Peugeot во Женева ќе го претстави интелигентниот концепт Instinct – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Peugeot во Женева ќе го претстави интелигентниот концепт Instinct

Францускиот производител ги објави првите официјални фотографии и детали за концептот наречен Instinct кој ќе го претстави во Женева, а кој доаѓа со грст нови интелигентни технологии и хибриден погон со вкупно 300 коњски сили!

Кај концептот ќе дебитираат неколку нови интелигентни технологии, но и нов плаг-ин хибриден погон кој испорачува вкупно 300 коњски сили.

Со Instinct, Peugeot официјално ќе ја презентира „Internet of Things“ (Интернетот на Нештата) платформата, и со оваа платформа францускиот производител сака да го направи возачкото искуство поповрзано од било кога. Системот работи во соработка со Samsing Artik Cloud платформата и ги синхронизира сите уреди на корисникот за автомобилот да може да научи повеќе за возачот и самиот автоматски да се прилагоди на неговите потреби. Тоа може да вклучува приспособување на режимот на возење, амбиенталното осветлување, аудио уредот, како и нагодувањата за седиштата и сите различни интерфејси.

Но автомобилот оди чекор понатаму, и може да го измени своето „однесување“ во зависност од она што возачот го прави или го очекува. На пример – при поврзување со паметен часовник, ако автомобилот види дека возачот имал интензивна физичка активност (да речеме, бил на некаква спортска активност), ќе се адаптира за да му понуди на возачот порелаксирано и помирно возачко искуство. Понатаму, автомобилот ќе се синхронизира со календарот на состаноци кои возачот го има во својот паметен телефон, и ќе се погрижи тој никогаш да не задоцни на состанок.

Концептот е целосно автономен, но возачот може да ги преземе контролите кога сака. Главните контроли се преку i-Device уредот поставен до 9.7-инчниот централен дисплеј. i-Device уредот ги заменува традиционалните управувач и педали, а седиштата се оптимизирани да го олеснат и максимално да го искористат автономното возење – па можат целосно да бидат соборени доколку возачот сака да се одмори, или пак исправени доколку сака да вози.

Поврзано:   Peugeot најавува интегриран ChatGPT во целата гама и 8-годишна гаранција за Е-3008

За Instinct ќе знаеме повеќе по неговата премиера во Женева, која е закажана за почетокот на следниот месец.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.