ТЕСТ: Toyota bZ4X 204 FWD Comfort – Нова, поинаква Toyota! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota bZ4X 204 FWD Comfort – Нова, поинаква Toyota!

Toyota е позната по своите хибридни автомобили, но со лансирањето на bZ4X цврсто нагази во целосно-електричната ера. Какви впечатоци ни остави првиот батериски-електричен автомобил на јапонскиот гигант?

Да, ова е првиот целосно-електричен автомобил нa Toyota – ако ја исклучиме целосно-електричната верзија на Rav4 која се продаваше само во Калифорнија во екстремно-ограничени бројки. Ако ја игнорираме таа „авантура“ направена само за да се задоволат строгите барања на Калифорниските власти околу автомобилите со нулта емисија на штетни гасови, доаѓаме до вистината едека ова е всушност првиот независен, целосно-електричен автомобил на Toyota.

Со bZ4X, Toyota воведе сосем нов пристап и ново именување. Beyond Zero е пристапот со кој јапонскиот бренд не само што сака да достигне нулта емисија на штетни гасови, туку сака и да ја надмине таа граница и воведе уште поголема вредност – и bZ4X е првиот од новата генерација целосно-електрични модели кои ќе бидат само дел од понудата на Toyota.

Значи, го објаснивме bZ делот од името. Бројката 4 означува дека моделот е еквивалент на Rav4, додека последната буква X означува дека се работи за кросовер, односно SUV. Комплицирано (и тешко за пишување) име – но има логика позади лудилото на Toyota.

E-TGNA платформа наменета за електрични возила

bZ4X е поставена на E-TNGA платформата на Toyota – а тоа пак значи дека ги дели гените со луксузниот Lexus RZ. Тоа и не е толку лоша работа. Самата платформа е развиена да биде целосно-модуларна и да може да биде прилагодена кон различни видови и димензии на електрични возила – Toyota веќе планира еден седан базиран на оваа платформа, но предвидени се и миниван, како и уште два поголеми SUV модели.

И да, вистината е дека Toyota малку доцни на забавата со електрични возила – но не смееме да заборавиме дека сепак зборуваме за Toyota, компанија која убаво ги разгледува и ги размислува работите и која ретко прави грешки. Дури имаат и име за сопственичкото искуство кое треба да биде што е можно поедноставно, а користењето на едно вакво возило што е можно полесно – Kanzen.

Основата за сето тоа е платформа која користи литиум-јонска батерија со капацитет од 71.4 KWh. Може да се добие со погон на предните тркала и електромотор кој испорачува 204 коњски сили, односно два електромотори, погон на сите четири тркала и 218 коњски сили. Според официјалните податоци, Toyota ветува автономија до 500 километри за верзијата со еден мотор, односно 458 километри за верзијата со два електромотори.

Поврзано:  ТЕСТ: Toyota C-HR 1.8 Hybrid E-CVT 2WD Cult - Очекуваниот избор

Нашето искуство испорача малку поконзервативни бројки – но повеќе од задоволителни. Со полна батерија индикаторот покажа автономија од 440 километри, односно околу 350 километри доколку го активираме клима уредот. Во домашни услови bZ4X можете да го полните со максимална моќност од 2.3 kW, на јавен AC полнач со максимална моќност до 7 kW, додека на брз полнач (доколку најдете таков, секако) bZ4X ќе се полни со максимална моќност до 150 kW и ќе се наполни од 10 до 80% за 30 минути.

За време на неколкудневното тестирање се уверивме дека инцијалната естимација од 440 километри е сосем реална и дека големиот SUV без поголем проблем може да ги помине тие километри во градски услови. На отворено очекуваме bZ4X да може да помине повеќе од 300 километри при автопатски брзини. Кога сме кај брзините – 100 километри на час се достигнуваат за одлични 7.5 секунди, додека максималната брзина е 160 километри на час.

Сосем нова појава за Toyota

Инаку, bZ4X е сосем нова појава за Toyota. Дизајнот е во најамала рака вонземски и електричниот SUV не наликува на ниту еден друг автомобил. Двобојната комбинација на нашиот тестен модел правеше bZ4X да изгледа како сајберпанк панда и храбро да се издвојува од околината.

Предниот дел е највпечатлив – големите црни пластични панели околу предните тркала му наметнуваат на bZ4X форма која е забележлива и впечатлива. Кровната линија е ниска и профилот е многу футуруистички, а задниот дел е дефиниран од широкиот светлосен елемент и дискретниот заден спојлер.

Многу внимание е посветено на аеродинамиката – на пример, во страниците на предниот браник има отвори наменети да го насочуваат воздухот.

Поврзано:  Mazda, Toyota и Subaru ги здружуваат силите во развивање на нови хибридни мотори

Кокпит како во вселенски брод

Сличен футуристички пристап продолжува и во кабината. Ја отвораме возачката врата и нè пречекува конфигурација која досега не сме ја виделе кај ниту еден модел на Toyota. Управувачот е поставен ниско а инструментите се поставени над него, на мал дисплеј. Тука се прикажуваат најважните информации, додека на централно-поставениот дисплеј се мултимедијалните содржини, навигацијата и уште неколку други функционалности.

Веднаш под централниот дисплеј се поставени физичките контроли за клима-уредот, старт копчето и селекторот за преносот. Тука е и копчето за активирање на One Pedal возењето, односно поагресивното регенеративно сопирање.

Лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција благодарение на седиштата кои се прилагодуваат во сите насоки и големите стаклени површини. Широките Ц-столбови ја ограничуваат прегледноста кон задниот дел, но затоа имаме паркинг-камера.

Ниската поставеност на управувачот од возачот бара одреден (краток) период на навикнување, но потоа е сосем природно. Кабината е комфорна и тивка и вниманието кон деталите кажува дека да, ова е Toyota – финалната обработка е одлична и тука навистина немаме никаква забелешка. Особено ни се допадна изборот на некои од материјалите – штофот со кој е покриен дел од конзолата пред возачот и совозачот е особено привлечен и пријатен на допир.

Имаме две ситни забелешки за практичноста во кабината – малку ни е нејасна одлуката на Toyota да не стави касета за одлагање дребулии пред совозачот. Од Toyota кажуваат дека ова е направено за совозачот да има повеќе простор за нозете и дека тука е огромниот простор за одлагање дребулии меѓу возачот и совозачот – но тој простор не е затворен. Втората забелешка се однесува на неосветлените прекинувачи за прозорците и отклучување/заклучување на автомобилот – понекогаш кога треба навечер да ги отклучите вратите за некој да влезе на совозачкото или на задните седишта, не е баш толку лесно да се најде прекинувачот.

Но вистината е дека ваквите забелешки се навистина ситни и дека периодот на навикнување е навистина краток – и дека други забелешки едноставно немаме. На задната клупа има многу, многу простор. Дури и багажникот е одличен – на располагање имавме повеќе од задоволителни 452 литри со исправени задни седишта.

Поврзано:  ТЕСТ: Toyota C-HR 1.8 Hybrid E-CVT 2WD Cult - Очекуваниот избор

bZ4X е комфорен и самоуверен, без разлика на подлогата

Водени од Kanzen пристапот, инженерите на Toyota успеале да направат големиот bZ4X да биде навистина лесен и комфорен за возење. Управувањето и комфорот се навистина импресивни благодарение на цврстата каросерија и внимателно-калибрираната суспензија.

Дури и во свиоци, bZ4X не го губи својот мир и иако комфорот е на прво место, големиот електричен SUV е изненадувачки динамичен – без притоа да дозволи во кабината да се пренесат несакани вибрации од тетовиран асфалт и нерамни подлоги.

Заклучокот е јасен – bZ4X е бескомпромисно лесен за секојдневно користење

bZ4X е важен нов модел за Toyota. Да, јапонскиот производител е најдобро познат по неговите хибридни автомобили – но неизбежен беше „влезот“ на Toyota на електричната забава – и токму тука се препознава методичниот, внимателен пристап на Toyota кон развојот на еден ваков автомобил. Водени од Kanzen филозофијата, инженерите и дизајнерите на Toyota успеале да направат автомобил кој е бескомпромисно лесен за секојдневно користење – кофморен, просторен и повеќе од доволно брз. Секако – како и кај секој електричен автомобил – во прво време тука е оној неизбежен „немир“ кога станува збор за автономијата, но како што поминуваме сè повеќе време со електричните автомобили, така тој немир се надминува.

Toyota многу добро знае што прави – и тоа го препознаваме кај bZ4X.

Спецификации

Модел: Toyota bZ4X 204 FWD Comfort
Погон: Електромотор, батерија 71.4 kWh, пренос кон предните тркала
Моќност: 204 коњски сили
Вртежен Момент: 265 Nm
Менувач: Автоматски, директен
Забрзување 0-100 км/ч: 7.5 секунди
Максимална Брзина: 160 километри на час
Должина: 4690 mm
Ширина: 1860 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1600 mm
Тежина: 1895 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2850 mm
Багажен Простор: 462 литри
Автономија: 500 километри според WLTP
440 километри (измерени)
Цена на основниот модел: Toyota bZ4X 204 FWD Comfort – 50.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Toyota bZ4X 204 FWD Comfort – 50.990 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.