ТЕСТ: SsangYong Torres 1.5 T-GDI AT6 FWD Forest Edition – Ново име и нов пристап за корејскиот производител – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: SsangYong Torres 1.5 T-GDI AT6 FWD Forest Edition – Ново име и нов пристап за корејскиот производител

Новиот Torres изгледа наметливо и самоуверено – но со што друго ќе ги освојува купувачите новиот јужнокорејски SUV?

Пред нешто повеќе од една година, јужнокорејскиот производител доби нов сопственик и се ребрендираше од SsangYong во KG Mobility. Името потекнува од името на новиот сопственик – конголмератот KG Group, корејска компанија која работи со челик и хемикалии и која стана сопственик на над 60% од SsangYong Motors.

Амбициите на KG Group, односно KG Mobility се „минатото да остане во минатото, а прозиводителот да започне нова ера“. Благодородна цел, но сепак SsangYong има богата историја на доверливи и робустни теренци (кои за волја на вистината, неретко имаа дизајн кој не беше баш најпривлечен на светот) – па затоа не смееме да ги заборавиме гените кои дозволија SsangYong да прерасне во KG Mobility и да се обиде да достигне целосно-нов имиџ.

И одличен пример за тоа е токму Torres, новиот SUV на KG Mobility за кој ќе зборуваме денес. Визуелниот впечаток на Torres е инстантно-доминантен. Уште кога прв пат го возевме Korando, кажавме дека времето на контроверзни дизајни на SsangYong помина и дека новите модели изгледаат привлечно. И навистина – Torres изгледа привлечно.

Да, лесно може да се каже дека препознаваме детали од овој или оној бренд, но финалниот продукт изгледа робустно, самоуверено и наметливо.

Кај дизајнот на Torres нема ништо дискретно.

Нема тука ништо дискретно – од предниот дел со тенките и широки предни светла, како и наметливата предна решетка и големите форми, па преку профилот каде доминираат чистите линии, исфрлените крила и силниот, самоуверен Ц-столб, па сè до задниот дел каде повторно вниманието оди кон големите задни светлосни групи, заштитниот панел во долниот дел од браникот и дискретниот спојлер.

Има и интересни (но за жал нефункционални) детали – на пример, тука се „држачите“ за пренесување со хеликоптер поставени на поклопецот на моторот. Изгледаат одлично, но се таму чисто од естетски аспект. Друг интересен детаљ кој ни се допаѓа е црвеното капаче во предниот браник под кое се крие навојот за окцето за влечење. Ситен елемент, но уште еден детаљ кој наметнува една доза на асиметрија на дизајнот на Torres.

Детаљ кој не ни се допаѓа баш? Би рекле дека сосем е непотребно „лажното резервно тркало“ кое е дел од петтата врата – непотребно гломазен детаљ кој иако треба да асоцира на теренците од минатото на SsangYong и карактеристичното надворешно-поставено резервно тркало, сепак сметаме дека не припаѓа на еден ваков современ SUV.

Огромна кабина, рекорден багажник, многу технологии и богата опрема.

Како што ја отвораме возачката врата, нè поздравува богато-опремена кабина, а првите впечатоци ветуваат. Во кабината препознаваме несекојдневна комбинација на бои, материјали и текстури. Управувачот е во неконвенционална, на некој начин четириаголна форма, а на него гордо стои логото на SsangYong – да, името е сменето, но логото е останато исто.

Седиштата (кои се со загревање и вентилација) се обвиени во одлична комбинација од перфорирана кожа и спортски штоф, додека низ кабината забележуваме комбинација од пластики, кожа и детали во имитација на алуминиум и имитација на дрво. Како и обично – не ни се допаѓа пијано-црниот финиш околу централниот мултимедијален уред и централната конзола.

Сè на сè, кабината изгледа привлечно, иако можеби не изгледа најмодерно. Но затоа ги има сите потребни технологии – пред возачот е поставен помал дигитален дисплеј на кој се прикажуваат најважните информации околу возењето, додека на централната конзола е поставен мултимедијалниот уред со очекуваните системи за поврзување со мобилен телефон. Под тој дисплеј е поставен уште еден, наменет за контрола на клима-уредот, додека под него е поставен безжичниот полнач за мобилни уреди. Централниот мултимедијален уред не e најинтуитивниот мултимедијален уред на светот, па ќе ви бидат потребни ден-два за да откриете каде се „скриени“ некои од функционалностите.

Квалитетот на материјалите е во рамките на очекуваното за сегментот во кој се натпреварува Torres. Некои од пластиките поставени пониско во кабината се поцврсти, но не забележавме непријатни и прегруби пластики. Од друга страна, ергономијата е сосем коректна – лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција, а самата прегледност е подобрена благодарение на големите стаклени површини.

На задната клупа има многу простор – патниците ќе имаат доволно простор како за нозете, така и за главите, дури и ако на предните седишта седат повисоки возач и совозач. Има и практични елементи – како на пример USB приклучоците во задниот на централниот наслон поставени меѓу возачот и совозачот.

Има и огромен багажник. Ама навистина огромен. Кон багажниот простор се пристапува преку големата и правилна петта врата, а самиот багажник е со капацитет од 703 литри, односно дури 1662 литри кога ќе ги преклопите задните седишта.

1.5-литарски турбо-бензинец, автоматски менувач, погон на предните тркала.

Сега можеме да зборуваме и за погонот. Под предниот поклопец се крие 1.5-литарски турбо-бензинец со директно вбризгување кој ја носи ознаката T-GDI. Турбо-бензинецот кој предните тркала испорачува 163 коњски сили од 5000 вртежи во минута, но и одлични 280 Nm вртежен момент од само 1500 па сè до 4000 вртежи во минута. Силата ја испорачува кон предните тркала преку автоматски менувач со 6 брзини изработен од јапонскиот производител AISIN. Ако имаме некаква забелешка на погонот, тогаш таа најверојатно ќе се однесува на менувачот кој при нагло забрзување знае да се однесува малку летаргично при менување на брзините.

Сепак – и покрај понекогаш мрзеливиот менувач – Torres се движи подготвено дури и од пониски вртежи. И покрај масата од 1.6 тони, Torres се задвижува со изненадувачка леснотија. Во ред, овој SUV нема спортски претензии ниту пак ветува нешто такво, но забрзувањето до 100 километри на час за 9.3 секунди е сосем респектабилно. Максималната брзина е 191 километар на час. Во зависност од начинот на возење, можете да очекувате просечна потрошувачка од околу 10 литри бензин на 100 изминати километри.

Torres станува забележително пореспонзивен кога ќе префрлите во Sport режим на работа и во тие ситуации менувачот подолго ги „држи“ брзините, а управувањето добива нијанса повеќе отпор. Но во сите услови на возење, суспензијата е поцврсто калибрирана и обезбедува убава контрола на каросеријата дури и при поагресивно возење. Управувањето е доволно директно и прецизно за Torres верно да ги следи насоките, но не очекувајте фидбек низ воланот.

Од друга страна, Torres – и покрај димензиите – прилично добро се снаоѓа и во градскиот метеж. Прегледноста и лесното серво-управување обезбедуваат лесно маневрирање, а доколку е потребно тука се сите оние сензори и камери кои се веќе стандардна опрема кај современите возила.

Torres го продолжува патот кој SsangYong веќе го започна – но тој пати го оди многу посамоуверено.

И сега, зошто рековме дека ова е нов пристап за SsangYong, односно по ново KG Mobility? Што е тука толку радикално сменето? Па ако сме искрени – ништо не е толку радикално сменето. Torres го продолжува патот кој SsangYong го започна со новите Korando и Rexton, но сега тој пат го оди многу посамоуверено. Torres е горд и подготвен.

Спецификации

Модел: KG Mobility (SsangYong) Torres Forest Edition
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 163 коњски сили / 5000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 280 Nm / 1500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 6 брзини
0-100 км/ч: 9.3 секунди
Максимална Брзина: 193 километри на час
Должина: 4700 mm
Ширина: 1890 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1720 mm
Тежина: 1528 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2680 mm
Багажен Простор: 703 – 1662 литри
Потрошувачка: 10.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: KG Mobility Torres Quartz FWD MT6 – 39.900 Евра
Цена на тестираниот модел: KG Mobility Torres Forest Edition FWD AT6 – 45.900 Евра
Повеќе Информации: SSangYong Automakedonija

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.