full screen background image
Search

ТЕСТ: Mazda MX-5 2.0 160 Ultimate – Дефиниција за забава!

Поминавме неколку дена со најновата генерација на легендарниот јапонски роудстер – малата Mazda MX-5! Без никакви резерви можеме да кажеме дека ова е еден од најзабавните автомобили кои сме имале прилика да ги возиме!

Пред да започнеме, ајде да направиме нешто заедно. Најдете го најблискиот речник – дали е онлајн или класичен, не е важно. Во него побарајте го зборот „Забава“. Ако до тој збор не стои фотографија од, или пак барем некаква референца за Mazda MX-5 тогаш речникот е неточен, или во најмала рака некомплетен.

Ете така, кога завршивме со тоа, сега да зборуваме за најновата, четврта генерација на Mazda MX-5. Низ четири генерации, Mazda му покажува на светот како треба да изгледа и како треба да функционира еден мал и забавен автомобил. Заборавете ги големите мотори, заборавете ги тешките каросерии – ова е тоа. Мал, компактен, лесен автомобил кому и „малку“ коњски сили му се доволни, а над вас е целото небо да ви го понуди најдоброто место за седење во претставата наречена MX-5.

Четири генерации и континуирана еволуција

mazda-mx5-carclub-frontside

Приказната за MX-5 започнува во 1989-тата година. Првата генерација ја носеше ознаката NA и се нудеше со 1.6 или 1.8-литарски атмосферски мотор со четири цилиндри. Првата генерација ќе ја препознаете по пријателското лице и „pop-up“ предните светла. Овој мал автомобил и ден денес има култен статус меѓу фановите на автомобили и го привлекува вниманието каде и да се појави. Втората генерација ја носеше ознаката NB и се појави во 1999, а имаше фиксни предни светла и малку повеќе моќност. Третата генерација (NC) се појави во 2006, и за прв пат се понуди мотор со зафатнина од 2 литри, но и подвижен цврст кров како опција.

Новата MX-5 има значително поостар дизајн, а на прв контакт нема да ви се верува колку е мала

mazda-mx5-carclub-frontside2

Денес пред нас е најновата, четврта генерација на Mazda MX-5. Ја носи ознаката ND и веќе се закити со цело брдо признанија, меѓу кои и признанието за Светски Автомобил на Годината за 2016. Амбициозно. Новата MX-5 има значително поостар дизајн, но истовремено е помала и полесна од својот претходник – новиот автомобил е цели 105 милиметри пократок, но уште позначајно, цели 100 килограми полесен од својот претходник.

Поврзано:   Mazda 2 добива обновување на екстериерот и нови технологии

Во понудата ќе најдете 1.5-литарски SKYACTIV-G бензинец со 130 коњски сили, или пак 2-литарски SKYACTIV-G со 160 коњски сили. Можете да изберете меѓу мануелен или автоматски менувач – но да бидеме искрени, мануелниот менувач би требало да биде единствениот избор.

mazda-mx5-carclub-siderear

Првите впечатоци се интересни – на прв поглед дури не ми се веруваше колку е всушност мала новата MX-5. „Лицето“ на MX-5 најавува забава и динамичност зад воланот, а долгиот преден и краткиот заден дел одлично ги толкуваат класичните роудстер линии. На задниот дел доминираат светлосните групи и централно поставената значка на Mazda – нема шанси да заборавите во што гледате.

Секако, огромна улога игра и бојата – а длабоката металик црвена боја на тестниот модел совршено му одговара на автомобилот. Всушност, на Mazda MX-5 вакви бои најдобро и прилегаат – храбри, гласни и видливи.

Се спуштам во возачкото седиште..

mazda-mx5-carclub-sideseatbose

Ја отворам врата и се спуштам (да, се спуштам) во возачкото седиште. Веднаш се чувствувам комфорно, иако ентериерот е релативно тесен. Седам ниско, блиску до подолгата, управувачот е директно пред мене (се нагодува по висина, но не и по длабочина), педалите се совршено оддалечени а мануелниот менувач ми е блиску на дофат. Одличните Recaro седишта цврсто ме држат и се чувствувам подготвен да тргнам. Го притискам копчето за старт и 2-литарскиот SKYACTIV-G се буди од својот сон. Звукот е длабок и остар, а на секое притискање на педалата за гас моторот инстантно и подготвено реагира.

mazda-mx5-carclub-interior-dash

Го спуштам кровот и над мене имам илјадници километри простор за главата. Имам среќа па мојот прв контакт со MX-5 е на топол и сончев ден – и искуството е незаборавно. Да, градскиот метеж не е идеално место за прво возење со ваков автомобил, но не можам да не уживам во секој момент поминат со него. Јас возам, минувачите се вртат и реагираат. Добивам исправени палци, прашања од другите возачи и многу насмевки – едноставно, MX-5 ја има потребната харизма за да го изнуди сето тоа од луѓето.

Некако, како да ги заборавивме навиените атмосферски бензинци..

mazda-mx5-carclub-siderear2

Во ред, време е да се упатам надвор од урбаните средини и навистина да ги дознаам квалитетите на MX-5. Дволитарскиот атмосферец реагира и звучи одлично, а бидејќи автомобилот тежи само еден тон, перформансите се одлични. Во време на сè поприсутно турбополнење забораваме на инстантноста и убавината на убаво-навиени атмосферски бензинци. На располагање се 160 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 200 Nm вртежен момент достапни од 4600 вртежи во минута.

Поврзано:   Mazda 2 добива обновување на екстериерот и нови технологии

Преведено во перформанси, тоа значи 7.3 секунди до 100 километри на час и максимални 214 километри на час. Но приказната е многу подлабока од тоа – благодарение на цврстата шасија и информациите кои ги добивате преку управувачот, зад воланот чувството е дека сè се случува значително побрзо – а нели тоа е убавината на еден спортски автомобил?

mazda-mx5-carclub-siderear3

Менувачот е директен, прецизен и со краток од. Неколку пати досега сме рекле дека менувачите на Mazda се одлични, а истото важи и тука. Вистинско задоволство е да се менуваат брзините, без разлика дали одите кон повисок или понизок степен на пренос. При секое менување и додавање гас автомобилот повторно и повторно се буди и бара од вас да ги истражите неговите граници.

Возам по еден од моите омилени патишта и не сакам тој никогаш да заврши!

mazda-mx5-carclub-frontside3

Стигнав до еден од моите омилени патишта за возење – и не сакав тој никогаш да заврши. Од свиок во свиок, Mazda MX-5 послушно и ентузијастички ја менува насоката на движење, менувачот совршено ја врши својата работа, а моторот гласно го става на знаење своето присуство. Кога на сето тоа ќе го додадам и спуштениот кров – тогаш приказната е комплетна. Сонце, убав пат и одличен автомобил – па зарем тоа не е комплетниот рецепт?

Нема никакво подуправување, а по потреба добивате и одмерено и контролирано надуправување. Задниот дел е подготвен да заигра секој пат кога тоа ќе го побарам од него, но во ниту еден момент не буди чувство на несигурност или недоверба во можностите на MX-5…

Потрошувачката е неважна, MX-5 изнудува илјадници насмевки на 100 километри!

Поминав неколку дена со MX-5 и имав можност одлично да го запознаам малиот јапонски  роудстер. Се дружевме и на суво и сончево време, се дружевме и на дожд. Да, во ентериерот е тесно и на повисоките ќе им недостасува малку простор за главата и за нозете. Да, има многу малку места за одлагање ситници (но има практична кутија меѓу двете седишта) и при повисоки брзини на автопат се слуша бучава од ветерот. Но да бидам искрен – сето тоа не е важно. Малата MX-5 троши 10 литри бензин на 100 километри, но нуди илјадници насмевки на истите тие 100 километри, па потрошувачката станува неважна.

Поврзано:   Mazda 2 добива обновување на екстериерот и нови технологии

mazda-mx-5-carclub-krov

Пред крајот, да ја напоменам и опремата – нашиот тестен модел дојде целосно и врвно опремен – па ќе ги истакнам ксенонските светла, уредот за навигација, одличните Recaro седишта со вграден BOSE аудио уред, целата лепеза на безбедносни системи и уште многу други ситници. Можеби опремата и не е најважната работа кај овој автомобил, но сепак е убаво да се знае што сè може да се нарача со MX-5.

mazda-mx5-carclub-interior-2seats

Вистинска дефиниција..

mazda-mx5-carclub-opentop

На самиот крај, морам да признаам дека секој пат кога се навраќам на времето поминато со MX-5 и кога зборувам за моето искуство со малиот роудстер, тоа го правам со насмевка. Малиот јапонски автомобил е машина за ставање насмевки на лицето и навистина ми беше жал кога морав да го вратам. Летото е пред нас, а MX-5 е толку, толку добар во она што го прави. Дефиниција за забава!

  • Мотор: 2-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри
  • Моќност: 160 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 200  Nm / 4600 вртежи во минута
  • Менувач: Мануелен, 6 брзини, прекрасен
  • Максимална брзина: 215 км/час
  • Забрзување 0-100: 7.3 секунди
  • Должина: 3915 mm
  • Ширина: 1735 mm (без странични ретровизори)
  • Висина: 1230 mm
  • Тежина: 1015 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2310 mm
  • Багажен простор: 130 литри
  • Потрошувачка: 10.1 литар (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Mazda MX-5 2.0 160 Ultimate – 34.930 Евра
    Повеќе информации: Mazda.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.