ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz во Минхен го претстави Concept CLA Class – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz во Минхен го претстави Concept CLA Class

Со новиот Concept CLA Class, Mercedes-Benz ја најавува следната, трета генерација на компактниот седан.

Концептот е дизајниран да ни ја покаже насоката во која ќе се движи следната, трета генерација на популарната CLA Class на Mercedes-Benz. Ниското купе со четири врати е уште поостро, со интересни нови дизајнерски решенија.

Остриот преден дел добива осветлена предна маска како и предни светла кои се дизајнирани во формата на добро-познатата трикрака ѕвезда на германскиот производител. Тенки осветлени ленти се проткајуваат околу скоро целиот автомобил, за кои Mercedes-Benz кажуваат дека се со специјален финиш кој изгледа како да е хромиран кога светлечките ленти не се вклучени.

Ветробранското стакло е остро, стаклените површини се оптимизирани и намалени, додека продолженото меѓуоскино растојание ветува повеќе простор во кабината и истовремено придонесува кон издолжениот, луксузен изглед на концептот. Сличен е и задниот дел – и задните светла се во формата на ѕвездата на Mercedes-Benz а формата на задниот дел малку ни личи на спектакуларниот SLS.

Исто како и екстериерот, и кабината изгледа скапоцено и луксузно.

На централната конзола има дури пет дисплеи, а зад нив стои новиот MB.OS оперативен систем кој е придвижуван од моќен процесор од Nvidia. Од Mercedes-Benz кажуваат дека оперативниот систем може да биде прилагоден според индивидуалните желби на возачот и нуди значителни можности за персонализација. Секако, тука е и неизбежниот виртуелен гласовен асистент а во самиот оперативен систем е вградена галерија за прикажување слики од NFT паричникот на сопственикот.

CLA Concept е поставен на MMA (не Mixed Martial Arts туку Mercedes Modular Architecture) платформата на Mercedes-Benz. Ќе се нуди со два различни батериски модули и се очекува дека финалниот модел ќе троши само 12 kWh на 100 изминати километри и ќе може да помине повеќе од 750 километри со едно полнење. Погонот е поставен на 800-волтна архитектура и може да се полни со максимални 250 kW.

Поврзано:  Новите Vito Tourer и V-Class пристигнаа во салонот на Mercedes-Benz

Сега за сега нема конкретни информации кога и официјално ќе ја видиме следната генерација на CLA, но Concept CLA Class е одличен прозорец во иднината на компактните модели на Mercedes-Benz.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.