Mercedes-Benz се подготвува да ја претстави новата електрична C-Class за само ден-два, но во меѓувреме ни ја откри кабината на најновата генерација на „воведниот“ премиум седан.
Океј, нема бегање од вистината – ова е навистина огромен екран. На арматурната табла е поставен огромен едноделен MBUX Hyperscreen кој веќе го видовме и кај електричниот GLC, но од Mercedes-Benz кажуваат дека новиот ентериер на електричниот седан е „прибежиште ориентирано кон возачот“. Не знаеме дали и C-Class ќе го добие огромниот едноделен 39.1 инчен екран кој се вградува во GLC, но очекуваме дека ќе биде истиот.
И има (некаква) логика позади ова решение. Од Mercedes-Benz кажуваат дека со еден огромен екран се намалува потребата за разно-разни нивоа во софвтерот и дека повеќето функционалности се веднаш достапни на допир. Океј, веднаш се достапни и ако се на физичко копче, но трендовите се такви какви што се, а купувачите сè повеќе сакаат ваков современ дигитален интерфејс. Сепак, на фотографиите можеме да забележиме некакви физички контроли, како и капацитативни контроли на управувачот.
Од Mercedes-Benz кажуваат дека покрај огромниот Hyperscreen ќе биде достапен и нијанса поконвенционален Superscreen кој комбинира три индивидуални екрани и ќе се нуди кај пониските нивоа на опрема. Интересно е што од Mercedes-Benz ветуваат дека новата електрична C-Class ќе биде најдобрата и најспортската досега, но и дека истовремено ќе нуди повеќе простор од било кога. Ветуваат и исклучителен комфор благодарение на нови, прилагодливи седишта и многу, многу опрема. Секако, покрај електричната, Mercedes-Benz ќе понуди и верзија со конвенционални бензински и дизел мотори, како и плаг-ин хибридни варијанти.
Премиерата е закажана за 20-ти Април.





