ТЕСТ: Toyota Corolla Cross 2.0 HEV 2WD Executive Plus – Познато име, познат суфикс, нова интерпретација – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Corolla Cross 2.0 HEV 2WD Executive Plus – Познато име, познат суфикс, нова интерпретација

Кросоверската офанзива кај Toyota како да не запира и тоа воопшто не нè изненадува – па што всушност нуди новата Corolla Cross?

Ако сме искрени, конвенционалните „не-кросовер“ модели стануваат вистинска реткост. Ако до неодамна кросоверите и SUV моделите беа исклучокот, последниве неколку години како секој нов модел да е некаков кросовер или SUV, или пак има некоја таква варијанта.

Нешто слично се случува и кај Toyota – кросоверската офанзива не запира, и тоа воопшто не нè изненадува. Купувачите ги сакаат и ги бараат ваквите модели, а производителите се подготвени да го испорачаат тоа што клиентите го бараат. Па токму затоа, само во изминатава година-две ги добивме Yaris Cross и урбаниот Aygo X (кој се изговара Aygo Cross), а до неодамнешното дополнување на понудата сега ја имаме и Corolla Cross.

Но ако додадеме дека Toyota во својата понуда веќе ги има и C-HR и супер-популарниот Rav4, природно се поставува прашањето каде всушност припаѓа и што нуди Corolla Cross? За да успееме да го одговориме тоа прашање, ќе се обидеме да го најдеме местото на Corolla Cross во хиерархијата на Toyota.

На прв поглед, Corolla Cross не наликува на Corolla, туку на Rav4 намален за 15-тина проценти

На прв поглед, Corolla Cross многу повеќе наликува на Rav4 намален за 15-тина проценти, отколку на Corolla – и тоа и не е толку лошо. Всушност, ваквиот лик ги истакнува кросоверските гени и квалитети на Corolla Cross. На предниот дел едноставно доминира огромната предна маска на ладилникот, околу која се поставени широките хоризонтални предни светлосни групи.

Масивните пластнични панели на предниот и задниот браник, како и заштитните панели кај праговите и крилата нагласуваат дека се работи за кросовер и ја поздравуваме одлуката тие да бидат изработени од мат црна наместо сјајна црна пластика.

Дополнително, кросоверскиот став го истакнуваат и широките предни и задни крила кои на Corolla Cross ѝ даваат наметлив, самоуверен став. Во однос на остатокот од автомобилот, задниот дел е можеби малку здодевен, но забележуваме елементи од огромниот Highlander кои се успешно интегрирани во дизајнот.

Поврзано:   Новата, втора генерација на Toyota C-HR пристигна во Македонија

Сè на сè, Corolla Cross изгледа самоуверено и урбано, но подготвена да го напушти асфалтот кога ќе биде потребно.

Во кабината на Corolla Cross се чувствуваме како дома, но има неколку важни новитети

Одиме внатре и се чувствуваме како дома. Веднаш ги препознаваме елементите од „обичната“ Corolla – управувачот, седиштата и централната конзола. Она кое е ново се целосно-новиот мултимедијален уред кој наскоро ќе пристигне и кај Corolla, како и дигиталните инструменти пред возачот. Новиот, 10.5-инчен мултимедијален уред е светлосни години понапред од застарените уреди кои се нудат кај некои други модели на Toyota и навистина се препознава вниманието кое инженерите и дизајнерите му го посветиле.

Новиот инфозабавен систем е лесен и интуитивен за користење, со разбирливи команди и едноставни менија. Системот нуди целосна интеграција со Android Auto и Apple Carplay, но за жал само поврзувањето со Apple CarPlay е безжично – за да се поврзете со Android Auto ќе морате да искористите USB кабел. Но ако не сакате Android Auto, тука е Bluetooth конекцијата преку која се достапни повеќето функционалности.

Инаку, кабината е сосем доволно просторна и навистина супер-практична, а фокусот е цврсто кон лесно и едноставно користење. Возачката позиција е прегледна во сите насоки благодарение на големите стаклени површини а ергономијата е сосем задоволителна. Квалитетот на материјалите во кабината е во рамките на очекуваното – сепак зборуваме за Toyota, а тоа зборува доволно.

На задната клупа има место за двајца патници, но не би препорачале тројца, особено не на подолги патувања. Просторот за нозе е адекватен, и не би требало да претставува никаков проблем, освен можеби за навистина повиски патници (каде многу пологичен избор би бил Rav4, да речеме). Сепак, патниците на задната клупа добиваат засебни USB приклучоци, како и сопствени контроли за клима-уредот – нешто што е понекогаш ретко во класата.

Багажниот простор во Corolla Cross е достапен преку голема петта врата и пристапот е навистина лесен. Со исправена задна клупа на располагање ќе имате капацитет од 433 литри. Преклопете ја задната клупа и капацитетот расте на задоволителни 1337 литри.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Освежениот Toyota GR Yaris е уште помоќен и уште побрз!

Кај Corolla Cross дебитира најновиот хибриден погон од петтата генерација

Е сега, по сето ова, можеме да зборуваме и за погонот. Corolla Cross е првиот модел на Toyota кој го добива најновиот хибриден погон од петтата генерација на јапонскиот гигант. Новиот хибриден погон е помоќен, порафиниран и уште поефикасен. Во оваа конфигурација, хибридниот погон комбинира 2-литарски Dynamic Force атмосферски бензинец кој испорачува 152 коњски сили и 190 Nm вртежен момемнт, со електромотор кој испорачува дополнителни 111 коњски сили и 206 Nm вртежен момент. Силата се испорачува кон предните тркала преку CVT менувач, а достапна е и верзија со погон на сите четири тркала која добива уште еден електромотор задолжен за задната оска.

Сето ова се комбинира со батерија чиј капацитет едвај надминува 4 kWh, а резултат на збирот на сите компоненти на погонот е системски 197 коњски сили и 202 Nm вртежен момент. Перформансите се повеќе од задоволителни – 100 километри на час пристигнуваат за 7.6 секунди, додека максималната брзина е 180 километрина час. При силно притискање на педалата за гас забрзувањето е линеарно и уверливо, но придружено од карактеристичната бучавост која е резултат на e-CVT бесстепениот автоматски менувач.

Сето тоа резултира и со интересна потрошувачка. Низ град измеривме просечна потрошувачка од околу 6 литри на 100 изминати километри, додека на отворено нешто под 6.5 литри на 100 изиминати километри.

Безбедна и предвидлива зад управувачот

Каква е Corolla Cross зад управувачот? Каква што очекувате да биде – безбедна, неутрална и предвидлива. Corolla Cross е горд семеен кросовер и не се обидува да биде нешто што не е. Суспензијата успешно ги филтрира нерамнините од улиците па во кабината е мирно и без несакани вибрации. Истовремено, суспензијата е јасно и гласно ориентирана кон комфор – ова не е автомобил за „бркање кривини“. Да, во ред, можете да возите подинамично, но кога ќе ги надминете лимитите на Corolla Cross ќе добиете безбедно и предвидливо подуправување.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota C-HR 2.0 Hybrid AWD-i GR Sport - Еден меѓу многуте!

Вистинскиот дом на Corolla Cross е урбаната џунгла, каде новиот кросовер на Toyota е на свое. Градскиот асфалт е теренот каде Corolla Cross се истакнува со леснотијата на возење, маневрабилноста, комфорот и економичноста.

И сега, каде припаѓа Corolla Cross?

Е сега, на самиот крај – ајде да одговориме на прашањето, каде припаѓа и што нуди Corolla Cross? Ако се прашуваме ние, Toyota ја препозна празнината која ја остави зад себе новиот Rav4. Бидејќи Rav4 порасна и стана поголем, помоќен и на некој начин полуксузен (а со тоа и – да бидеме искрени – поскап), се јави потреба за нијанса помал кросовер кој ќе ја пополни таа празнина. И Toyota во вистински момент ја лансира Corolla Cross.

Дали можеме да ја наречеме бејби-Rav4? Со оглед на тоа колку нè импресионираше освежениот Rav4 кога неодамна го возевме, тоа е можеби и најголемиот комплимент. Но Corolla Cross е и повеќе од тоа – бидејќи кај неа дебитираат нови технологии и нов важен погон, а токму тоа кажува колку многу Toyota верува во неа.

Спецификации

Модел: Toyota Corolla Cross 2.0 HEV 2WD Executive Plus
Мотор: 2-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри + 2 електромотори
Моќност: 197 коњски сили / 3500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 202 Nm / 3600 – 5200 вртежи во минута
Менувач: Автоматски безстепен CVT
Забрзување 0-100 км/ч: 7.6 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4460 mm
Ширина: 1825 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1620 mm
Тежина: 1445 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2640 mm
Багажен Простор: 433 – 1337 литри
Потрошувачка: 6.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Toyota Corolla Cross 2.0 HEV 2WD Executive – 38.490 Евра
Цена на тестираниот модел: Toyota Corolla Cross 2.0 HEV 2WD Executive Plus – 40.790 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.