Германскиот производител ја објави претходно најавената екстремна изведба од Astra OPC, која ќе биде јавно изложена на саемот во Женева.
OPC EXTREME ќе биде најбрзата Astra која може да се вози надвор од тркачките патеки и е за 100 килограми полесна од стандардната OPC верзија, благодарение на екстензивното користење на карбон. Од овој материјал се изработени поклопецот на моторот, покривот и тркалата кои се 20 килограми полесни од регуларните. Покрај тоа, страничните крила се направени од алуминиум и тежат само 800 грама, наместо стандардните од 2.2 килограми.
Таа ќе биде погонувана од целосно алуминиумскиот 2.0-литарски четири-цилиндарски турбо-бензински агрегат кој испорачува над 300 коњски сили кон предната оска преку шест-степен рачен менувач и диференцијал со ограничено пролизгување. Силата на сопирање доаѓа од шест-клипни Brembo сопирачки, кои ќе бидат покриени со 19-инчни алуминиумски фелни обвиени во специјални пневматици со профил 245/35.
Не се објавени информации за нејзините перформанси, но со оглед на зголемената сила и намалената тежина, моделот ќе биде сигурно побрз од стандардната Astra OPC, на која и се потребни 5.9 секунди за да достигне брзина од 100 км/ч на патот кон нејзината максимална брзина од 250 км/ч.
Од ентериерот e отстранета задната клупа, а на нејзиното место сега се наоѓа заштитен кафез, додека напред се монтирани Recaro тркачки седишта со појаси во шест точки на врзување, како и карбонски зајакнат волан обвиен со превртена кожа со жолти шевови.
Astra OPC EXTREME ќе биде произведена во мал број примероци по нејзиното јавно дебитирање на 84-тото издание на автомобилскиот саем во Женева.