm
  • Багажен простор: 502 литри
  • Потрошувачка: 6.4 (официјална, градска), 7.9 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Mitsubishi Outlander 2.2 DI-D INSTYLE NAVI – 35.980 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.