Популарната Ford Puma доби фејслифт – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Популарната Ford Puma доби фејслифт

Најпродаваниот автомобил на Ford во Европа сега има посовремена кабина и поедноставена постава на мотори.

Гледајќи однадвор, промените кај кросоверот на Ford се минимални. Напред се забележуваат новите фарови со Matrix LED технологија, а дискретно ажурираната значка е преместена на предната решетка. Клиентите можат да изберат од шест бои и неколку комплети тркала со големина од 17 до 19 инчи.

За разлика од надворешноста, промените се значително видливи во кабината. Контролната табла располага со два нови екрани – 12.8-инчната дигитална инструмент табла и 12-инчниот мултимедијален екран на допир кој ја користи последната SYNQ4 технологија.

Со последното освежување, Ford ја поедностави линијата на мотори кај новата Puma. Повеќе ги нема 1.5-литарскиот дизел како и 1.5-литарскиот бензинец со турбополнач во спортката варијанта ST. Одсега, улогата на спортскиот мотор ќе ја игра помалиот 1-литарски агрегат со 170 коњски сили и седумстепен автоматски менувач со двојна спојка. Стандардните варијанти исто така ќе добијат 1-литарски турбо мотор, но со помала моќност – 125 или 155 коњски сили.

Целосно електричната Puma Gen-E која Ford ја најави уште во 2022 година ќе пристигне подоцна годинава. Таа ќе ја користи истата платформа од бензинскиот модел и ќе се произведува во истата фабрика во Крајова, Романија.



Автомобилски ентузијаст преку ден, DJ преку ноќ!