Покрај фејслифтираната верзија на хечбекот од осмата генерација, свое освежување доби и караванот.
Golf Variant ги добива истите измени кои ги доби и хечбекот. Тука е новиот дизајн на предните LED светла, ревидираниот преден браник и осветлениот преден знак. Задните светла добиваат нови потписи а нова форма добива и задниот браник. Во списокот на опции додадени се дополнителни пет дизајни на алуминиумските тркала како и четири нови металик бои.
Караванската верзија нема толку голем избор во погонските единици како хечбекот. Достапни се хибридни 1-литарски eTSI бензински мотори со DSG менувач и седум брзини и нехибридни 1,5-литарски турбо бензински мотори со шест брзини и мануелен менувач. И двете варијанти доаѓаат со 115 и 150 коњски сили. Постојат две понуди за дизел TDI – повторно со 115 и 150 коњски сили, при што дизелот со помала моќност добива рачен шестстепен, а помоќната верзија – седумстепен автоматски DSG менувач.
Golf Variant не се нуди во GTE или eHybrid форма, што значи дека нема да има plug-in хибрид опција. Како и досега, нема да има Variant GTI, но повторно ќе има Golf R Variant кој ќе го замени досегашниот модел.