full screen background image
Search

ТЕСТ: Mercedes-Benz GLA 200 CDI – Модерен компактен SUV за оние кои бараат нешто различно!

Желбата да се пополни секоја нишка на пазарот и да се привлечат колку што е можно повеќе купувачи ги мотивира производителите да понудат интересни и иновативни модели – а новиот GLA на Mercedes-Benz е токму таков автомобил.

Во ред – ќе признаеме дека на прв поглед GLA изгледа како A-Class на повисока суспензија. Се познава фамилијарната „структура“ која ги поврзува моделите кои се изградени врз мега-популарната и успешна A-Class, а меѓу нив се вбројуваат и CLA, како и автомобилот за кој зборуваме денес – моделот GLA.

mercedes-benz-gla-side

Mercedes всушност го претставува GLA како претставник на SUV категоријата. Во ред, но ние сепак би рекле дека тука се работи за мошне успешно изведен Crossover. Да, за разлика од многу други кросовери, GLA може да се нарача и да се добие со погон на сите четири тркала, па тоа можеби и го издига едно скалило погоре. Од друга страна, дизајнот е примамлива еволуција на оној кој веќе го познаваме од A-Class и CLA – карактерните линии се воглавно слични, но малку поинаку изведениот заден дел на автомобилот му дава една доза на робустност и подготвеност да се справи со различни терени која недостасува кај другите членови на фамилијата. Она што веднаш го издвојува GLA од неговите браќа е повисоката поставеност на каросеријата која може да биде помеѓу 155 и 204 милиметри од подлогата, а спортскиот профил му дава изглед на модерно SUV-купе. Дополнително, нашиот тестен автомобил беше „дотеран“ со таканаречениот Night пакет со кој сите надворешни пластики се покриени со сјајна црна боја. Контрастот на овој пакет со белата боја, го правеше GLA веднаш забележлив за минувачите.

mercedes-benz-gla-rear

Сепак, автомобилот е веднаш препознатлив како Mercedes-Benz, а со тоа се наметуваат и некои очекувања кои еден припадник на ова кралско семејство мора да ги исполни. Тука зборуваме за квалитетни материјали, одлична завршна изработка и чувство на премиум кое мора да биде присутно во секој сегмент на користењето. Mercedes-Benz го замисли GLA како директен конкурент на веќе докажаните и популарни Audi Q3 и BMW X1, а со тоа да добие и присуство кај помалите претставници на луксузните SUV возила. Автомобилот може да се нарача со погон на предните или на сите тркала, а купувачите можат да изберат меѓу неколку 4-цилиндрични бензински и дизел мотори. На врвот, секако е GLA 45 AMG кој нуди 350 коњски сили.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Mercedes-AMG A 35 4Matic Sedan - Компактен седан со 306 коњски сили!

mercedes-benz-gla-interior

Вратите се отвораат широко и пристапот кон ентериерот е лесен. Инструментите и контролите се веднаш препознатливи за некој што барем еднаш седнал зад воланот на некој модел на Mercedes-Benz. Скоро сите површини се покриени со квалитетни материјали а завршната обработка е на највисоко ниво. Панорамскиот кров е приказна сама за себе – благодарение на него, ентериерот е одлично осветлен и има едно чувство на воздушност и отвореност кое е навистина пријатно изненадување. Има некои пластики кои иако не се груби, сепак би можеле да бидат малку поквалитетни, но сè на сè – ова е пријатно место за седење. Во внатрешноста, барем на предните седишта има многу простор.

mercedes-benz-gla-roof2

Одлуката на Mercedes-Benz да се премести рачката за менувачот од својата вообичаена позиција меѓу предните седишта горе на столбот на самиот управувач е за поздрав – бара малку навикнување, но сепак се ослободува многу простор за оставање дребулии. Седиштата се комфорни а прегледноста нанапред е одлична. Прегледноста кон задниот дел е ограничена, но тоа е цената која мора да се плати за таа модерна купе-линија која GLA толку гордо ја носи. Маневрирањето и паркирањето во градскиот метеж значително го олеснува паркинг-камерата која беше дел од опремата на нашиот тестен модел, а ние ви препорачуваме да ја нарачате доколку се одлучите да купите GLA.

mercedes-benz-gla-roof

На задните седишта е малку потесно, но во рамките на она што е очекувано во класата. Отворите на задните врати кои се малку помали го прават влегувањето и излегувањето малку потешко, но штом ќе се сместат двајцата патници на задната клупа, имаат доволно простор и за подолги патувања. Не би препорачале тројца патници да се борат за место на задната клупа, но доколку е потребно за пократки релации тоа е сосем изводливо. Доколку решите вашиот GLA да го земете на подолго патување, ќе имате на располагање 421 литар багажен простор, односно 1235 литри доколку се спуштени задните седишта.

Поврзано:   Утринска Гимнастика: Започна производството на електричниот Mercedes-Benz EQC

mercedes-benz-gla-rear-road

Сега веќе можеме да зборуваме и за моторот. Опремен со 2.1-литарскиот турбодизел, GLA може да се пофали со сосема задоволителни перформанси – како низ град и на отворен пат, така и на бензинските пумпи. Моторот нуди 136 коњски сили од 3400 вртежи во минута и 300 Nm вртежен момент од само 1400 вртежи во минута.

Официјалните бројки кажуваат дека забрзувањето до 100 километри на час трае 9.9 секунди и дека максималната брзина е 205 километри на час – перформанси кои се задоволителни за секојдневниот возач и неговите потреби.

Ние измеривме потрошувачка од околу 7.3 литри во градски услови а емисијата на штетни гасови изнесува 114 грама CO2 на изминат километар.

 

По Скопските улици GLA се покажа како одличен сопатник. Благодарение на широките и високи гуми, но и повисоката суспензија, GLA многу лесно ги впива и филтрира сите нерамнини од патот. Она што е мошне позитивно е дека комфорното возење не значи пренагласено навалување во кривини – напротив, GLA останува неутрален благодарение на малку поцврстите амортизери. Возењето е мирно и тивко, а работењето на моторот во кабината е поосетно само при поагресивно пристискање на педалата за гас. Управувањето е понаклонето кон подуправување, но истовремено е максимално предвидливо и безбедно. Не очекувајте премногу информации пренесни од подлогата, но управувањето е веднаш подготвено да реагира на вашите инструкции, и она што е важно за спортското чувство зад воланот – движењето на самиот волан не е премногу лесно. Автоматскиот менувач е со двојна спојка и движењето низ брзините е мазно и без непотребно тресење.

Поврзано:   Во салонот на Mercedes-Benz пристигнаа новите A-Class Sedan и B-Class!

mercedes-benz-gla-moving

Можеме да позборуваме и за опремата – која во овој случај беше вистински богата. Седиштата се исклучително комфорни, спортски профилирани и делумно обложени со кожа, панорамскиот кров целосно го трансформира ентериерот, Night пакетот ја прави надворешноста уникатна, а навистина нема потреба да зборуваме за сите безбедносни системи, системот кој ве предупредува доколку премногу се доближите до автомобилот пред вас во градскиот метеж, паркинг камерата, Bluetooth конекцијата, и многу, многу други ситници и дребулии. Mercedes-Benz GLA сè уште не е тестиран од страна на Euro NCAP, но A-Class на кој тој е базиран веќе има добиено пет ѕвездички, па воопшто не се сомневаме во неговите безбедносни карактеристики.

mercedes-benz-gla-front-side

Значи – на крајот можеме да дојдеме до заклучокот дека GLA е интересен и модерен автомобил кој се наметнува во класа со сериозна конкуренција. Но не само што се наметнува во класата, туку е подготвен вистински да се бори со постоечките конкуренти. Купувачите треба да бидат подготвени на некои компромиси – но доколку се одлучат за GLA ќе добијат веднаш-препознатлив автомобил кој не само што ги задржува погледите на минувачите, туку може да понуди навистина многу комфор, вистинско премиум чувство, но и оноа чувството на посебност кое е неизбежно кај сите модели кои гордо ја носат трокраката ѕвезда на себе.

  • 2.1-литарски турбо-дизелски мотор, четири цилиндри
  • Моќност: 136 коњски сили / 3400 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 300 Nm / 1400 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 205 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.9 секунди
  • Должина: 4417 mm
  • Ширина: 2022 mm
  • Висина: 1494 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2699 mm
  • Багажен простор: 421 литри
  • Потрошувачка: 5.4 (официјална, градска), 7.3 (измерена, градска)
  • Цена на основен модел: Mercedes-Benz GLA 200 – 29.590 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Mercedes-Benz GLA 200 CDI – 42.500 Евра
    Повеќе информации: Mercedes-Benz.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.