Секојдневно сме сведоци на сообраќајни незгоди, но неретко учесниците во незгодите не ги знаат своите обврски во овие ситуации. Заедно со адвокатот Весна Спировска ве советуваме што треба да направите ако ви се случи сообраќајна незгода.
Должности во случај на сообраќајна незгода
1. Како учесник во сообраќајна незгода, должни сте да преземете соодветни мерки заради отстранување на нови опасности кои можат да настанат на местото на сообраќајната незгода, а особено:
- Да го поставите посебниот знак за означување на запрено возило на коловозот или со други соодветни знаци да ги извести учесниците во сообраќајот за настанатата опасност;
- Да го обезбедите возилото од самотргнување; Да го обезбедите товарот на возилото да не падне или да не се растури по коловозот;
- Да превземете мерки за спречување на избувнување пожар или експлозија и слично
2. Да останете на местото на сообраќајната незгода, со тоа што може привремено да се оддалечите само заради давање помош на лицата повредени во сообраќајната незгода или ако вам ви е потребна лекарска помош.
3. При преземање на горните дејствија должни сте да настојувате да не се промени состојбата на местото на сообраќајната незгода со цел да се зачуваат постојните траги, само под услов со тоа да не се загрозува безбедноста на сообраќајот.
Кога да се викне Полиција, а кога да се пополни Европскиот Извештај за Сообраќајна Незгода?
Во подолу набројаните случаи за сообраќајната незгода треба да го известите Министерството за Внатрешни Работи и да го почекате доаѓањето на полицискиот службеник кој врши увид:
- Кога во сообраќајната незгода има повредени или загинати лица;
- Кога настанала голема материјална штета на возилата, односно се оштетени виталните делови за управување и запирање на возилото/возилата, а возилата не можат самостојно да се движат по патот.
- Кога едно од возилата нема регистарски таблички или не е осигурано;
- Кога едно од возилата има странска регистарска табличка;
- Кога еден од возачите е очигледно под дејство на алкохол, дрога или други психотропни супстанции;
- Кога еден од возачите не поседува соодветна возачка дозвола;
- Кога возачите не можат да ги усогласат мислењата во врска со начинот и околностите под кои се случила сообраќајната незгода;
- Кога еден од возачите одбива да ги даде своите лични податоци, односно податоците за возилото;
- Кога еден од возачите го напуштил местото на сообраќајната незгода.
Доколку е настаната мала материјална штета (не се оштетени виталните делови за управување и запирање, а возилата можат самостојно да се движат по патот) и не е исполнет ниту еден од погоре наведените случаи, учесниците во сообраќајната незгода се должни веднаш да ги отстранат возилата од коловозот, да овозможат непречено одвивање на сообраќајот и да го пополнат и потпишат Европскиот извештај за сообраќајна незгода.
Ви препорачуваме доколку решите да пополните Европски Извештај за Сообраќајна Незгода да ги фотографирате возилата, оштетувањето на возилата и местото на сообраќајната незгода. Имајте во предвид дека доколку непотребно повикате Полиција, ќе бидете казнети со казна во висина од 250 Евра во денарска противвредност.