Пред само неколку моменти Audi Sport го претстави новиот RS 5. Првиот плаг-ин хибрид на спортската дивизија на Audi комбинира 2.9-литарски твин-турбо V6 со електромотор за експлозивна моќ и неверојатни перформанси!
Пред само ден-два ги објавивме првите протечени фотографии од новиот Audi RS 5 (и пред нешто повеќе од една година го „начекавме“ како се тестира и во Скопје), а сега веќе и официјално ги имаме сите детали. И RS 5 e… Ѕвер!
RS 5 е достапен како седан, но и како (барем за нас) уште поинтересен караван. Формите се мускулести, дизајнот е агресивен и наметливо, но истовремено и доволно резервиран и самоуверен. Одберете подискретна боја и RS 5 може да биде и незабележлив, па и дискретен автомобил. Секако, ние не би го направиле тоа – ние би ја одбрале баш оваа, црвената! Од Audi кажуваат дека секој панел е „допрен“ и дека од обичниот A5 се пренесени само поклопецот на моторот, петтата врата и кровот.
Но она што е важно и интересено е новиот плаг-ин хибриден погон кој е новото срце на RS 5. Погонот комбинира 2.9-литарски твин-турбо V6 кој без никаква електрична поддршка испорачува 510 коњски сили. Бензинскиот мотор соработува со електромотор кој се напојува од батерија со капацитет од 25.9 kWh и испорачува дополнителни 177 коњски сили и 460 Nm вртежен момент. Вкупната системска моќност е 639 коњски сили и 825 Nm вртежен момент. И автономија до околу 80 километри на струја.
Океј, а што значи сето тоа во контекст на перформанси? Според Audi, 100 километри на час пристигнуваат за само 3.6 секунди, додека максималната брзина е (електронски ограничена секако, на) 250, односно 285 километри на час. Плус, има и систем кој се викa Torque Rear, односно „Што ако Audi има Drift Mode?“. Во овој режим ситемот ги преферира задните тркала – за повеќе забава, секако.
Во ред – сите овие нови технологии ја зголемуваат тежината, и тоа не баш незначително. И седанот и караванот тежат малку повеќе од 2.3 тони, но од Audi Sport уверуваат дека благодарение на моќниот (и звучен) турбо-бензинец како и дополнителната и директна моќ од електрификацијата, зголемената тежина нема никакво негативно влијание врз управливоста и динамиката.
Како што веќе рековме – црвен RS 5 Avant за нас, тенкјуверимач!




















