ТЕСТ: Toyota C-HR Hybrid – Toyota повторно го пронајде својот грув! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota C-HR Hybrid – Toyota повторно го пронајде својот грув!

Поминавме неколку дена со неконвенционалниот и интересен нов хибрид на јапонскиот гигант Toyota – прочитајте повеќе за привлечниот C-HR!


Toyota се соочува со интересен проблем – изминативе децении (заслужено) гради имиџ на доверлив и квалитетен производител, каде долготрајноста, квалитетот и издржливоста на автомобилите се на прво место. Дополнително, со своите хибридни модели се наметна како храбар пионир во електрификацијата на автомобилите – онаму каде некои производители дури сега експериментираат, Toyota нуди хибриден автомобил веќе 20 години!

Но за волја на вистината – Toyota некако го изгуби имиџот на производител на забавни автомобили. Сите со задоволство се сеќаваме на легендарната Supra (која, патем, наскоро се враќа!), но со благонаклонетост гледаме и кон MR2, Celica, па и GT86. Ова се автомобили кои остануваат врежани во срцата на автомобилските ентузијасти, но регуларните – цивилните, ако веќе така сакате – возила на Toyota како да го изгубија својот карактер.

На сцената настапува неконвенционалниот C-HR!

Тука на сцената настапува C-HR. Со овој неконвенционален кросовер, Toyota ја зема сопствената книга со правила, ја кине на ситни делчиња и нуди автомобил кој храбро и гордо го презема приматот на „кул“ автомобилот во понудата на јапонскиот гигант. Всушност, една од најчестите реакции на случајните минувачи кога ќе го здогледаа C-HR додека ние го возевме беше – „Ова е Toyota?“

Дизајнот на C-HR не наликува на ниту еден друг модел на Toyota – насекаде има исфрлени агли, неконвенционални линии и навистина привлечни решенија. Изберете го C-HR во храбра боја и нема да изгледа како ништо друго на патиштата. Двобојниот екстериер и големите тркала се одлична комбинација – па C-HR изгледа храбро и модерно – дури футуристички! На предниот дел доминираат широките светла, од кои излегува издигнувачката карактерна линија која ги дефинира и страничните прозорци, а на задниот дел се истакнуваат голееееемите тродимензионални задни светла и интересниот спојлер.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota C-HR 2.0 Hybrid AWD-i GR Sport - Еден меѓу многуте!

Сè на сè – екстерниот дизајн е полн погодок – се гледа дека Toyota сака да ги привлече помладите купувачи со хај-тек интереси – и потполно успева во тоа!

Ентериер каде доминираат интересни, неочекувани решенија и детали

Слична приказна за неконвенционалност продолжува и во ентериерот – насекаде ќе забележите интересни и несекојдневни детали – од контрастни бои, па сè до интересно-текстурирани површини – ентериерот на C-HR е храбар чекор во вистинската насока. Лесно се наоѓа комфорна возачка позиција, но прегледноста кон задниот дел е малку ограничена. Тука многу помагаат паркинг-камерата и сензорите со кои беше опремен нашиот тестен автомобил.

Ќе забележиме дека не ни се допаднаа контролите за мултимедијалниот уред, но затоа има контроли на управувачот, и дека на задната клупа е малку клаустрофобично – но тоа е цената која мора да се плати за интересниот дизајн. Инаку, низ целата кабина има многу практични места за одлагање ситници, а на задната клупа комфорно ќе се сместат двајца патници.

На располагање ќе имате багажен простор кој нуди капацитет од 377 литри – помалку од директните конкуренти, но самиот простор е со правилен отвор и нема висок раб, па лесно ќе ви биде да ги сместите ќесите со неделниот шопинг од супермаркетот.

Платформа преземена од екстремно-економичниот Prius

Toyota C-HR ја користи платформата од новиот Prius – а во превод тоа значи 1.8-литарски атмосферски бензинец и електромотор, кои заеднички нудат вкупно 122 коњски сили и 142 Nm вртежен момент. Силата се пренесува кон предните тркала преку CVT менувач, а сето тоа значи забрзување до 100 километри на час за 11 секунди и максимални 170 километри на час. Потрошувачката – доколку сте внимателни и „поднаучите“ да го возите хибридот – може да биде екстремно ниска.

Поврзано:   Новата, втора генерација на Toyota C-HR пристигна во Македонија

Ние успеавме во не-баш-незначителен градски метеж да измериме само 4.1 литар на 100 километри, но во реалноста можете да очекувате некаде околу 5 до 5.5 литри на 100 километри во градски услови. На отворен пат потрошувачката се зголемува, но држете се до пропишаните граници и таа не би требало да надмине 6 литри на 100 километри.

Рафинираноста на погонот е исклучителна – CVT менувачот можеби нема да биде по сечиј вкус, но придобивките во однос на економичноста и правилната искористеност на силата се очигледни. При стартување, главната улога ја има електромоторот, а вклучувањето и исклучувањето на бензинскиот мотор е скоро незабележливо. Toyota дава life-long гаранција за модулот со батерии, па ни тоа не би требало да биде некаква причина за загриженост. Едноставно – уживајте во опуштеното возење на C-HR.

C-HR го прави возењето да биде како видео игра

Всушност – тоа е една од најинтересните карактерни особини на C-HR. Автомобилот самиот наметнува опуштен, дефанзивен стил на возење. C-HR го прави возењето да биде како видео игра – константно ќе се натпреварувате со самите себеси во напорите да ја намалите потрошувачката, а без притоа да го кочите останатиот сообраќај. Дали можеби токму ова е иднината на градското возење?

Ниту возната динамика не е за занемарување. Во ред, ова не е спортски автомобил, и не се ни обидува да биде – ова е младешки кросовер каде технологијата и економичноста го земаат главниот збор – но не е заборавена ниту динамиката на возење. Управувањето е директно и прецзно (и супер-лесно), но без премногу повратни информации.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota C-HR 1.8 Hybrid E-CVT 2WD Cult - Очекуваниот избор

Ставете го C-HR во Sport режим и ќе бидете наградени со поподготвен одзив на притискање на педалата за гас и заострено управување, па и свиоците стануваат интересни – сè додека не очекувате врескачки перформанси, секако. На отворено во кабината е тивко и кофмфорно – и навистина немаме забелешки на возачкото искуство.

Со C-HR, Toyota го пронајде својот groove!

На самиот крај – каде всушност припаѓа Toyota C-HR? Ова не е наједноставното прашање да се одговори – без сомнение, C-HR на „својот бренд“ му наметнува насока која едноставно мора да биде истражена. Toyota дефинитивно повторно го пронаоѓа својот groove, својот динамичен идентитет – и тоа го прави во вистинско време. Како што се менуваат приоритетите на купувачите и како што се менуваат вкусовите, секој производител мора да има продукт кој ќе биде доволно кул, доволно хај-тек и доволно интересен за да ги привлече токму ваквите купувачи. А Toyota го има тоа со новиот C-HR!

  • 1.8-литарски атмосферски бензинец + електромотор
  • Системска Моќност: 122 коњски сили
  • Максимална брзина: 170 км/час
  • Забрзување 0-100: 11 секунди
  • Должина: 4360 mm
  • Ширина: 1795 mm
  • Висина: 1555 mm
  • Тежина: 1460 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2640 mm
  • Багажен простор: 377 литри
  • Потрошувачка: 4.7 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Toyota C-HR Hybrid Cult – 26.890 Евра
    Повеќе информации: Toyota.com.mk


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.