Peugeot го претстави новиот турбо-бензинец со 100 коњски сили кој има многу нови компоненти, ветува подобрена долгорочна издржливост и продолжени сервисни интервали.
Инженерите на Peugeot со гордост го претставија новиот Turbo 100. Новиот 3-цилиндерски турбо-бензинец има зафатнина од 1.2 литри, но според Peugeot, дури 70% од компонентите се нови. Најавуваат дека новиот турбо-бензинец ги подобрува перформансите, но истовремено испорачува подобрена ефикасност и долгорочна издржливост. Дури и името е ново – највеќе со цел да се направи јасна разлика меѓу досегашните PureTech турбо-бензинци и новиот мотор.
Чекајте, чекајте, 1.2-литарски турбо-бензинец? Сигурни сте дека е нов?
Да, моторот е нов. Што сè е ново? Новиот турбо-бензинец е воден од ланец, а нови се и турбополначот, системот за вбризгување, клиповите, блокот на моторот и многу повеќе. Што мислите, колку коњски сили испорачува? Ако мислевте 100, грешите! Моторот испорачува 101 коњска сила при 5500 вртежи во минута и 205 Nm вртежен момент од само 1750 вртежи во минута. Турбо-полначот е со варијабилна геометрија, што пак му овозможува на моторот одлично да реагира дури и при ниски вртежи и одлично да се снаоѓа во урбано возење.
Многу внимание е посветено и на ефикасноста. Системот за директно вбризгување работи под висок притисок (350 бари) а новиот систем за контрола на вентилите го намалува внатрешното триење. Дополнително, моторот работи под повисок притисок и под Милеров циклус, со што се подобрува термичката ефикасност. Милеровиот циклус обично се користи за хибридни погони, а тоа пак ни навестува дека Turbo 100 во иднина ќе се користи токму како основа за лајт-хибриди, целосни хибриди но и како рејнџ-екстендер.
Океј, сето тоа звучи добро. Ќе биде ли издржлив?
Една од целите на Peugeot било да се постигне и долгорочна издржливост. Токму затоа (како што веќе напоменавме) моторот е воден од ланец. Блокот, клиповите и прстените се нови и дизајнирани да ја подобрат робустноста. За време на развојот, моторот поминал низ екстензивно тестирање во екстремни услови – повеќе од 30.000 часови на тест-платформи кои ги симулираат сите услови на возење, а прототип-возила опремени со Turbo 100 поминале повеќе од 3 милиони километри. Некои од возилата користени за тестирање поминале повеќе од 200.000 километри и од Peugeot кажуваат дека ова е директен доказ за доверливоста на моторот.
И кога ќе пристигне на пазарот?
Turbo 100 е веќе достапен кај Peugeot 208 од овој месец, а од Мај ќе биде достапен и во Peugeot 2008. Во зависност од пазарот, возилата опремени со Turbo 100 ќе имаат гаранција до 8 години или 160.000 километри, а истовремено се продолжуваат и сервисните интервали – повторно во зависност од пазарот, секако, но од Peugeot зборуваат за сервисен интервал од 2 години или 25.000 километри, но со годишна редовна проверка.



