Mercedes го освежи Marco Polo за повеќе уживање во кампувањето – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Mercedes го освежи Marco Polo за повеќе уживање во кампувањето

Mercedes-Benz го претстави освежениот Marco Polo – премиум кампер кој добива серија внимателно одбрани подобрувања насочени кон поголема удобност, подобра функционалност и уште попријатен престој далеку од цивилизацијата.

Иако на прв поглед промените не се драматични, новитетите се доволно значајни за да го направат еден од најлуксузните кампери на пазарот уште попривлечен.

Најголемата новина е редизајнираниот подигнувачки покрив, кој сега е изработен од лесна алуминиумска двослојна конструкција. Освен тоа што е поцврст, новиот покрив нуди подобра термичка и звучна изолација, а благодарение на повисокиот шаторски дел обезбедува и повеќе простор за главата. Во него е сместен кревет со димензии 2,05 x 1,13 метри, додека задната клупа и понатаму може да се трансформира во втор брачен кревет.

Во кабината, Mercedes ги задржува двата 12,3-инчни дисплеи, но системот Mercedes-Benz Advanced Control (MBAC) е унапреден и овозможува полесно управување со сите камперски функции. Осветлувањето, звукот, покривот и останатите системи може да се контролираат преку екранот во возилото или преку мобилната апликација.

Практичноста е дополнително подобрена со нови магнетни затемнувачи за предниот дел од кабината, редизајнирани преклопни масички и фиоки, поефикасен фрижидер и нов аудио систем со осум звучници и сабвуфер, кој може да репродуцира музика преку Bluetooth дури и кога инфозабавниот систем е исклучен. И тендата е редизајнирана за полесно поставување и демонтажа.

Под каросеријата нема механички промени. Marco Polo и понатаму се потпира на 2,0-литарски турбодизел агрегат достапен во повеќе изведби, со максимум до 234 КС, комбиниран со девет-степен автоматски менувач и погон на задните или на сите четири тркала преку 4MATIC системот.

Една од најважните промени, сепак, се случува зад сцената. Mercedes отсега целосно го презема производството на Marco Polo во своја режија, наместо досегашната соработка со Westfalia. Основното возило и понатаму ќе се произведува во шпанската фабрика во Виторија, додека камперската конверзија ќе се изведува во фабриката во Лудвигсфелде, Германија. Од компанијата очекуваат ова да донесе повисок квалитет и пократки рокови за испорака.

Покрај освежениот Marco Polo, Mercedes ја претстави и верзијата Marco Polo Horizon, која е наменета за купувачите што сакаат повеќенаменско патничко комбе без вградена кујна и гардеробер.

Двата модели ќе бидат достапни за нарачка во текот на август, а првите испораки се очекуваат во втората половина од годината. Воедно, германскиот производител потврди дека веќе работи и на целосно нова генерација Marco Polo, која кон крајот на деценијата ќе биде достапна и со електричен погон.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.