Nio EP9 ги уништи сите рекорди на Нирбургринг! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Nio EP9 ги уништи сите рекорди на Нирбургринг!

Електричниот хипер-автомобил Nio EP9 ги порази сите сериски автомобили на познатата тркачка патека, каде заврте еден круг за 6 минути и 45 секунди.

Nio е под-бренд на Кинескиот глобален старт-ап NextEV, а нивниот модел EP9 претставува целосно електричен автомобил погонуван од четири електромотори и четири засебни менувачи, кои му нудат вкупна системска моќност од 1360 коњски сили и вртежен момент од 1480 Nm на сите тркала, достапни во секој момент. Сето ова овозможува забрзувања од 0-100 км/ч за 2.1 секунда, 0-200 км/ч за 7.1 секунда и максимална брзина од 313 км/ч.

Во Октомври минатата година EP9 постави нов рекорд за електрични возила на ‘Зелениот Пекол’. Неговото најбрзо време од два ‘летечки’ кругови околу 20-километри долгата патека во Германија изнесуваше 7:05.12, а сега тој повторно ја помести границата, овојпат навлегувајќи длабоко во територијата од 6 минути.

Првата серија од Nio EP9 беше ограничена на само шест примероци наменети за инвеститорите на NextEV, но последниов месец компанијата објави дека ќе произведе дополнителни десет примероци, сите направени по порачка и со цена од 1.48 милиони долари по автомобил.

Додека не се појави видеото од актуелниот круг во кој EP9 го постави рекордот на Нирбургринг, можеби би сакале да го погледнете 10-минути долгото видео подоле, кое дава поглед кон раѓањето и развојот на оваа врвна машина со високи перформанси.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.