full screen background image
Search

ТЕСТ: Nissan Micra 0.9 IG-T Acenta – Скок во вистинската насока!

Верувале или не, Nissan Micra постои повеќе од 35 години, а ние поминавме неколку дена со најновата, петта генерација на компактниот јапонски хечбек.


Micra е дел од приказната на Nissan од далечната 1982-ра година – веќе 36 години јапонскиот производител не се откажува од еден од своите најмали автомобили, туку напротив, се обидува да одговори на побарувањата на пазарот и да понуди автомобил кој ќе успее да биде конкурентен со најдобрите.

Единствената врска која новата Micra ја има со минатите генерации е името – ова е драстична промена на пристапот

Сепак, со најновата генерација Nissan направи сериозен исчекор и понуди автомобил кој има само една единствена врска со минатите генерации – а тоа е името. Новата Micra не е баш толку микра – напротив, ова е просторен, комфорен и динамичен автомобил кој научи на грешките на минатата генерација и настапува самоуверено и храбро.

Како и секогаш – прво да зборуваме за дизајнот. Заборавете на заоблените, меки линии – сега Micra изгледа динамично и модерно – од остриот преден дел каде доминираат големите предни светла и централниот отвор за воздух, преку атлетските странични линии со скриени рачки на задните врати па сè до задниот дел каде прекршените форми и играњето со различни површини даваат еден несекојдневен, футуристички лик.

Иако Micra наликува на новиот Nissan Leaf (или новиот Leaf наликува на Micra, како милувате) – навистина нема да ја измешате со ниту еден друг автомобил. Ни се допадна и црвената боја на нашиот тестен автомобил, но ние би ги избегнале двобојните фелни и би избрале еднобојни – кои можеби не се толку трендовски, но според нас изгледаат подобро.

Динамичен, модерен и практичен ентериер

Слична приказна продолжува и во ентериерот – кој лесно може да конкурира на најдобрите во сегментот. Ни се допаѓа разиграноста на боите и квалитетот на материјалите – да, некои пластики се малку цврсти, но со оглед на сегментот во кој припаѓа Micra, тоа и се очекува. Лесно се наоѓа комфорна возачка позиција (управувачот може да се нагодува и по висина и по длабочина) и прегледноста е воглавно добра – освен кон задниот дел каде широките Ц-столбови ви го ограничуваат видикот.

Ергономијата е добра – лесно ќе ги пронајдете сите контроли, но имаме некои ситни забелешки на мултимедијалниот уред и на некои од прекинувачите – на пример, некои од прекинувачите не се осветлени па навечер е малку потешко да се пронајдат – но по само неколку дена се навикнавме и веќе не ни беше проблем. Од друга страна, во кабината има многу различни места за одлагање ситници и благодарение на големите стаклени површини преовладува чувство на просторност и светлина.

На задната клупа има место за двајца патници кои ќе имаат доволно простор за колената, но можеби на „двометрашите“ ќе им биде малку тесно заради опаѓачката кровна линија. Сепак, не можеме да се пожалиме на просторноста – Micra нуди повеќе од доволно простор и се носи рамо-до-рамо со најпросторните во класата, без притоа да изгледа „комбесто.“ Приказната за просторност ја заокружува багажникот кој нуди капацитет од 300 литри, кои нараснуваат на 1004 литри со спуштени задни седишта.

0.9-литарскиот турбо-бензинец нуди перформанси кои го затскриваат неговиот лилипутански капацитет

Нашата тестна Micra дојде опремена со 0.9-литарскиот турбо-бензинец кој веќе добро го познаваме од Renault Clio. Малиот, три-цилиндерски „турбаш“ нуди 90 коњски сили при 5500 вртежи во минута и сосем адекватни 140 Nm вртежен момент од 2250 вртежи во минута. Преведено во перформанси тоа значи „стотка“ за 12.1 секунда и максимални 180 километри на час. При тргнување се чувствува влијанието на малата зафатнина во форма на мала летаргичност, но штом ќе „заврти“ турбополначот малиот мотор сосем лесно го придвижува 1102 килограми тешкиот автомобил.

Всушност – немојте да бидете обесхрабрени од малиот мотор – во возење ќе помислите дека возите автомобил со мотор со значително поголема зафатнина. Ниту економичноста не за потценување – во сосем нормални услови на возење, измеривме градска потрошувачка од 7.2 литри на 100 километри – што воопшто не е лошо.

Micra е токму она што треба да биде – динамична и маневрабилна

Во возење Micra изненадува со комфорот кој го нуди – лесно се справува со нерамнините од нашите улици и во кабината се пренесуваат многу малку несакани вибрации. Серво-управувачот е супер-лесен, па маневрирањето низ тесните градски улички воопшто не е проблем, а истовремено управуањето е доволно прецизно за да биде забавно. Сепак, немојте да очекувате премногу повратни информации од управувачот – едноставно, нема да ги добиете.

Она што радува е компетентноста со која Micra совладува свиоци – нема пренагласено навалување, ниту пак наклонетост кон подуправување – сè додека не претерате, секако. На отворен пат Micra е сосем тивка дури и при повисоки брзини, па патување и кон подалечни дестинации не би требало да претставува проблем.

Многу опрема и врвна безбедност

Нашиот тестен модел беше во второто ниво на оременост кое се нарекува Acenta. Дел од опремата се скоро сите можни безбедносни системи, воздушни перничиња за возачот и совозачот, странични воздушни перничиња и воздушни завеси, како и Front Emergency Braking систем за автоматско сопирање во градски услови.

Покрај тоа, добивме и мануелен клима уред, 7-инчен мултимедијален уред со можност за Bluetooth и Apple CarPlay поврзување, електрично задвижување на предните стакла, темпомат и ограничувач на брзината, 5-инчен дисплеј во боја поставен меѓу инструментите, LED дневни светла, 16-инчни алуминиумски фелни, централно заклучување, старт-стоп систем и уште многу, многу други ситници. Единствено ќе напоменеме дека би сакале и управувачот да биде обвиен во кожа.

Лекцијата е научена – историјата останува во минатото, а сега главниот збор го има модерниот пристап кон нештата

Каков заклучок можеме да извлечеме по неколку дена поминати со Micra? Очигледно луѓето од Nissan ги послушале како купувачите, така и автомобилските новинари, и решиле на пазарот да понудат продукт кој во секој поглед ќе биде подобар од својот претходник. Аморфниот дизајн и недефинираните линии заминуваат во историјата, а нив ги заменува храбар и модерен пристап кон нештата кој се комбинира со практичен и функционален ентериер, идеално-погоден турбо-бензинец и навистина многу опрема. Лекцијата сметајте ја за научена!

  • Мотор: 0.9-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
  • Моќност: 90 коњски сили / 5500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 140 Nm / 2250 вртежи во минута
  • Менувач: Мануелен, 5 брзини
  • Максимална брзина: 180 км/час
  • Забрзување 0-100: 12.1 секунди
  • Должина: 3999 mm
  • Ширина: 1734 mm (без странични ретровизори)
  • Висина: 1455 mm
  • Тежина: 1102 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2525 mm
  • Багажен простор: 300 – 1004 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 7.2 литри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: Nissan Micra 1.0 VISIA – 13.800 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Nissan Micra 0.9 IG-T Acenta – 17.400 Евра
    Повеќе информации: Nissan.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.