ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz E-Class All-Terrain – А зошто SUV? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz E-Class All-Terrain – А зошто SUV?

Разно-разните SUV модели едноставно доминираат на пазарот, но Mercedes-Benz ја претстави All-Terrain изведбата на новата E-Class со која кажува дека па ете, не мора баш да се купи SUV.

E-Class All-Terrain се натпреварува во исклучително мал сегмент – директната конкуренција се сведува на Audi A6 Allroad и Volvo V90 Cross Country, барем кога станува збор за премиум сегментот. Да, конкуренцијата не е бројна, но затоа е докажана и силна, па и E-Class All-Terrain ќе треба да покаже вистински таленти.

Трансформацијата од E-Class во E-Class All-Terrain започнува со ревидираната суспензија која придонесува „теренскиот караван“ да е оддалечен од подлогата дополнителни 46 милиметри. Воздушната суспензија е дел од стандардната опрема, а теренската изведба на E-Class ќе ја препознаете по ревидираната каросерија која вклучува изменет преден дел со поинаква предна маска, заштитни пластични панели околу целиот автомобил и заштитен панел на задниот браник. Измените се дискрени – но ефективни, мораме да признаеме. Благодарение на нив, E-Class All-Terrain има значително поробустен лик.

На европските купувачи ќе им бидат достапни неколку различни погони – дизелскиот Е220d, бензинскиот Е450 како и плаг-ин хибридниот дизел во форма на E300 de. Основниот дизел има 197 коњски сили но плаг-ин хибридниот турбодизел располага со вкупно 308 коњски сили благодарение на истиот турбодизел и електромоторот кој испорачува дополнителни 129 коњски сили. Бензинскиот E 450 користи 3-литарски турбо-бензинец со шест цилиндри во линија кој испорачува 381 коњска сила.

Секако, тука се и системите за теренско возење а интересен новитет е Transparent Bonnet („проѕирна хауба“) системот кој е дел од 360-степенската камера и кој го на централниот дисплеј го прикажува теренот директно пред и под автомобилот, со што му овозможува на возачот полесно да надмине препреки кои би инаку можеби би го оштетиле подвозјето.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Mercedes-AMG PureSpeed е специјален, супер-лимитиран роудстер со инспирација од F1

Новиот E-Class All-Terrain ќе им биде достапен на купувачите од првата четвртина на следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.