ТЕСТ: Mercedes Benz C-Class C220 BlueTEC AMG Sport – Вовед во аристократија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mercedes Benz C-Class C220 BlueTEC AMG Sport – Вовед во аристократија!

Новата C-Class на Mercedes-Benz се соочува со сериозна конкуренција во сегмент каде навистина многу работи се важни – погледнете како поминавме ние со овој несекојдневен автомобил!

За почеток – да позборуваме малку за продажбата. C-Class е најважен автомобил во гамата на Mercedes заради тоа што токму овој автомобил е автомобилот кој компанијата највеќе го продава. Да, големата S-Class е она кон кое сите би требало да се стремиме, но сепак тоа е автомобил кој се гордее со својата ексклузивност. Колку да ги ставиме работите во вистинската перспектива – од скоро 1.5 милиони продадени автомобили во 2013-тата година, малку над 300.000 продадени примероци беа токму од Ц-класата. Ако таа бројка ја споредиме со 240.000 продадени примероци на E-Class, односно скоро 28.000 продадени примероци на S-Class, работите стануваат многу појасни, а важноста на C-Class уште поразбирлива.

Значи – заклучокот дека C-Class е екстремно важен модел за Mercedes-Benz самиот се наметнува. Инженерите и дизајнерите на компанијата одлично ја разбрале оваа важност и заедно со челниците на Mercedes-Benz решиле да направат автомобил кој не само што ќе може да се носи рамо до рамо со европските и јапонските конкуренти, туку и без никакви потешкотии да ги надмине. Но сепак, да одиме по ред..

mercedes-benz-c-class-side-rear

Прв на дневниот ред е дизајнот. Кога прв пат се појавија официјалните фотографии од новата C-Class, реакциите беа измешани. Имаше коментари дека изгледа одлично, но имаше и коментари дека е чекор назад во однос на минатата генерација. Сепак, сега кога автомобилот е пред мене и можам во живо да ги видам неговите линии, можам слободно да кажам дека негативните коментари се навистина непотребни. Да, доколку некој нарачува C-Class би инсистирал да го нарача со одличниот AMG Sport пакет, но реалноста е дека C-Class ја имаа онаа доза на аристократија, помпезност, па и горда ароганција која еден автомобил со трокраката ѕвезда мора да ја има. Скоро вертикалната предна решетка и знакот кој гордо стои на неа уште од далеку најавуваат дека пристигнува автомобил кој е различен од другите. Истиот горд дизајн се провлекува и низ остатокот од автомобилот, а благодарение на cab-rearward дизајнот (патничката кабина е поставена поназад, поблиску до задните тркала), целиот автомобил оддава аура на агилност и динамичност, но и рафинираност и луксуз.

mercedes-benz-c-class-side-interior1

Но сепак, онаму каде највеќе се забележува напредокот постигнат со новата генерација на C-Class е токму во ентериерот. Не можам да кажам дека ентериерот на минатата генерација беше лош, но сепак не беше она што би можел да биде. Сега со задоволство можам да кажам дека дизајнерите и инженерите одлично си ја завршиле својата работа. Уште при првиот контакт со ентериерот станува јасно дека целта била да се постигне ниво на луксуз кое конкурентите во оваа класа ќе мораат да поработат за да го достигнат. Сите површини се обложени со меки и квалитетни материјали, седиштата се комфорни и нудат странична поддршка, а благодарение на високо поставените рабови на страничните прозорци во внатрешноста преовладува чувство на безбедност и сигурност. Да кажам дека ентериерот е полн погодок нема да биде доволно. За целосно да го опишам ентериерот, ќе кажам дека очигледна инспирација бил ентериерот на S-Class. Она што е интересно е дека Mercedes-Benz воведува некои нови решенија во поглед на прекинувачи, контроли и копчиња кои на прв контакт се малку нејасни, но откако ќе се навикнете на нивната положба и начинот на кој работат, се прашувате како воопшто нешто може да работи на било кој друг начин.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Mercedes-AMG PureSpeed е специјален, супер-лимитиран роудстер со инспирација од F1

mercedes-benz-c-class-side-interior2

Прегледноста е добра но малку компромитирана баш заради високиот раб на прозорците. Добро, ова се надминува ако го поставите возачкото седиште малку повисоко, а за движење наназад тука е паркинг камерата која едноставно морате да ја нарачате – движењето и паркирањето во градскиот метеж ќе ви биде значително олеснето.

На задната клупа има сосем доволно место за двајца патници кои ќе патуваат во максимален комфор. По потреба меѓу нив може да се смести и трет патник, но би препорачале тоа да биде само на пократки релации – имајте во предвид дека на средниот патник ќе му смета и тунелот за трансмисија која ја пренесува силата од моторот кон задните тркала. C-Class нуди багажен простор со зафатнина од 480 литри, што е во рамките на она што се очекува од автомобили во оваа класа. За оние кои сакаат повеќе простор, тука е караванската изведба.

mercedes-benz-c-class-side-interior3

Опремена со 2.1-литарскиот турбодизел (благодарение на кој ја носи и ознаката C220), новата C-Class лесно се движи како низ градскиот метеж, така и на отворен пат. Моторот нуди 170 коњски сили при 3000 вртежи во минута и одлични 400 Nm вртежен момент достапни од 1400 вртежи во минута. Доколку го одберете мануелниот, 6-степен менувач C-Class забрзува до 100 километри на час за одлични 8.1 секунди и постигнува максимална брзина од 234 километри на час. Моторот е малку бучен, но звукот кој го оддава може да се опише и како моќен и привлечен, и покрај тоа што се работи за дизелски мотор. Без разлика во кој степен на пренос е автомобилот, со секое притискање на педалата за гас забрзувањето е неизбежно и моќно – но сепак, она што навистина ме изненади е економичноста на овој мотор. Дури и при возење кое не би го нарекол дефанзивно ниту од далеку, автомобилот не потроши повеќе од 8 литри на 100 изминати километри. Во еден момент возејќи низ Скопскиот метеж успеав да забележам потрошувачка од само 5.8 литри на 100 километри!

mercedes-benz-c-class-front-side

Секако, огромна улога тука игра и Agility селекторот кој беше дел од тестниот модел. Овој селектор ви дозволува да изберете меѓу неколку различни режими на работа и соодветно ги прилагодува контролите во возилото. Доколу возите во Eco режим тогаш одзивот на гаста е малку затапен и клима уредот работи во еколошки режим, па полесно се постигнуваат ниски бројки за потрошувачката. Доколку го ставите автомобилот во Sport или Sport+ режим на работа, тогаш работите стануваат различни – автомобилот едноставно се трансформира! Одзивот на педалата за гас е инстантен, управувачот станува спортски потежок и автомобилот е едноставно подготвен да одговори на вашите барања. Во Sport+ режимот, при менување од повисок во понизок степен на пренос, автомобилот самиот додава малку меѓу-гас за да го направи менувањето помазно, но и да го зголеми спортското чувство при возењето – одличен детал!

mercedes-benz-c-class-side-rear2

Кога веќе зборував за Agility селекторот, морам да позборувам и за останатите „играчки“ кои беа дел од тестниот модел. Веќе ги спомнав одличните и комфорни седишта, но на тоа ќе ги додадам и навигацискиот уред, одличниот аудио уред со неколку различни можности за поврзување со екстерни извори на музика, Bluetooth конекцијата за мобилен телефон, интересниот контролер кој е осетлив на допир, паркинг камерата и сензорите, темпоматот, и уште многу други ситници. Сепак, она што највеќе ми остана во сеќавање се одличните LED предни светла кои осветлувањето го носат еден чекор понатаму. Дозволете да објаснам – покрај тоа што самата светлина која овие уреди ја оддаваат е моќна, самите уреди овозможуваат насочување на светлината како што е потребно – вртењето на насоката на светлината во свиоци е само почеток на приказната. Доколку на автопат ги пуштите долгите светла нема потреба да ги исклучувате кога има автомобил во спротивната насока, или пак автомобил пред вас – благодарение на сензорите и камерите кои се дел од овие светлосни уреди, автомобилот самиот ќе ги препознае другите учесници во сообраќајот и ќе ја прилагоди, односно помрдне светлината за да не им пречи. Магија!

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Електричниот Mercedes-Benz G-Class го има сиот вртежен момент на светот!

mercedes-benz-c-class-details1

Сега веќе можеме да зборуваме и за уживањето зад воланот. Погонот на задните тркала си го прави своето – и го трансформира C-Class од автомобил во автомобил во кој би можел да ужива секој ентузијаст. Задниот дел е подготвен да заигра кога ќе го побарате тоа од него, но секое движење е контролирано и предвидливо. За релативно голем автомобил, C-Class агилно и подготвено ја менува насоката на движење согласно вашите инструкции, а системот за стабилност ќе ви дозволи да пролизгате во некој свиок баш толку, колку што е потребно и забавно. Од друга, доколку тоа го побарате од него, C-Class ќе ви понуди безбедно, стабилно и мирно возење. Оваа „дволичност“ на автомобилот совршено ќе им одговара на оние кои сакаат мирен и комфорен крстосувач, но од време на време сакаат и автомобил кој може да пружи вистинска забава!

mercedes-benz-c-class-wheel

Возењето е комфорно и автомобилот ги впива нерамнините од патот, и покрај големите 18-инчни тркала и AMG суспензијата која е дел од AMG Sport пакетот. Да, не е најкомфорната опција во светот, но доколку го штиклирате AMG Sport пакетот кога ја нарачувате вашата C-Class (а ви препорачувам да го направите тоа), тогаш би требало да бидете подготвени за поспортското возење кое ќе ви го понуди. Мануелниот менувач е малку непрецизен на моменти, но тука е опцијата за автоматскиот 7G-Tronic Plus менувач за оние кои преферираат да не вложуваат напор во менување брзини. Дополнителна придобивка од автоматскиот менувач е и нешто подоброто забрзување до 100 километри на час од 7.8 секунди. За безбедноста се задолжени многуте воздушни перници и активни безбедносни системи, а за одличната безбедност при патување сведочат и 5-те ѕвездички кои новата C-Class неодамна ги доби на EuroNCAP тестирањата.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Електричниот Mercedes-Benz G-Class го има сиот вртежен момент на светот!

Претпоставувам дека би можел уште многу за зборувам за новата C-Class на Mercedes-Benz. На крајот можам само да го додадам мојот заклучок дека мене ми беше навистина жал кога требаше да го вратам. Комбинацијата од привлечен и горд дизајн, одличниот ентериер и многуте „играчки“ го прават C-Class да биде неодолива комбинација на сите овие елементи. Автомобил кој привлекува внимание, но има и многу да понуди. Mercedes-Benz во вистинската смисла на зборот. Вистински, аристократски Мерцедес. Мечка.

mercedes-benz-c-class-front-road

  • 2.1-литарски турбо-дизелски мотор, четири цилиндри
  • Моќност: 170 коњски сили / 3000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 400 Nm / 1400 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 234 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.1 секунди
  • Должина: 4686 mm
  • Ширина: 2020 mm
  • Висина: 1442 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2840 mm
  • Багажен простор: 480 литри
  • Потрошувачка: 5.0 (официјална, градска), 6.8 (измерена, градска)
  • Цена на основен модел: Mercedes-Benz C-Class C220 BlueTEC – 38.675 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Mercedes-Benz C-Class C220 BlueTEC AMG Sport – 58.000 Евра
    Повеќе информации: Mercedes-Benz.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.