ТЕСТ: Škoda Enyaq Coupé 85 Sportline – Добро-позната, но сосем поинаква Škoda! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Škoda Enyaq Coupé 85 Sportline – Добро-позната, но сосем поинаква Škoda!

Кога Škoda лансира нов автомобил, сите внимателно гледаат. Зошто? Затоа што чешкиот бренд ретко прави грешки, а со првиот целосно-електричен модел, Škoda ќе се обиде да постави нови стандарди и нови очекувања. Дали успева? Ајде да зборуваме за Enyaq.

Škoda. Брендот препознатлив по рационалните автомобили кои секогаш нудат шампионски однос вложено-добиено. Автомобили кои се ненаметливи, но ги имаат во рака вистинските карти за да можат да понудат сè она кое еден современ купувач би побарал. Дизајнот е можеби малку резервиран, но затоа е безвременски. Од друга страна, технологиите, погонските единици и (неизбежно кога зборуваме за Škoda) просторната понуда биле на самиот врв во секој сегмент во кој се натпреварува чешкиот бренд.

Сега, како што преминуваме до автомобили со конвенционални мотори кон автомобили со модерни батерии и моќни електромотори, Škoda повторно има нешто да каже. И повторно, сите внимателно гледаат и слушаат.

Enyaq е првиот целосно-електричен модел на Škoda. Поточно, Enyaq е првиот автомобил на Škoda кој е достапен исклучиво како електрично возило и ако сме веќе супер-прецизни, првиот целосно-електричен модел на Škoda беше малиот електричен Citigo. За жал, пазарот не ги препозна квалитетите на Citigo, но чешкиот бренд научи важни лекции и со претставувањето на Enyaq ни го покажува токму тоа.

Enyaq ја дели MEB платформата со уште неколку возила од Volkswagen групацијата. Директен семеен „конкурент“ е големиот Volkswagen ID.4 кој го возевме минатата година. Но онаму каде ID.4 настапува внимателно и одмерено, Enyaq настапува самоуверено, доминантно и надградено.

Ознаката 85 која ја носи нашиот автомобил кажува дека ја возиме најновата верзија на Enyaq. Благодарение на новата, унапредена батерија со капацитет од 82 kWh (од кои се достапни 77 kWh) и новиот електромотор со моќност од 286 коњски сили и 545 Nm, Enyaq сега најавува официјална автономија од преку 550 километри, како можност за полнење со максимална моќност од 135 kW. Полнењето (со пристап до доволно брз полнач, секако) од 10 до 80% трае само 28 минути.

Enyaq воведе современ дизајнерски јазик за Skoda

Океј, дефиниравме што е Enyaq. Ајде сега за оние поконвенционалните, автомобилските работи. Како што обично практикуваме – прво за дизајнот. Enyaq воведе нов, самоуверен дизајнерски јазик за Škoda кој иако не отстапува премногу од добро-трасираниот пат, сепак наметнува современи линии и форми.

На предниот дел гордо е поставена значката на Škoda, под која се новата „симулирана“ маска на ладилникот (која патем, е осветлена) и широките хоризонтални Matrix LED предни светла. Во долниот дел од браникот има декоративни елементи кои визуелно симулираат дополнителни отвори за воздух за ладење на моторот, но всушност кријат дискретни отвори за насочување на воздухот околу големиот SUV и подобрување на аеродинамиката.

Профилот ги открива дарежливите пропорции на Enyaq – силуетата е наметлива и забележлива, но со нагласено-купеовска линија а големите тркала успеваат да ги сокријат димензиите на Enyaq. Профилот го сочинуваат интересни линии и површини кои иако не се прекршуваат, сепак формираат интересно-комплексен но смирен дизајн. Ниско-поставената карактерна линија визуелно го приближува Enyaq до подлогата, а дизајнот кулминира со дискретниот заден спојлер. Ни се допаѓаат големите тркала кои и покрај двобојната комбинација изгледаат привлечно. Редок пример.

Поврзано:   Македонска премиера на освежените Škoda Scala и Kamiq

На задниот дел повторно препознаваме интересна комбинација од линии и површини. Меѓу задните светла гордо стои името Škoda, додека моделските ознаки се поставени под светлата. Црните ознаки се дел од Sportline пакетот – и изгледаат одлично.

Сè на сè – Enyaq изгледа достоинствено и привлечно. Дизајнот е самоуверен и дури изненадувачки наметлив за Škoda. Нема непотребни евтини „финти“ туку само внимателни дизајнерски потези кои внесуваат доза на индустриски дизајн во традиционално-поконзервативните дизајни на чешкиот бренд.

Топол, комфорен и практичен ентериер

А кабината? Кога ќе ја отворите вратата ќе Ве пречека топол, комфорен и практичен ентериер. Ништо ново за Škoda. Пред возачот е поставен мал дисплеј на кој се прикажуваат најважните информации, додека на централната конзола е поставен огромен, 14-инчен мултимедијален уред преку кој се контролираат најважните функционалности.

Плус, нашиот тестен модел дојде со одлични, спортски Sportline седишта кои не само што се комфорни, туку и нудат идеална поддршка. Многу лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција. А имаат и греење и вентилација!

Инаку, првите впечатоци се дека седите во пријатна и луксузна кабина. Да, луксузна. Иако зборот луксуз можеби не е збор кој често би го асоцирале со Škoda, сепак заслужува да биде искористен. Сите површини се покриени со квалитетни материјали, а седиштата се обвиени во комбинација од кожа и алкантара. Завршната обработка е врвна, а амбиентот во кабината е на навистина високо ниво.

Околу возачот и совозачот има многу простор за одлагање дребулии – како во централниот гребен меѓу седиштата, така и во вратите и под мултимедијалниот уред. Секако, тука се и останатите практични моменти како безжичниот полнач за мобилен телефон, итн.

Поврзано:   Škoda го најавува малиот електричен Epiq - пристигнува следната година, ќе чини од 25.000 Евра!

Кога сме кај технологиите – Enyaq добива нов инфозабавен систем кој сега е многу поедноставен за користење. Системот реагира брзо на сите команди, а тука е и неизбежната безжична Android Auto и Apple CarPlay интеграција. Дополнително, вреди да се напомене и напредниот хед-ап дисплеј кој директно на ветробранското стакло проектира информации околу возењето, но и користи надградена реалност за на „самиот пат“ да проектира инструкции за навигацијата, итн. Корисен и практичен систем!

Инаку, Enyaq и понатаму е Škoda – а тоа значи многу, многу простор. На задната клупа комфорно ќе се сместат и тројца патници, а ќе добијат и свои контроли за клима уредот и загревање, плус засебни USB-C приклучоци. Багажникот е огромен – со исправени задни седишта на располагање ќе имате багажник со капацитет од 570 литри. Преклопете ја задната клупа и на располагање ќе имате дури 1610 литри. Багажникот добива практични прегради за фиксирање на товар и уште неколку други Simply Clever додатоци.

А каков е Enyaq зад управувачот?

И по сето ова, како е зад управувачот? Вистината е дека Enyaq е еден од оние автомобил кои се замислени и развиени да бидат супер-лесни за секојдневно користење. Едноставно, влегувате во автомобилот, го ставате селекторот во Drive и… Возите. Нема притискање старт копче, нема никаква посебна процедура – само седнувате и возите.

И всушност, токму таква е целта филозофија позади Enyaq – да биде пријателски настроен и лесен за секојдневно користење. Електричниот погон е супер-мазен, влегувањето е лесно, излегувањето е лесно, прегледноста е одлична, суспензијата (и покрај големите тркала) филтрира скоро сè од нашите улици, а во кабината е тивко и комфорно. Всушност, комфорот е неочекувано темелен.

Од друга страна, управувањето е директно и платформата успева да ја сокрие масата од над два тони. Во ред, не очекувајте некакви повратни информации од подлогата, но во Sport режим управувањето добива повеќе отпор, суспензијата станува поцврста а Enyaq станува подинамичен. Навалувањето се контролира успешно, а балетот од свиок до свиок е изненадувачи грациозен – повторно, и покрај масата.

Океј, но колку километри?

И сега, она најважното прашање – колку километри успева да помине Enyaq со едно полнење на батериите? Пред да го одговориме тоа, да напоменеме дека Enyaq има задно-поставен електромотор кој испорачува 286 коњски сили и 545 Nm вртежен момент – но уште поважно е дека сета таа моќ се испорачува инстантно.

Ние измеривме автономија од над 430 километри во градски услови – што и не е воопшто лошо, со оглед на ниските температури додека го возевме чешкиот електричен SUV. Со покачување на температурите, сигурно би се зголемила и автономијата – и ќе се обидеме да дознаеме. На отворен пат автономијата е некаде околу 330-350 километри при брзини до 120-130 километри на час. Возете значително побрзо и автономијата понира како нуклеарна подморница.

Поврзано:   Македонска премиера на освежените Škoda Scala и Kamiq

Но она кое е неуморно се перформансите на Enyaq. На хартија, големиот SUV забрзува до 100 километри на час за 6.7 секунди. Во реалноста, забрзувањето е инстантно и линеарно. Реакцијата при притискањето на десната педала е без никакво доцнење, а Enyaq катапултира нанапред и лесно можете да ги изненадите неподготвените патници. Максималната брзина е 180 километри на час.

Заклучок?

Сето тоа нè носи до еден очигледен заклучок – ако го ставиме Enyaq во вистинскиот контекст на електричен SUV, тешко е да не бидеме импресионирани. Импресионирани сме, но не сме изненадени – сепак зборуваме за Škoda. Комфорот, просторот, практичноста и перформансите прават одличен пакет кој може да биде многу повеќе од обичен семеен транспортер. Во вистинскиот свет, Enyaq Coupe се бори со остра конкуренција – но има силни аргументи кои конкурентите нема лесно да ги побијат.

Иако електричните автомобили се сè уште табу тема кај нас (една брза анкета на нашиот Instagram профил ни покажа дека конвенционалните мотори сè уште водат 2:1 во однос на електричните), токму автомобилите како Enyaq ќе бидат привлечни за повеќе купувачи. Enyaq е комфорен, компетентен и добро-размислен. Баш како Škoda.

Спецификации

Модел: Škoda Enyaq Coupé 85 Sportline
Погон: Електромотор, батерија 77 kWh, пренос кон задните тркала
Моќност: 268 коњски сили
Вртежен Момент: 545 Nm
Менувач: Автоматски, директен
Забрзување 0-100 км/ч: 6.7 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4653 mm
Ширина: 2148 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1622 mm
Тежина: 2145 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2795 mm
Багажен Простор: 570 – 1610 литри
Автономија: 560 километри според WLTP
440 километри (измерени)
Цена на основниот модел: Škoda Enyaq Coupé 85 – 55.620 Евра
Цена на тестираниот модел: Škoda Enyaq Coupé 85 Sportline – 66.300 Евра
Повеќе Информации: Skoda.mk

Димензии

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.