Новата, втора генерација на Toyota C-HR пристигна во Македонија – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новата, втора генерација на Toyota C-HR пристигна во Македонија

Новиот C-HR е дизајниран да се истакне, а не да се скрие во метежот. C-HR за прв пат ќе се нуди со плаг-ин хибриден погон и од денес е достапен во Македонија!

Новиот C-HR пристигнува со нови хибридни погони од петтата генерација на Toyota. Понудата започнува со 1.8-литарскиот хибрид кој сега системски испорачува 140 коњски сили. Скалило погоре е 2-литарскиот хибрид кој може да се добие со погон на предните или погон на сите четири тркала (и кој веќе го познаваме бидејќи веќе го возевме во Corolla Cross).

На самиот врв е новиот плаг-ин хибриден C-HR кој комбинира 2-литарски бензинец со електромотор за вкупно 223 коњски сили и спринт до 100 километри на час за само 7.3 секунди. Од Toyota најавуваат дека плаг-ин хибридниот C-HR може да помине околу 60 километри со едно полнење на батериите.

Во однос на дизајнот, препознаваме дизајнерски детали од новиот Prius и целосно електричниот bZ4X (кој го возевме минатата година) но истовремено и детали кои директно ја поврзуваат минатата генерација со новата генерација на јапонскиот кросовер. Предниот дел е остар, профилот е динамичен и комплексен, а задниот дел го издвојуваат хоризонталните светлосни елементи и големиот спојлер. Рачките на вратите се „измазнети“ и се кријат внатре во каросеријата кога не се потребни – а сето тоа всушност кажува колку внимание е посветено на аеродинамиката.

Кабината добива 12.3-инчен дигитален дисплеј пред возачот и 8-инчен или 12.3 инчен дисплеј за мултимедијалниот уред. Со претставувањето на новиот C-HR, Toyota гордо истакна дека во овој сегмент воведува нови технологии кои досега не биле достапни, но и целосна достапност на сите системи за безбедност и асистенција кои Toyota веќе ги има во својата понуда.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota C-HR 2.0 Hybrid AWD-i GR Sport - Еден меѓу многуте!

Македонскиот импортер за Toyota – Тојота Автоцентар гордо ги истакна двете специјални изведби на новиот C-HR кои пристигнаа и кај нас – GR Sport Premiere Edition и High Premiere Edition. GR Sport добива спортска предна решетка, 20-инчни тркала, GR ознаки и достапна е специјална Precious Silver боја во комбинација со црн кров. Кабината добива Liquid Black детали, GR Sport спортски седишта, хед-ап дисплеј и JBL премиум аудио уред. High Premiere Edition добива Sulphur двобоен екстериер, перфорирани кожни седишта, хед-ап дисплеј и панорамски кров.

На нашиот пазар цените започнуваат од 33.990 Евра за C-HR со 1.8-литарскиот хибрид во Cult ниво на опрема. Врвниот GR Sport Premiere Edition со самополнечки хибрид чини 51.990 Евра, односно 56.690 Евра во плаг-ин хибридна изведба.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.