Сподели! ;)

Со малиот Q2, Audi во своите раце има контраверзен компактен кросовер кој е предмет на интересна дебата – дали Audi им одговори на сите критичари и понуди дизајн кој е навистина пред своето време?

Премиум производителот од Инголштад долго време е мета на критичарите – а критиките воглавно беа насочени кон дизајнот на моделите на Audi. Едноставно, според многумина – тие премногу наликуваа еден на друг. Како одговор на тие критики, челниците на Audi одамна најавија дека ќе започнат да размислуваат за похрабри форми и линии – и еден од најочигледните резултати на таа насока е токму новиот Q2.

Q2 ги дели гените со A3

Базиран на MQB платформата, Q2 ги дели гените со А3, но на прв контакт воопшто не би рекле дека е тоа така. Онаму каде A3 малку потрадиционално ги следи насоките на Audi, Q2 настапува храбро и многу посамоуверено од очекуваното. Уште при првиот контакт со Q2, ќе поставите сопствено мислење за малиот германски кросовер – дизајнот или ќе ви се допадне, или не – но без разлика на сето тоа, мораме да признаеме дека Q2 изгледа несекојдневно и дури малку радикално за Audi.

audi-q2-carclub-side

На предниот дел доминира големата маска на ладилникот. Околу неа се поставени предните светлосни групи со модерна и интересна тродимензионална графика, а веднаш под нив се широките (но нефункционални) отвори за воздух. Секако, на средината се гордо поставени четирите прстени на Audi кои веднаш ставаат на знаење за чиј автомобил се работи. Страничните линии продолжуваат со несекојдневните решенија – иако формата е чиста, интересно е изведена карактерната линија која на вратите „се двои“ во две засебни линии и формира површина која изгледа како некој да исекол дел од глинениот модел кога е дизајниран малиот Q2.

audi-q2-carclub-rearlow

„Прекршените“ линии продолжуваат кон задниот дел каде повторно главното внимание го имаат светлосните групи. Сè на сè, малиот урбан кросовер на Audi изгледа авантгардно и несекојдневно – и токму благодарение на ваквиот дизајн, но и на храбриот избор на боја, ги привлекува погледите на минувачите.

Функционален, беспрекорно добро составен ентериер

audi-q2-interior-front

Познавачите на Audi веднаш ќе препознаат детали од ентериерот на А3 во кабината на Q2. Минималистичкиот пристап резултира со релативно малку прекинувачи, а ергономијата е типично германска – сите контроли се онаму каде очекувате да бидат (освен регулаторот за гласност на аудио уредот, кој е поставен до менувачот на малку непрегледна локација) и при користење сите оддаваат одличен хаптички фидбек.

Материјалите со кои е обложена кабината се квалитетни и фини на допир, и скоро и да не забележавме цврсти пластики. На врвот на централната конзола е поставен дисплејот за мултимедијалниот уред – екранот е со одлична резолцуија и ги прикажува сите потребни информации, но (за жал) не се вовлекува во централната конзола кога е вон употреба.

audi-q2-interior-rear

На задната клупа на Q2 има место за двајца патници – како за нивните глави, така и за колената – а тоа е благодарение на правилната форма на автомобилот. По потреба можеби ќе има место и за тројца, но не би го препорачале тоа доколку патувате на подалечни дестинации. На располагање стојат вкупно 405 багажен простор, а во багажникот ќе добиете и подвижно дно за да можете да комбинирате меѓу повеќе простор и рамно дно за полесно внесување на поголеми предмети.

Маневрирањето низ град е лесно – Q2 тука е во својот елемент

audi-q2-front1

Низ градските улици, Q2 е во својот елемент. Компактните димензии го прават лесен за маневрирање и паркирање а задоволителната прегледност го олеснува паркирањето. Повисоката суспензија го прави комфорен сопатник за по нашите не-баш-идеални улици, а дополнително го олеснува и совладувањето на градските предизвици кои доаѓаат во форма на неочекувани дупки и високи рабови.

Суспензијата иако е повеќе кон цврстата страна, лесно ги впива нерамнините а истовремено резултира и со возење без премногу навалување во свиоци. Серво-управувачот е варијабилен а тоа значи дека колку повеќе ќе го завртите, толку повеќе се менува односот на управувањето – па маневрирањето во потесни услови воопшто не е проблематично.

1.6-литарскиот турбодизел се покажа како доволно моќен, но истовремено и доволно економичен

audi-q2-carclub-rear1

Излезете на отворен пат, и слична е приказната – звучната изолација е повеќе од задоволителна, а малиот турбодизел „преде“ на ниски вртежи и при повисоки брзини. Малиот, 1.6-литарски турбодизел нуди на располагање 116 коњски сили достапни од 3250 до 4000 вртежи во минута и 250 Nm вртежен момент од 1500 до 3200 вртежи во минута. Нашиот тестен модел беше опремен со 6-степен мануелен менувач и погон на предните тркала, но со некои мотори во понудата може да се добие и S-Tronic менувач со двојна спојка како и Quattro погон на сите четири тркала.

Официјалните податоци говорат за забрзување до 100 километри на час за 10.3 секунди и максимални 197 километри на час. За време на нашето тестирање во градски услови на возење измеривме потрошувачка од околу 7 литри дизел гориво на 100 километри.

audi-q2-carclub-garage

Нашиот тестен модел беше во Sport ниво на опрема, со странични заштитни пластики во боја на каросеријата, 17-инчни тркала, LED предни светла, спортски-профилирани седишта и уште многу ситни детали. Всушност, луѓето од Audi се горди со можностите за персонализација кои ги нуди Q2, па можете самите да одлучите за многу ситници – почнувајќи од дизајнот на алуминиумските фелни, до боите и декоративните елементи во ентериерот па сè до бојата на Ц-столбот (ние би го земале во црна боја, за да се добие ефект на „лебдечки“ покрив). Секако, тука е и двозонскиот клима уред, електричното задвижување на сите прозорци, задните паркинг сензори, можноста за Bluetooth поврзување со паметен телефон и многу други ситници.

audi-q2-carclub-euroncap

На фронтот на безбедноста, Audi Q2 може да се пофали со одлични пет ѕвездички на EuroNCAP тестирањата. Дел од опремата се грст воздушни перничиња, стандардно доаѓа со ABS, ESP, EBD, TCS, но нашиот тестен модел имаше и систем за автономно сопирање со препознавање пешаци.

Q2 совршено ги исполнува барањата на сегментот – тренди, несекојдневно возило со интересен карактер и многу можности за персонализација!

audi-q2-front2

На самиот крај – дали Audi им одговори на критичарите? Секако! Можеби ќе ви се допадне изгледот на Q2, можеби не – но не можете да порекнете дека малиот урбан кросовер на Audi е практичен, забележителен, модерен и различен, со многу можности за индивидуализација – и токму тоа се бара во овој сегмент!

  • Мотор: 1.6-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 116 коњски сили / 3250 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 250 Nm / 1500 вртежи во минута
  • Менувач: Рачен, 6 брзини
  • Максимална брзина: 197 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.3 секунди
  • Должина: 4191 mm
  • Ширина: 2009 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1508 mm
  • Тежина: 1385 kg (со возач, багаж и 90% полн резервоар)
  • Меѓуоскино растојание: 2601 mm
  • Багажен простор: 405 литри
  • Потрошувачка: 5 литри на 100 километри (официјална, градска), 7 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: Audi Q2 Basic 1.0 TFSI – 24.300 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Audi Q2 Sport 1.6 TDI – 33.679 Евра
    Повеќе информации: Audi.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски