full screen background image
Search

ТЕСТ: SsangYong Korando 2.0 CDI 175 Comfort – Рецепт за кршење стереотипи!

SSangYong е скоро непознато име во нашата земја, па решивме да го прифатиме предизвикот и да поминеме неколку дена со Korando – теренецот кој заслужува многу повеќе внимание од она кое го добива!

Всушност – да кажеме дека SSangYong е непознат бренд на нашиве простори не би било фер – сепак, повеќето од нас се сеќаваат на големите Musso теренци кои се појавија пред декада-две и понудија интересна алтернатива на етаблираните брендови – и привлекоа купувачи со својата цена, но и богатата опрема која ја нудеа. Овие големи теренци сега имаат култно следење меѓу малкуте кои ги купија, но се докажаа како издржливи и робустни автомобили кои го положија тестот на времето.

Сепак, тие модели на SsangYong веќе заминаа во историјата, а по нив следеа малку несреќно дизајнираните Actyon, Rodius и ним сличните кои иако нудеа многу простор и „многу автомобил“ за цената, сепак не беа добро прифатени од купувачите. Со цел да го надмине стереотипот на производител чии автомобили се големи и ценовно-прифатлив, но не се визуелно привлечни, корејскиот бренд минативе неколку години има постепена офанзива на нови модели кои имаат забележително попривлечен дизајн, но продолжуваат да се нудат по релативно прифатливи цени и со многу опрема.

ss-korando-front

Пред нас е SSangYong Korando – автомобил кој беше лансиран пред неколку години (и своевремено беше избран за SUV на Годината во Македонија) и кој веќе претрпи еден фејслифт. Нашиот тестен модел е верзијата пред фејслифтот, но измените се воглавно козметички па и нема да замериме многу на тоа. Она што веднаш се воочува едека овој автомобил веќе не е со непривлечен дизајн, туку дека пред нас имаме модерен, дури европски SUV кој помалку наликува на своите германски конкуренти.

ss-korando-rear

Формата е модерна и привлечна, линиите се чисти и јасни и нема непотребни прекршувања. Всушност – покријте ја значката на предниот дел и многу од минувачите нема да препознаат дека се работи за модел на SsangYong – ова воопшто и не изненадува ако земете во предвид дека Italdesign Giugiaro стои зад дизајнот на Korando.

ss-korando-interior

Слична е приказната и во ентериерот – на прв поглед, работите изгледаат современо и робустно. Седиштата се комфорни но не нудат доволно странична поддршка, а иако дизајнот на кокпитот е релативно модерен, сепак мораме да забележиме дека преовладуваат потврди пластики кои не се баш толку пријатни на допир. Од друга страна скоро сите контроли се лесни за употребување, прегледноста е одлична благодарение на големите стаклени површини и лесно се наоѓа комфорна возачка позиција. Нашиот тестен модел дополнително имаше и голем мултимедијален уред со навигација кој релативно добро се снајде по улиците во Скопје и патиштата околу нашиот главен град.

ss-korando-interior2

На задната клупа има повеќе од доволно простор за двајца патници, а по потреба комфорно ќе се сместат и тројца – бидејќи нема издигнување на централниот тунел. Ова е вистинска реткост меѓу ваквите автомобили. Дополнително, на задната клупа има многу простор за колената и главите, па на патниците нема да им биде некомфорно и на подолги патувања. На располагање стојат 486 литри багажен простор – бројка која е меѓу повисоките во класата, а товарењето е особено лесно заради рамниот раб на багажникот и широката врата.

ss-korando-rear-trunk

Маневрирањето во градски услови е релативно лесно – иако се работи за прилично голем автомобил. Големите стаклени површини обезбедуваат одлична прегледност иако Ц-столбот е прилично широк. Ние би посакале и сензори за полесно паркирање на тесните градски паркинг места, но тие се добиваат како дополнителна опрема или во некое од повисоките нивоа.

ss-korando-road

На пат, Korando се однесува токму како што би очекувале еден ваков автомобил да се однесува. Управувачот лесно се врти а менувачот е изненадувачки прецизен. На повисоки брзини на автопат почнува да се забележува дека Korando не е меѓу најстабилните во класата, но не е ништо помалку стабилен од она што очекуваме од теренец. Пријатно нè изненади турбодизелскиот мотор со 175 коњски сили кој повлекува моќно и работи релативно мирно, а измеривме просечна потрошувачка од околу 8.5 литри на 100 километри во градски услови – бројка која е во рамките на очекуваното. Навалувањето во свиоци е забележително, но само ако претерате со брзината. Од друга страна, суспензијата и големите пневматици лесно ги впиваат нерамнините, па возењето по нашите улици (кои не се особено познати по мазниот асфалт) е пријатно и комфорно.

ss-korando-offroad

Сепак, ваквиот тест не би бил доволен доколку не ги пробавме можностите на Korando надвор од асфалтот. Најдовме терен кој ни се виде интересен, го вклучивме погонот на сите четири тркала и го вперивме Korando кон непознат терен – и корејскиот SUV ги надмина нашите очекувања! Лесно се справи со предизвиците кои му ги поставивме и се снајде одлично како на сув, така и на влажен и лизгав терен. Електронската блокада на диференцијалот си ја врши работата и Korando без многу напор се искачи онаму каде го насочивме.

ss-korando-offroad2

Моделот кој ние го имавме на тестирање беше во Comfort ниво на опременост, и дојде со електрично подигнување на прозорците, клима уред, мултимедијален уред чувствителен на допир со навигација, греачи на предните седишта, рачен менувач со шест брзини, електронско заклучување на диференцијалот, ABS, EBD, ESP, ASR и уште грст други електронски системи за безбедност, шест воздушни перничиња, темпомат, 17-инчни фелни и уште многу други ситници кои се потребни за сликата да биде комплетна.

ss-korando-offroad3

Кога зборувавме за кршење на стереотипите – зборувавме за тоа дека иако можеби името на SsangYong и не е најзвучното на пазарот, но сепак ако судиме според Korando – производите кои корејскиот бренд ги нуди воопшто не се за потценување. Има значителен напредок во однос на дизајнот кој не можеме да не го пофалиме, а иако имаме забелешки на некои од материјалите во ентериерот, сепак целосниот пакет ги надмина нашите очекувања. Доколку барате вреден и издржлив соработник кој има теренски таленти, а сте подготвени да погледнете зад значката и името, ќе добиете автомобил кој ќе ги надмине и вашите!

  • 2-литарски турбодизел
  • Моќност: 175 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 360 Nm / 2000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 195 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.8 секунди
  • Должина: 4410 mm
  • Ширина: 1830 mm
  • Висина: 1660 mm
  • Тежина: 1670 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2650 mm
  • Багажен простор: 486 – 1312 литри
  • Потрошувачка: 8.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: SsangYong Korando 2WD 200E Standard – 17.200 Евра
  • Цена на тестираниот модел: SsangYong Korando AWD 2.0 CDI 175 Comfort – 24.000 Евра
    Повеќе информации: Ratola.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.