ТЕСТ: Mazda MX-5 RF 2.0 160 Evolution Auto – Најдобриот мал роудстер, подобар! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mazda MX-5 RF 2.0 160 Evolution Auto – Најдобриот мал роудстер, подобар!

Поминавме викенд со RF-изведбата на Mazda MX-5 – да, малиот и популарен роудстер сега може да се добие со тврд тарга-покрив!


Малата Mazda MX-5 е еден од нашите омилени автомобили – и има зошто. Рецептот е меѓу наједноставните на планетата – земете мал, лесен кабриолет, додајте одличен 2-литарски атмосферски бензинец кој испорачува 160 коњски сили, пренесете ја силата кон задната оска и добивате реален, остварлив автомобил од соништата.

RF значи Retractable Fastback

Сепак, да тргнеме по ред. Суфиксот RF во лексиконот на Mazda значи Retractable Fastback, но ако се прашуваме ние, може да значи и Really Funky. Балетот кој го изведува тврдиот тарга-покрив на секое отворање и затворање е навистина импресивен за гледање, а благодарение на цврстата конструкција резултатот е многу поголема рафинираност во однос на верзијата со мек покрив – особено на отворен пат. На металниот кров му се потребни само 13 секунди да се отвори и затвори, и можете да го направите тоа при брзини до 10 километри на час.

Силуетата е остра и динамична – дури и помускулеста од онаа на „обичната“ Mazda MX-5. Всушност, подзатворете ги очите и ќе помислите дека гледате мал, нервозен Dodge Viper. Формулата е толку успешно следена, што навистина ни е тешко да најдеме забелешка – предниот дел е долг, остар и динамичен, задниот дел е краток и вертикален, а кровната линија кога металниот кров е затворен е идеална.

Навистина е тешко да се најде забелешка на дизајнот на малата Mazda. Во ред, признаваме дека задните светла најверојатно не би биле по сечиј вкус, но тоа се веќе ситници – ова е модерен и атлетски-дизајниран мал роудстер!

Седиме интимно-блиску до подлогата – баш како што треба!

Ентериерот е истиот како и кај MX-5 со мек покрив – а тоа значи квалитетни материјали, ниско седење и ситни компромиси кои ќе морате да ги прифатите. Поради компактните димензии нема класична касета за одлагање ситници, ниту пак простор за одлагање дребулии во вратите – ќе морате да ја искористите централната касета поставена меѓу двете седишта.

Како што напоменавме – ќе седите ниско и ќе се почувствувате интимно блиски со подлогата, а управувачот (кој се нагодува само по височина, но не и по длабочина) ќе биде директно пред вас. Дооооолгиот поклопец на моторот е неизбежен дел од приказната и веќе со самото спуштање во седиштето ќе го почувствувате дрскиот карактер на MX-5.

Врескачки 2-литарски атмосферец со 160 коњски сили!

Моторот е истиот оној кој за прв пат го пробавме кога минатата година ја возевме малата Ем-Икс-Петка. Атмосферскиот 2-литарски бензинец е подготвен да реагира на секое притискање на педалата за гас, а сите 160 коњски сили кои ги испорачува се пренесуваат преку автоматски менувач кон правилната, задната оска.

Да, добро прочитавте – автоматски менувач. Автомобилот кој го возевме беше опремен со автоматски менувач, но може да се добие и со мануелен. Традиционално, ние би го избегнале автоматскиот менувач во ваков вид на автомобил бидејќи одзема дел од инволвираноста во возењето, но придобивките од него го прават малиот роудстер полесен за секојдневно користење – а ако веќе го имате, зошто да не го користите?

Ставете го менувачот во D и тој без посебни проблеми ќе си ја работи работата, иако на прв контакт можеби ќе ви делува малку мрзелив. Но префрлете го во Sport режим на работа и приказната веднаш се менува – менувачот подготвено задржува „високи вртежи“ и ги испорачува сите тие коњски сили кон задните тркала.

Секако, имате опција и самите да ги менувате брзините – дали ќе биде тоа преку самата рачка од менувачот, или пак преку лопатките на управувачот – оставаме сами да одлучите – но сепак ќе напоменеме дека можноста самите да ги менувате брзините ве внесува подлабоко во искуството наречено MX-5.

Перформансите се тука – 100 километри на час пристигнуваат за рамно 8 секунди, а максималната брзина е влакно под 200 километри на час. Останете во спортскиот режим на работа, и малиот роудстер подготвено реагира на секое притискање на педалата за гас, а свиоците од било кој калибар стануваат интересни благодарение на директното и одмерено управување. Суспензијата постигнува идеален компромис меѓу цврстина и комфор, а MX-5 се однесува навистина неутрално – без наклонетост ниту кон подуправување, ниту ко надуправување. Ова е автомобил за секојдневно уживање – па дури и низ градските метежи.

Бидете внимателни со педалата за гас, и ќе бидете позитивно изненадени од потрошувачката – низ град таа ќе биде некаде околу 10 литри на 100 километри – бројка која воопшто не е страшна, со оглед на забавата зад воланот која ја нуди MX-5.

Нашиот омилен мал роудстер станува уште подобар!

И сега, каде всушност припаѓа MX-5 RF со автоматски менувач? Вистината е дека цврстиот покрив го прави овој јапонски роудстер многу поуверлив дневен соработник – триесеттината килограми зголемена тежина стануваат незначителни кога ќе земеме во предвид колку порафиниран, потивок и попрактичен станува малиот спортист, а автоматскиот менувач му овозможува лесно да се трансформира од нервозен и развикан спортски автомобил во комфорен, (релативно) тивок и не-баш-најголем крстосувач.

Токму оваа мултиталентираност го прави – барем во нашите очи – најдобриот мал роудстер на светот – уште подобар!

  • Мотор: 2-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри
  • Моќност: 160 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 200  Nm / 4600 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, 6 брзини
  • Максимална брзина: 198 км/час
  • Забрзување 0-100: 8 секунди
  • Должина: 3915 mm
  • Ширина: 1735 mm (без странични ретровизори)
  • Висина: 1230 mm
  • Тежина: 1070 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2310 mm
  • Багажен простор: 130 литри
  • Потрошувачка: 10.3 литри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Mazda MX-5 2.0 160 Evolution Auto – 38.480 Евра
    Повеќе информации: Mazda.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.