Кинескиот BAW на саемот на автомобили во Париз – Европски премиери и плаг-ин хибриди! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Кинескиот BAW на саемот на автомобили во Париз – Европски премиери и плаг-ин хибриди!

Иако сè уште не е присутен на многу пазари во Европа, кинескиот BAW на саемот на автомобили во Париз сепак настапи самоуверено и со неколку различни новитети – меѓу кои и плаг-ин хибридниот 212 X03 PHEV.

Откако BAW (односно Beijing Automotive Works) го издвои 212 како засебен бренд, започна и поинтензивна пазарна офанзива. Ние веќе го возевме BAW 212 T01 кој нè импресионираше со неговите теренски способности, а сега имаме фотографии директно од саемот на автомобили во Париз каде BAW 212 за прв пат во Европа го покажа и новиот X03 PHEV!

X03 е интересен нов модел на европскиот пазар, бидејќи го проширува портфолиото на BAW 212 со погон кон е одлично прифатен во Европа, а истовремено ја носи робустната дизајнерска филозофија на брендот. Истовремено, X03 е и голем SUV – долг е повеќе од 5 метри, широк повеќе од 2 метри а висок е 1.9 метри. Меѓуоскиното растојание е 2.9 метри, а сето тоа ветува многу просторна и многу комфорна кабина.

Сега за сега немаме информации околу плаг-ин хибридниот погон, но со оглед на сè понапредните погони кои доаѓаат од Кина, не би биле изненадени ако и X03 добие моќен и ефикасен погон со соодветен досег на струја.

Истовремено, BAW во Париз го претстави и големиот пик-ап P01, како и покомпактниот Movero, а покажа и цела гама на аксесоари кои се достапни за моделите.

Со новите модели, BAW значително го проширува портфолиото на 212 во Европа, но сега за сега немаме конкретни информации околу тоа кога и другите модели ќе бидат достапни.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.