ПРЕМИЕРА: Volkswagen ID. GTI Concept е најава за првиот електричен GTI! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen ID. GTI Concept е најава за првиот електричен GTI!

Значката GTI е особено важна за Volkswagen и сите фанови на германскиот бренд – па новиот ID. GTI Concept е вистинско изненадување за сите!

Новиот GTI Concept е базиран на ID.2all концептот кој Volkswagen го претстави пред само неколку месеци – но со екстензивни измени, секако.

Забележуваме значително поагресивен став, широк преден браник и остри, агресивни линии. Долниот дел од браникот е црн и ја има онаа добро-познатата шестоаголна мрежа која се користи кај Golf GTI, а црниот мотиф продолжува и со страничните прагови и нагласениот заден дифузер.

Секако, тука се и големите тркала кои се најновата интерпретација на добро-познатите GTI фелни, но и агресивниот заден спојлер. Сè на сè – ID. GTI Concept изгледа навистина одлично. Ќе додадеме и дека буквата I во значката GTI веќе не значи Injection – туку Intelligence.

Слично е и во кабината – материјалите влечат директна инспирација од старите GTI модели на Volkswagen, но самата кабина е темелно дигитализирана и модернизирана. Управувачот е инспириран од оригиналниот Golf GTI, а класичното голф-топче кое се користеше за менувачот сега се користи за контролерот за GTI Experience Control системот преку кој се бираат режимите на возење.

Концептот добива и напреден хед-ап дисплеј и многу, многу други технологии. Интересно, GTI Experience Control системот овозможува симулирање на возачкото искуство на постарите модели – на пример, звукот, управувањето и погонските карактеристики на оригиналниот Golf GTI од 1976, или пак 16-вентилскиот модел од 1986-тата година. Системот дури може да симулира и менување брзини – а сето тоа е во насока да се добие што е можно поинволвирано возачко искуство.

Сега за сега немаме никакви информации околу погонот. Од Volkswagen потврдуваат дека ќе користи еден електромотор кој ќе ги придвижува предните тркала преку диференцијал со ограничено пролизгување – но немаме информации колку моќ би испорачувал тој мотор. Знаеме дека ID.2 ќе има 230 коњски сили и ќе забрзува до 100 километри на час за помалку од 7 секунди – па можеме да очекуваме уште подобри перформанси.

Поврзано:  Во салонот на Volkswagen пристигна новиот Taigo

Не би се изненадиле доколку ID. GTI има околу 300 коњски сили во неговата финална форма и достигува 100 километри на час за околу 5 секунди.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.