ПРЕМИЕРА: Новиот Taycan забрзува побрзо од сите модели на Porsche во историјата – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот Taycan забрзува побрзо од сите модели на Porsche во историјата

Porsche го освежи Taycan и сите негови изведби, а новиот Taycan Turbo S забрзува до 100 километри на час за само 2.4 секунди!

Кога Porsche го претстави Taycan во 2019, наметна нови стандарди – но сега е веќе време за (прилично темелно) освежување. Со освежувањето, Taycan добива повеќе моќ, понови и усовршени технологии, унапреден погон и – секако – подобри перформанси.

Сите три верзии на Taycan добиваат освежување – тука е „обичниот“ Taycan, но и повеќенаменскиот Taycan Cross Turismo и практичниот Taycan Sport Turismo. Според најавите од Porsche, освежениот Taycan ќе пристигне во салоните веќе напролет.

Но што сè всушност е освежено? Ајде прво за батериите и електричниот погон. Во зависност од конфигурацијата која ќе ја одберете, Taycan има батерија со капацитет до 105 kWh, но добива и можност за уште помоќно полнење и тоа до максимални 320 kW. Според WLTP мерењата, Taycan ќе може да помине до 678 километри со едно полнење на батериите – зголемување за цели 175 километри, односно 35%. Ако имате пристап до доволно брз полнач, Taycan може да се наполни од 10 до 80% за само 18 минути – безмалку 20 минути пократко од претходникот – и покрај поголемата батерија!

Океј, супер, но што е со перформансите? Porsche ги истакнува моделите кои се на двете екстреми на портфолиото. Основниот Taycan забрзува до 100 километри на час за само 4.8 секунди – цели 0.6 секунди побрзо од претходно. Врвниот Taycan Turbo S катапултира до 100 километри на час за 2.4 секунди – 0.4 секунди побрзо од претходно. Подобреното забрзување се должи на зголемената моќност – основниот Taycan сега има 80 коњски сили повеќе. Taycan Turbo S? Безмалку 200 коњски сили повеќе – односно вкупно 952 коњски сили!

Поврзано:   Porsche претстави две нови E-Hybrid изведби од новата Panamera

Механичките измени не завршуваат со погонот. Porsche одлучи дека секој Taycan ќе добие адаптивна воздушна суспензија а моделите со погон на сите тркала можат да добијат и Porsche Active Ride суспензија која го одржува Taycan идеално рамен во сите услови. Суспензијата не само што ги впива нераминините, туку го елиминира навалувањето и ја дистрибуира тежината подеднакво кон сите четири тркала. Дополнително, освежениот Taycan добива и нови тркала кои ја подобруваат аеродинамиката.

Во однос на надворешноста, Taycan добива нови HD Matrix предни светла со надградена оптика, додека на задниот дел Porsche ознаката е интегрирана во светлосниот елемент. Достапни се и неколку нови бои, а Turbo и Turbo S моделите добиваат Turbonetic детали кои дополнително ќе ги издвојат од остатокот од гамата.

Кабината добива нов дисплеј со поедноставен кориснички интерфејс, но и нов прекинувач кај управувачот наменет за поедноставно и поинтуитивно користење на системите за асистенција. Од Porsche напоменуваат дека Apple CarPlay е интегриран во инфозабавниот ситем и доаѓа со можност за прикажување на видео на централниот или на совозачкиот дисплеј. Достапни се и нови пакети на материјали за ентериерот, меѓу кои и две опции во кои не се користи кожа. Наместо кожа се користи високо-напреден Race-Tex и специјални текстилни материјали.

Како што напоменавме, освежениот Taycan пристигнува наскоро.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.