full screen background image
Search

ТЕСТ: Mazda 6 2.2 Skyactiv-D Ultimate – Несекојдневно привлечен автомобил!

Третата генерација на Mazda 6 не ни е непознат автомобил – веќе редовно го гледаме на нашите улици и секој пат ни го задржува погледот. Токму седан-изведбата на Mazda 6 беше автомобилот со кој поминавме неколку дена.

Ова не е нашиот прв состанок со Mazda 6 – веќе ја возевме караванската изведба и останавме импресионирани од спортскиот карактер на големиот јапонски крстосувач. Сепак, моравме да седнеме и зад воланот на „традиционалниот“ седан и во текот на неколку дена вистински да се запознаеме со неговиот карактер и да ги откриеме неговите способности.

Како и кај сите автомобили, првиот впечаток го остава дизајнот – и токму тука Mazda 6 е неколку нивоа над традиционалната и помалку конзервативна конкуренција. Mazda 6 едноставно изгледа привлечно. Традиционалната форма на седан е одлично интерпретирана а од скоро секој агол како да се бори да излезе притаената спортска природа на автомобилот. Според нас, ова е најефективната изведба на KODO дизајнерската филозофија на Mazda.

mazda-6-carclub-side

На предната страна доминираат големите светла и широката маска на ладилникот, страничната линија потсетува на спортските купеа, а задниот дел одлично ја комплетира целосната слика за комфорен крстосувач со спортски претензии. Генерално, немаме никакви забелешки за дизајнот – само изберете ја вистинската боја (би требало да се забрани овој автомобил да се продава во било која боја освен официјалната црвена) и вистинските фелни (нашиот автомобил е поставен на големи, 19-инчни фелни) и верувајте – нема да згрешите!

mazda-6-carclub-side-rear

Во внатрешноста ќе ве пречека комфорна и пространа кабина. Ергономијата е на завидно ниво, но ќе забележиме на цврстината на некои од пластиките во ентериерот, како и малку застарениот мултимедијален уред со вградена навигација. Сепак, лесно се пронаоѓа комфорна возачка позиција а прегледноста е задоволителна со оглед на големината на автомобилот. На задната клупа има навистина многу простор – дури повеќе простор отколку кај некои од Германските ривали кои припаѓаат во една класа погоре.

Поврзано:   ТЕСТ: Mazda 3 2.0 Skyactiv-G Mild Hybrid

Благодарение на широките врати лесно се пристапува кон задниот дел, а патниците ќе имаат сосем доволно простор. На располагање ќе имате 489 литри багажен простор, кои се сосема доволни за да го собере сиот багаж кој ви е потребен. Доколку имате потреба од повеќе простор, тука е секогаш караванската изведба.

mazda-6-carclub-details

Бидејќи нашиот тестен модел беше со највисокото ниво на опрема, можевме да уживаме во одличниот Bose аудио систем, сончевиот кров, Bluetooth поврзувањето со мобилни уреди, греењето на седишта (кое за волја на вистината не ни стреба, но го проверивме како функционирa – и навистина функционира) како и многу други ситници кои живот значат. Од особено значење е камерата за движење наназад која мораме да инсистираме да ја нарачате – сепак ова е автомобил кој е долг скоро 5 метри!

Бидејќи поминавме неколку дена со Mazda 6, можевме да ја испробаме во различни услови на возење – како низ град, така и на отворен пат. Низ град Mazda 6 е забележливо и привлечно возило кое и покрај својата големина лесно се снаоѓа низ градскиот метеж. Да, можеби ќе Ви треба малку повеќе време да најдете место за паркирање, а и кога ќе го најдете еден дел од вашето возило ќе излегува од него, но тоа се компромиси кои ние сме подготвени да ги направиме. Кога на автомобилот ќе му поставите предизвик, и ќе го поставите пред свиоци, бидете сигурни дека Mazda 6 нема да ве разочара. Благодарение на добро поставената шасија, Mazda 6 подготвено реагира на сите инструкции од управувачот. Реакциите се инстантни и ви влеваат доверба во автомобилот за уште повеќе да ги откривате неговите граници. Кога ќе претерате се јавува дискретно подуправување, но тоа лесно се корегира а автомобилот ја задржува саканата линија.

Поврзано:   Mazda влегува во Touring Car Racing со новата 3 TCR!

mazda-6-carclub-front-turn

На автопат при повисоки брзини се јавува малку бучава од ретровизорите која се пренесува и кон задните седишта, но сè на сè – возењето е комфорно и опуштено. Одличен додаток е и радарскиот темпомат кој го следи возилото пред вас и соодветно реагира во разните услови на возење.

Нашиот тестен модел беше опремен со 2.2-литарскиот SKYACTIV-D турбодизел, во комбинација со автоматски менувач. Автомобилот нуди 175 коњски сили и импресивни 420 Nm вртежен момент. 100 километри на час пристигнуваат за 8.4 секунди а максималната брзина изнесува 216 километри на час. Доколку одлучите да го нарачате вашиот автомобил со мануелен наместо автоматски менувач ќе добиете забрзување до 100 километри на час за 7.8 секунди и максимална брзина од 223 километри на час.

mazda-6-front-highway

Моторот работи тивко и подготвено реагира на сите инструкции – дури и звукот кој се добива не е карактеристично дизелски. Mazda ветува потрошувачка во градски услови од 6 литри на 100 километри, а ние измеривме потрошувачка во град од околу 8.4 литри на 100 километри, додека на отворен пат измеривме околу 7.5 литри на 100 километри.

mazda-6-front-highway-rear

Секако, мораме да одвоиме малку време и за безбедноста – аспект на кој инженерите на Mazda имаат посветено многу внимание. Многуте системи за активна и пасивна безбедност, но и многуте воздушни перници ќе се потрудат да ви понудат максимално безбедно патување и соодветна заштита при евентуална незгода. За високото ниво на активна и пасивна безбедност зборуваат и 5-те ѕвездички освоени на EuroNCAP тестирањата. Тука се системот кој ве предупредува кога ја напуштате лентата на движење, системот што ве предупредува кога има автомобил во слепата точка, системот за автоматска контрола на долгите светла, осумте воздушни перници, системот за автоматско кочење во град, системите за спречување на пролизгување, за стабилност и против блокада при кочење, и уште многу, многу други работи кои можат да ја направат суштинската разлика при непријатна ситуација.

Поврзано:   Mazda 2 добива обновување на екстериерот и нови технологии

Mazda 6 е еден од оние ретките автомобили за кои навистина ни е тешко да издвоиме нешто што не ни се допаѓа. Да, би сакале пластики во ентериерот кои се малку помеки на допир, но главните забелешки завршуваат таму. Ние би го избрале мануелниот наместо автоматскиот менувач, но со сигурност би го избрале ова ниво на опрема. Всушност, за опремата можеме да збориме уште многу, но верувајте – нема што нема. Дизајнерски, Mazda 6 е глава и рамења над конкуренцијата и благодарение на дизајнот Mazda 6 цело време ги привлекува погледите на минувачите. Со задоволство и без никаква резерва можеме да ја препорачаме (и сме ја препорачале) 6-ката на нашите пријатели!

mazda-6-front-highway2

  • 2.2 – литарски турбо-дизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 175 коњски сили / 4500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 420 Nm / 2000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 216 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.4 секунди
  • Должина: 4870 mm
  • Ширина: 1840 mm
  • Висина: 1450 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2830 mm
  • Багажен простор: 522 литри (1648 со спуштени задни седишта)
  • Потрошувачка: 6 (официјална, градска), 8.4 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Mazda 6 2.2 CD 175 SKYACTIV-D Challenge 6AТ – 35.980 Евра
    Повеќе информации: Mazda-mk.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.