full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Yaris Cross 1.5 Hybrid AWD-i Premiere Edition – Како Yaris, само поинаков.

Toyota одлучи од Yaris да направи кросовер – и каков е резултатот?

Ова не е прв излет на Toyota во сегментот на субкомпактни кросовери. Mожеби ќе се сетите на Urban Cruiser – модел кој се продаваше пред десеттина години и кој се обиде да трасира нов пат. Колку беше тоа успешно или неуспешно ќе оставиме самите да одлучите, но она за кое ќе зборуваме денес одлично одговара на моменталните барања на купувачите.

Всушност, пред да зборуваме за тоа, ајде малку за тековната понуда на Toyota. Јапонскиот гигант успева истовремено и да наметне и да следи трендови – трендовите ги наметнуваше кога инсистираше на хибридните технологии, а сега во чекор со очекувањата на купувачите нуди сè повеќе кросовер и SUV модели – дури и новиот Aygo ќе биде кросовер!

И гледајќи го тоа, одлуката да биде лансиран Yaris Cross е сосем логична. Новиот Yaris е веќе успешен и популарен (и да не заборавиме дека се закити со титулата Европски Автомобил на Годината за 2021), а кросоверите се во тренд и купувачите ги бараат. И тука едноставно нема никакви пречки.

Yaris Cross не е само „Yaris на повисоки потпетици“

Но Yaris Cross е многу повеќе од „Yaris на високи потпетици“. Yaris Cross добива и нов (и во нашите очи попривлечен) дизајн, грст нови технологии во кабината и интересни и практични решенија. Дизајнот е интересен и дури би рекле мускулест – необичните форми на предниот дел на Yaris се заменети со почисти и поедноставни линии и детали, како и забележително посамоуверен лик – ни се допаѓаат и вертикалните LED дневни светла.

Профилот е типичен за еден кросовер, со тркалата „избркани“ кон секој ќош и покоцкаста форма, додека на задниот дел вниманието оди кон широките задни светла со тееееееенките светлечки детали.

Искрено – Yaris Cross ни изгледа одлично. Насекаде околу Yaris Cross има интересни детали – дискретните предни светла за магла интегрирани во предниот браник, Yaris Cross ознаките на задните врати, или пак понагласениот заден спојлер. Во нашите очи, ова е многу поубедлив дизајн од оној на Yaris – каков што и би требало да биде, со оглед на тоа дека се работи за кросовер.

Поврзано:   Македонска премиера на bZ4X - првата целосно-електрична Toyota!

Модерна кабина со сите очекувани технологии

Одиме внатре – и тука најдобро се препознаваат гените на Yaris. Кабината е навистина слична на онаа кај Yaris, но повисоката седечка позиција и поголемите стаклени површини прават прегледноста да е значоително подобра, освен директно кон задниот дел каде на видикот му пречат наслоните за глава од задната клупа.

Инаку, ергономијата е сосем задоволителна – оние кои веќе возат Toyota ќе се чувствуваат како дома, а оние кои прв пат седнуваат во модел на јапонскиот бренд лесно ќе се снајдат. Материјалите се воглавно квалитетни и фини на допир, но ќе забележиме на нијанса поцврсти пластики на некои места. Пред возачот е поставена комбинација од аналогни и дигитални инструменти кои се лесно-читливи и разбирливи, додека на централната конзола високо е поставен мултимедијалниот уред.

Под него се поставени контролите за клима уредот. Мултимедијалниот уред има и навигација (и тоа изненадувачки детална) како и безжично Android Auto и Apple Carplay поврзување, а нашиот тестен модел дојде со JBL аудио уред.

Околу возачот и совозачот има многу места за одлагање дребулии – во вратите, меѓу предните седишта како и во централната конзола (каде е поставен и безжичниот полнач за мобилен телефон). На задната клупа просторната понуда е задоволителна, но повторно – тука доаѓаат до израз гените (и меѓуоскиното растојание) на Yaris. Не е дека во Yaris Cross има малку простор – едноставно, кај некои од директните конкуренти има повеќе.

Конечно, малку и за багажниот простор – преку големата петта врата добивате пристап до багажен простор со правилна форма и капацитет од 320 литри. Доколку изберете Yaris Cross со конвенционален мотор, багажникот расте на одлични 397 литри, но кај хибридниот капацитетот е малку намален заради батериите и компонентите од AWD-i системот.

Поврзано:   Македонска премиера на bZ4X - првата целосно-електрична Toyota!

Toyota e, секако дека е хибрид.

AWD-i? Па да, Yaris Cross е еден од ретките во сегментот кој може да се добие со погон на сите четири тркала. Хибридниот погон е сличен на оној кој се нуди кај Yaris, но со соодветна рекалибрација за да одговара повеќе на карактерот на Yaris Cross. „Основата“ е 1.5-литарски три-цилиндерски атмосферски бензинец кој работи на супер-ефикасниот Аткинсон циклус, со кој соработуваат два електромотори и литиум-јонска батерија.

Бензинецот нуди 92 коњски сили и 120 Nm вртежен момент, а тој соработува со првиот електромотор кој испорачува дополнителни 80 коњски сили и 141 Nm.  Дополнително, тука е и задниот електромотор кој испорачува уште 5 коњски сили и 52 Nm вртежен момент, а сето ова му овозможува на Yaris Cross да забрза до 100 километри на час за 11.8 секунди и да постигне максимални 170 километри на час. Секако, бидејќи се работи за ултра-ефикасен урбан кросовер, градската потрошувачка е импресивна – за време на неколкудневното тестирање измеривме нешто помалку од 5 литри на 100 километри во градски услови.

И токму како што и очекувавме – Yaris Cross е во својот елемент кога е дел од урбаниот метеж. Ефикасниот хибриден погон и автоматскиот CVT менувач го прават движењето низ град лесно, а стаклените површини го олеснуваат маневрирањето. Секако, Yaris Cross сосем добро се снаоѓа и на автопат, но ќе забележиме дека на повисоки брзини би сакале уште малку звучна изолација. На самиот крај, решивме да дознаеме што ќе се случи ако направиме нешто што никој сопственик на Yaris Cross најверојатно нема никогаш да го направи – да го напушти асфалтот. И мораме да кажеме дека Yaris Cross сосем лесно се справи со нашите не-премногу-интензивни теренски предизвици и дека ќе биде одличен сопатник до вашата викендичка.

Инаку, Yaris Cross е ориентиран кон комфорот, па и покрај големите 18-инчни тркала немаме забелешка на чувството во кабината. Управувањето е прецизно, но скоро без никаков фидбек низ управувачот, но тоа и не е некоја забелешка со оглед на сегментот во кој Yaris Cross се натпреварува – напротив. Управувањето е неутрално, со наклонетост кон безбедно подуправување кога ќе ги достигнеме границите.

Поврзано:   Македонска премиера на bZ4X - првата целосно-електрична Toyota!

Врвно опремен Premiere Edition

Пред да заокружиме, ајде малку и за опремата. Нашиот тестен модел беше врвно опремен – Premiere Edition верзијата на Yaris Cross доаѓа со сите можни играчки кои ги сакате – од веќе-споменатите мултимедијален систем и JBL аудио уред, преку седиштата со загревање, одличните LED предни светла и безжичното полнење на мобилен телефон, па сè до големиот стаклен кров, големите тркала, сите системи за активна и пасивна безбедност и адаптивниот темпомат.. Навистина – како што треба!

Сите силни атрибути на Yaris, но во потрендовска, поинтересна кросоверска форма.

Yaris Cross е интересен и очекуван следен чекор за Toyota. Некој можеби би кажал дека не е фер да се споредува Yaris Cross со Yaris – но го делат името! Новиот Yaris е одлична основа за еден ваков автомобил и иако Yaris Cross на прв поглед нема премногу сличности со својот конвенционален брат, сепак ја разбираме логиката на Toyota да го искористи името Yaris за вистински да го позиционира новиот кросовер. И токму тоа и се добива – одличниот Yaris со сите негови силни атрибути, но во една потрендовска, поинтересна кросоверска форма. Toyota многу добро знае што прави.

Спецификации

Модел: Toyota Yaris Cross 1.5 Hybrid Premiere Edition
Мотор: 1.5-литарски хибриден погон, 3 цилиндри, два електромотори
Моќност: 116 коњски сили
Менувач: Бесстепен е-CVT
0-100 км/ч: 11.8 секунди
Максимална Брзина: 170 километри на час
Должина: 4180 mm
Ширина: 1765 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1595 mm
Тежина: 1300 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2550 mm
Багажен Простор: 320 литри
Потрошувачка: 4.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Toyota Yaris Cross 1.5 125 2WD 6MT Fancy – 19.590
Цена на тестираниот модел: Toyota Yaris Cross 1.5 Hybrid AWD-i Premiere Edition – 36.290 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.