По кратко време откако му беше одземена ценетата титула, Renault веднаш се зафати со работа за враќање на тронот за најбрз автомобил со преден погон на Nürburgring.
Додека хибридните суперавтомобили како Porsche 918 Spyder, McLaren P1 и Ferrari LaFerrari се натпреваруваат во битката за рекорд под седум минути, тука е друга борба која се повеќе се вжештува. Во битката на автомобили со преден погон, неодамна Seat стана лидер кога постави време од 7:58.4 минути со новиот Leon Cupra 280. Сега Honda и Opel имаат слични амбиции со нивните Civic Type R и Astra OPC Extreme, но пред да пристигнат сите овие модели, рекордот му припаѓаше на Renault.
Францускиот производител постави време од 8:16.9 минути со Megane R26.R во 2008, а потоа го подобри рекордот на 8:07.9 минути во 2011 со поновиот Megane Trophy. Приметно незадоволни од губењето на титулата од страна на Шпанците, RenaultSport очигледно подготвуваат уште поагресивен спортски компакт со јасна цел да постават свое време на патеката под осум минути.
Најавен на социјалните мрежи како #Under8, проектот очигледно содржи соработка со Michelin за пневматиците, Akrapovic за издувниот систем, Öhlins за суспензијата и BRM како официјален партнер за мерење на времето. Се очекува обидот да биде направен во средината на Јуни.