Премиера: Audi го покажа огромниот Q9! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Audi го покажа огромниот Q9!

Позициониран над Q7, новиот Q9 пристигнува како најголем, најлуксузен и најамбициозен SUV кој германскиот производител го има направено.

Димензиски, Q9 значително го надминува Q7, со вкупна должина од 5310 мм, ширина од 2210 мм и меѓуоскино растојание од 3140 мм. Во споредба со својот помал брат, тој е подолг за 250 мм, поширок за 200 мм и има за 145 мм подолго меѓуоскино растојание.

Надворешниот дизајн се одликува со моќен преден дел каде доминира големата маска со вертикални столбови и црна рамка. На задниот дел, регистарската табличка е преместена во браникот, додека највпечатлив детал се закривените дигитални OLED светла чии тенки стаклени панели обезбедуваат уникатен светлосен потпис.

Внатрешноста нуди врвен луксуз и напредна технологија, почнувајќи од четирите големи електрични врати кои можат да се отвораат до 90 степени. Возилото доаѓа стандардно со седум седишта, а како опција се нуди и конфигурација со шест индивидуални електрични седишта.

Кабината е покриена со големиот панорамски стаклен покрив кој нуди електронско менување на транспарентноста во девет зони и амбиентално осветлување со 84 LED диоди во 30 бои. За врвно аудио искуство е задолжен системот на Bang & Olufsen со моќност од 1360 W и 22 звучници и истиот вклучува пулсирачки механизми во седиштата и посебни звучници во наслоните за глава.

За европскиот пазар Audi Q9 стартува со 3-литарскиот шестцилиндричен дизел мотор со блага хибридна технологија и електричен турбополнач кој испорачува 299 коњски сили, осумстепен автоматски менувач и Quattro погон на сите тркала.

Покрај ова, достапни се и бензинските опции, меѓу кои  се 2,9-литарскиот V6 со 435 коњски сили и 4-литарскиот твин-турбо V8 кој во изведбата SQ7 развива импресивни 599 коњски сили.

Поврзано:  Во очекување на новиот A2, Audi ќе ги пензионира малите A1 и Q2

Шасијата стандардно доаѓа со прилагодлива воздушна суспензија а управувањето на сите четири тркала овозможува вртење на задните тркала до пет степени за полесно маневрирање во тесни простори.

Нарачките веќе се отворени а првите испораки до купувачите се очекуваат во четвртиот квартал од годинава.



Автомобилски ентузијаст преку ден, DJ преку ноќ!