Red Dot Awards од 1955-тата година го истакнува најдобриот дизајн во светот во три различни категории, а годинава наградата ја доби токму големиот и електричен KGM Musso EV.
Корејскиот производител (кој до неодамна беше познат како SSangYong, а минатата година се ребрендираше во KGM) гордо кажува дека ова е „успех со нула емисии на штетни гасови“. Red Dot Awards доделуваат награди во три различни категории – Продукт Дизајн, Бренд и Комуникациски Дизајн и Дизајнерски Концепти.
Електричниот пикап KGM Musso EV доби награда во категоријата Продукт Дизајн, а од компанијата истакнуваат дека пикапот добил високи оцени за дизајн кој ја истакнува практичноста и робустноста, како и препознатливото, различно корисничко искуство. Дизајнот на Musso EV комбинира робустен имиџ типичен за пикапи, со рафиниран пристап карактеристичен за електрични возила, а истовремено нуди широка гама на практични елементи.
Жирито го сочинуваат околу 40 експерти од целиот свет и тие ги оценуваат кандидатите од широк спектар на сектори – од мода и забавна индустрија, па сè до уреди за домаќинство, индустриски продукти па и автомобили.
Инаку, електричниот KGM Musso EV користи батерија со капацитет од 80.6 kWh, која овозможува автономија до 419 километри. Задолжен за задвижување на големиот пикап е електромотор кој испорачува 207 коњски сили и 339 Nm вртежен момент. Доколку одберете погон на сите четири тркала, тогаш ќе добиете уште еден таков електромотор и на задната оска.




