Специјалниот Rolls-Royce Nightingale е супер-луксузен електричен кабриолет кој ќе биде произведен во само 100 примероци.
Електричниот Nightingale (Славејче „по нашки“) ја дели основата со електричниот Rolls-Royce Spectre, но е целосно преработен и трансформиран во огромен електричен двосед кабриолет.
На предниот дел доминира огромната Panthen решетка која е изработена од едно единствено парче нерѓосувачки челик. Тука се и тенките вертикални LED предни светла, кои пак се споени со задните светла преку тенки ленти од полиран нерѓосувачки челик кој се протегнуваат низ целата должина (5.76 метри) должина на Nightingale.
Примерокот со кој Rolls-Royce го претстави Nightingale е во Cote d’Azur сина боја во која има дискретни црвени металик елементи. Бојата се комбинира со сребрени детали и мек покрив. Според Rolls-Royce, оваа нежна сина боја е инспирирана од експерименталниот Rolls-Royce 17EX од 1928-мата година.
Во кабината има само две седишта и на сè е посветено максимално внимание. Материјалите се внимателно избрани и врвно обработени за да се добие луксузна, опулентна кабина. Интересен детал е и Starlight Breeze осветлувањето, кое со 10.500 индивидуални оптички влакна се „замотува“ околу патниците. Нивниот распоред не е случаен, туку е добиен со анализирање на звучниот бран на песната на славејот.
И на крај, да зборуваме за цената. Nightingale е значително поевтин од специјалните модели кои Rolls-Royce ги претстави изминативе неколку години. Колку за потсетување, Boat Tail чинеше 23.000.000 Евра, додека се претпоставува дека La Rose Noire Droptail чинеше околу 30.000.000 Евра. Да, тоа се многу нули. Во споредба, Nightingale чини од 7 милиони Фунти, односно нешто над 8 милиони Евра.
Џабе.















