full screen background image
Search

Mercedes-Benz ML оди во пензија, на неговото место доаѓа GLE!

Во согласност со новата номенклатура на Mercedes-Benz, ML-класата заминува во историјата, а големиот и освежен луксузен теренец сега ќе го носи името GLE!

Луѓето од Mercedes-Benz се горди на освежувањето кое го подготвија за ML-класата. Благодарение на технолошките и козметичките промени кои ги доби автомобилот – оправдано е и новото име – автомобилот сега ќе се вика GLE.

Она што се забележува е значително изменетиот преден дел, кој сега наликува на оној од GLE Coupe. Веднаш забележуваме нови предни светла и нов браник, нови крила, нов поклопец на мотороти и уште многу ситни измени. Задниот дел го красат изменетите LED задни светла, изменетите завршетоци на издувниот систем и редизајнираниот заден браник.

mercedes-benz-gle-interior

Во внатрешноста се забележуваат нов управувач и нов 7-инчен мултимедијален уред, но нема многу значителни промени во и онака импресивниот ентериер. Она што ќе биде интересно за купувачите е новиот GLE 500e 4MATIC plug-in хибрид – првиот SUV на Mercedes-Benz од овој вид. Овој модел користи 3-литарски твин-турбо V6 бензинец со 333 коњски сили и 480 Nm, кој соработува со електромотор кој испорачува дополнителни 115 коњски сили – всушност, ова е истиот погон од големиот S500e. Силата се пренесува кон сите четири тркала преку 7G-Tronic менувач, а возачот ќе може да избере меѓу четири режими на работа – Hybrid, E-Mode, E-Save и Charge.

mercedes-benz-gle-rear

Доколку решите да го возите GLE 500e во E-Mode, ќе успеете да поминете до 30 километри при брзини до 130 километри на час. Според Mercedes-Benz, овој хибрид има потрошувачка од само 3 литри гориво на 100 километри. Доколку сакате нешто друго, тука е GLE 250d со 2.1-литарскиот турбодизел со 4 цилиндри и 201 коњска сила, потоа GLE 300d со 255-коњски V6 турбодизел, GLE 400 со 333-коњски твин-турбо V6 бензинец и GLE 500 со твин-турбо V8 бензинец кој испорачува 435 коњски сили.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Новиот Mercedes-Maybach S-Class е гигантска супер-супер-луксузна лимузина

На врвот на понудата е моќната AMG изведба која ќе се нуди во две варијанти – Mercedes-AMG GLE 63 со 557 коњски сили, или Mercedes-AMG GLE 63 S со 577 коњски сили. Обете верзии го користат моќниот 5.5-литарски твин-турбо V8 бензинец на AMG.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.