Годинава автомобилите во ЕУ ќе добијат таканаречени „Црни Кутии“ – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Годинава автомобилите во ЕУ ќе добијат таканаречени „Црни Кутии“

Од Јули 2024, сите новo-регистрирани автомобили во Европската Унија ќе мораат да имаат таканаречени „црни кутии“ кои ќе снимаат податоци за возилото во случај на сообраќајна незгода.

Обврската за вграден Event Data Recorder (EDR) се однесува на патничките возила (односно возила со до седум патнички седишта), но и на некои комерцијални возила (оние од N1 категоријата, вклучувајќи пик-ап возила и комбиња не потешки од 3500 килограми).

Но што е всушност автомобилската „Црна Кутија“? Според ЕУ, сообраќајните незгоди имаат легални и финансиски последици и неретко е тешко да се идентификува каде навистина лежи одговорноста. Ваквиот уред ќе им помогне на одговорните власти да дознаат што точно се случило и да дефинираат точно каде е одговорноста. Уредот снима одредени параметри кратко време – 5 секунди пред незгодата и само 0.3 секунди по незгодата. Според ЕУ, црната кутија ќе ги снима следните параметри – брзината, кочењето, позицијата и аголот на автомобилот на патот и како реагирале безбедносните системи.

Системот мора да ги зачува информациите „со висок степен на прецизност и гарантирано одржување на податоците“. Секако, црната кутија и има информации за марката и моделот на возилото, како и опремата во возилото. Се очекува дека EDR системот ќе биде интегриран во контролната единица наменета за воздушните перничиња и нема да може да се деактивира, а активирањето ќе биде целосно автоматско – најчесто во случај на затегнување на безбедносните појаси. Ќе се активира и доколку се подигне активниот поклопец на моторот на возилото (при судар со пешак) или дoколку забележи нагла промена на брзината при странично движење.

Податоците кои се снимаат му припаѓаат на возачот или на сопственикот на возилото, а самиот уред функционира во целосно затворен систем. Податоците се собираат и складираат анонимно за да се избегне секаква можност за манипулација доколку паднат во погрешни раце. Не се складираат никакви информации околу идентитетот на возачот, ниту пак целосниот идентификациски број на автомобилот. До податоците можат да пристапат само овластени институции при процес на реконструирање на сообраќајната незгода. До податоците ќе се пристапува преку OBD интерфејсот на возилото, или пак директно преку „црната кутија“ доколку OBD интерфејсот е оштетен.

Инаку, вакви црни кутии веќе се вградуваат во автомобилите во САД, а производителите ги вградуваат самоволно и самоиницијативно. Според NHTSA (агенцијата која се занимава со безбедноста на патиштата во САД), дури 99.5% од новопродадените возила во изминативе години доаѓаат со вграден Event Data Recorder. Според ЕУ, сите задолжителни системи за безбедност кои стануваат дел од нашите возила се очекува да спасат околу 25.000 животи и да спречат 140.000 сериозни повреди до 2038.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.