Трансформацијата на шведскиот бренд продолжува – па благодарение на новите модели и новите технологии продажбата на Volvo се зголемува од месец во месец!
Верувале или не, целата трансформација на Volvo чини околу 10 милијарди евра, а планот вклучува целосно нова гама на продукти, нови мотори и развивање на сопствена модуларна архитектура. По сè изгледа, целиот вложен труд резултира со плод, па популарноста и продажбата на моделите на шведскиот бренд расте од месец во месец.
Само во Соединетите Американски Држави, во Јули се продадени 8584 автомобили – зголемување од 52.8 проценти во однос на истиот месец минатата година. Напродаван модел е токму новиот XC90 кој е продаден во 2888 примероци, а блиску до него е популарниот XC60 со 2087 примероци. Воопшто не сме изненадени од овие резултати – новиот XC90 е авантгарден и привлечен модел (кој ние добро го познаваме, како во дизелска така и во хибридна варијанта) а помалиот XC60 веќе традиционално поминува одлично на сите пазари на кои се нуди.
Всушност, продажбата на Volvo во САД само оваа година е зголемена за 29.3 проценти – од 34.985 возила минатата година на 45.238 оваа година. Покрај зголемената продажба во САД, расте продажбата на Volvo и на глобално ниво – во Јули глобалната продажба е зголемена за 9.3 проценти, со вкупно 38.128 испорачани возила. Од нив, 15.693 се во западна Европа, 5832 се во Кина, 4782 во Шведска и уште 6204 на другите пазари. Од Јануари до Јули, Volvo бележи зголемување на продажбата за 10.3 проценти, на вкупно 298.244 возила.