Новиот Mercedes-Benz CLA пристигна во Македонија – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новиот Mercedes-Benz CLA пристигна во Македонија

Во салонот на Мак Аутостар од денес е изложена најновата, трета генерација на несекојдневниот компактен купе-седан на Mercedes-Benz.

Најновата, трета генерација CLA пристигна и во Македонија. Автомобилот кој е овогодишен Европски Автомобил на Годината е целосно-нов – доаѓа со нова платформа, нови технологии, нов дизајн, нов целосно-електричен или хибриден погон и многу, многу повеќе.

Дизајнот на новиот CLA е директно базиран на Concept CLA кој Mercedes-Benz го претстави уште во 2023-тата година. Интересно, светлата се целосно издвоени од предната решетка, но се споени во едноделен светлосен елемент. Кај електричната верзија, предната решетка е осветлена со дури 142 индивидуални LED елементи, а кај секоја верзија трокраката ѕвезда може да се забележи и во предните светла.

Силуетата е ниска и флуидна, со силен фокус на аеродинамиката. Новиот CLA е цели 35 милиметри подолг, 25 милиметри поширок и 29 милиметри повисок од моделот кој го заменува. Од Mercedes-Benz тврдат дека ова резултира со значително покомфорна кабина. Багажникот е со капацитет од 405 литри, а електричните верзии имаат и преден багажник (прагажник?) од 101 литар.

Ентериерот е вистински фестивал на високата технологија. Новиот CLA е поставен на Mercedes Modular Architecture платформата, која пак овозможува навистина хај-тек решенија. Во кабината доминира огромниот главен панел кој вклучува три екрани – 10.25 инчи за возачот, 14-инчен централен дисплеј и 14-инчен дисплеј за совозачот. Mercedes ова го нарекува MBUX Superscreen, a ќе биде достапна и поковенционална изведба со два екрани.

Секако, сето ова значи дека искуството во CLA е темелно дигитализирано. MBUX виртуелниот асистент користи AI, односно се базира врз ChatGPT и Microsoft Bing, но и Automotive AI на Google. Тука се и неизбежните системи за асистенција во возењето.

За новиот CLA, Mercedes-Benz разви сосем нов мотор со кодна ознака M252. Ова е нов, 1.5-литарски турбо-бензинец со четири цилиндри со хибридна компонента. Се комбинира со 8-брзински e-DCT автоматски менувач. Според Mercedes-Benz, новиот мотор е помал и цели 17% полесен од моторот кој досега се користеше во А-класата и CLA. Батеријата е мала (само 1.3 kWh) и е поставена под возачкото седиште. CLA 180 има 156 коњски сили, CLA 200 има 184 коњски сили и на самиот врв на понудата е CLA 220 со 211 коњски сили.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz ја претстави освежената S-Class

Доколку сакате да возите на струја, достапни се 224, 272 и 354 коњски сили. Во зависност од конфигурацијата, Mercedes-Benz ветува автономија од нешто над 690, па се до скоро 780 километри.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.