ПРЕМИЕРА: Прв пат целосно-електрична – Mercedes-Benz ја претстави новата C-Class – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Прв пат целосно-електрична – Mercedes-Benz ја претстави новата C-Class

Mercedes-Benz денес и официјално ја претстави новата C-Class, за која кажува дека е „најспортската C-Class досега“. Тоа се големи зборови.

Ако само кажеме дека Mercedes-Benz прави сериозен исчекор со новата C-Class, едноставно нема да кажеме доволно. Новата C-Class се разликува и дизајнерски, и технолошки, па и погонски од моделот кој го заменува.

На предниот дел едноставно доминира големата, ретро-инспирирана решетка (модерно интерпретирана, секако) која оддава почит на старите легендарни модели како W111 и W108. Огромната, безмалку вертикална површина зрачи со самодоверба, па дури и доза на ароганција. Оваа дизајнерска насока веќе дебитираше кај електричниот GLC, но всушност за прв пат ја видовме кај Vision Iconic. Во маската има и 1050 осветлени пиксели за уникатен светлосен потпис дури и ноќе.

Плус, гордо можеме да кажеме дека на дизајнот на C-Class работеше нашиот пријател Славче Таневски, кој во моментов е во Португалија на светската премиера.

Новата C-Class дебитира со изведбата C400 4MATIC Electric. Океј, а што значи тоа? Сега за сега, ова е врвниот модел кој кон сите четири тркала испорачува 480 коњски сили и 800 Nm вртежен момент, достигнува 100 километри на час за рамно 4 секунди и според WLTP мерењата може да помине 762 километри со едно полнење.

800-волтната технологиоја овозможува брзо полнење, односно надополнување 325 километри во батериите за само 10 минути, а од Mercedes кажуваат дека со едно кратко застанување за полнење, C-Class лесно поминува 1000 километри.

Електромоторите се хранат од батерија со капацитет од 94 kWh, која се полни со максимални 330 kW. Од Mercedes најавуваат и други варијанти со погон на задните или на сите четири тркала кои ќе бидат најавени во текот на следната година. Сега за сега нема информации околу верзии со мотори со внатрешно согорување, но очекуваме C-Class да го следи примерот на CLA – и тој модел беше претставен како целосно-електричен, за потоа да бидат преставени и верзии со конвенционални погонски опции.

Поврзано:  Новиот Mercedes-Benz EQS ќе добие Steer-By-Wire

Кабината е безмалку идентична на онаа во GLC – а тоа значи огромен 39.1 инчен дисплеј кој ја покрива скоро целата арматурна табла. Hyperscreen-от е врв на дигиталната понуда во C-Class, а тука е и Superscreen кој комбинира три екрани за да понуди алтернативно дигитално искуство.

Благодарение на платформата која е специјално развиена за електричен погон, Mercedes-Benz ветува и многу простор во кабината. Меѓуоскиното растојание е зголемено за скоро 10 сантиметри во однос на конвенционалниот модел, а тоа значи повеќе простор за нозете, повеќе простор во багажникот, но и преден багажник. Важен новитет е и системот за управување на задните тркала, а благодарение на опционалната воздушна суспензија, Mercedes-Benz ветува „патување како во S-Class“. Големи зборови.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.