ПРЕМИЕРА: Volkswagen ID.2all Concept – Пократок од Polo, простор како во Golf, стотка за помалку од 7 секунди! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen ID.2all Concept – Пократок од Polo, простор како во Golf, стотка за помалку од 7 секунди!

Volkswagen го претстави ID.2all концептот – но суфиксот концепт е непотребен бидејќи ова е автомобилот кој дилерите на германскиот бренд ќе го продаваат од 2025 за помалку од 25.000 Евра.

Volkswagen му посвети многу, многу внимание на новиот концепт кој ветува дека на пазарот ќе донесе компактен и рационален автомобил кој ќе чини помалку од 25.000 Евра. Кога ќе пристигне на пазарот во 2025, ID.2all ќе се бори не само со конвенционалните автомобили, туку и со електричните конкуренти кои ќе пристигнат како од Европа, така и од САД и далечниот исток – а за да го направи тоа, треба да биде навистина, навистина добар.

ID.2all е поставен на скратена верзија на MEB платформата на која се поставени и останатите електрични модели на Volkswagen и која ние веќе добро ја познаваме – имавме можност да ја запознаеме кога ги возевме електричните Volkswagen ID.3 и Volkswagen ID.4. Кај ID.2all таа е скратена и наместо да има можност за два електромотори ќе се нуди само со еден, поставен напред, кој ќе ги движи предните тркала.

Електромоторот испорачува 226 коњски сили и на електричниот ID.2all ќе му овозможува забрзување до 100 километри на час за помалку од 7 секунди. Дополнително – според најавеното – ID.2all ќе може да помине до 450 километри со едно полнење на батериите според WLTP мерењата.

Интересно е што ID.2all е нијанса пократок од сегашната генерација Polo, но има меѓуоскино растојание од 2600 милиметри – 30-тина милиметри пократко од сегашниот Golf, но и 30-тина милиметри подолго од Golf од 6-тата генерација. Всушност при претставување на ID.2all, од Volkswagen ни кажаа дека концептот е „просторен како Golf“. Ветуваат просторна кабина, а самиот факт дека концептот има багажен простор од 490 литри (110 литри поголем од тековниот Golf) ветува многу.

Поврзано:   Златно Тркало 2024: Победници се Porsche Panamera, Audi Q8, Volkswagen ID.7, Opel Corsa и Mazda CX-60!

Кога сме кај кабината – се забележува напредокот кој VW го прави кога станува збор за дизајнот, ергономијата и материјалите. Пред возачот е поставен низок екран со дијагонала од 10.9 инчи, додека на централната конзола е поставен 12.9-инчен екран. Низ кабината забележуваме комбинација од физички и дигитални контроли за функционалностите – на пример, под главниот дисплеј и на управувачот се поставени „буренца“ за физичките контроли.

И конечно, малку и за дизајнот. Со ID.2all, Volkswagen ја најавува новата дизајнерска насока во која ќе го води брендот. Препознаваме детали кои се директно-инспирирани од Golf – како на пример Ц-столбот, но и детали кои се нови и кои ги најавуваат идните дизајнерски води во Volkswagen – предниот дел е низок и широк, со наметливи LED елементи.

Профилот е остар и мускулест, со исфрлени крила во кои се кријат 20-инчни тркала и скриени рачки на задните врати, а задниот дел е скоро вертикален поради акцентот кој е даден на максималната просторност во кабината. Забележуваме интересна графика на задните светла, но и осветлен VW знак во едноделниот светлосен елемент.

ID.2all пристигнува во 2025 и не се сомневаме дека комбинацијата од компактни димензии, просторна кабина, современ дизајн и интересни перформанси ќе го направи интересен за купувачите.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.