Македонска претпремиера на новата Mazda CX-60 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Македонска претпремиера на новата Mazda CX-60

Новиот CX-60 е голем и моќен SUV, а ние имавме можност набрзина одблиску да го погледнеме на неформална македонска претпремиера.

Новиот SUV на Mazda е веднаш препознатлив – тука се познатите Kodo дизајнерски детали кои јапонскиот бренд ги гради изминатава декада, но во едно уште посовремено, поробустно издание. На предниот дел вниманието оди кон тенките предни светла и широката маска на ладилникот, додека задниот дел го дефинираат тенките задни светлосни елементи и внимателно скулптурираните форми. Интересен детал е доооолгиот преден дел, кој навестува нешто навистина интересно.

Кај конкретниот примерок, тоа значи дека под поклопецот се крие новиот плаг-ин хибриден погон на Mazda. Погонот е комбинација од 2.5-литарски Skyactiv-G бензинец кој сега соработува со електромотор и батерија со капацитет од 17.8 kWH, за вкупна системска моќност од 327 коњски сили и 500 Nm вртежен момент. Според Mazda, оваа комбинација му овозможува на големиот SUV да забрза до 100 километри на час за 5.8 секунди и да достигне максимални 200 километри на час, но и да помине до 60 километри на електрична енергија.

Од импортерот Стар Моторс добивме информација дека првите примероци наменети за македонските купувачи се очекуваат да пристигнат во првите месеци од следната година, а примероците го носат новиот 3.3-литарски е-Skycativ-D турбодизел со шест цилиндри во линија. Овој погон испорачува 200 или 255 коњски сили кои ги испорачува само кон задните или кон сите четири тркала.

Првите впечатоци се дека CX-60 е голем и премиум SUV каде многу, многу внимание е посветено на деталите, квалитетот на материјалите и искуството зад управувачот. Кога ќе пристигне и самите ќе го тестираме, па ќе ги пренесеме нашите конечни впечатоци.

Поврзано:  Mazda, Toyota и Subaru ги здружуваат силите во развивање на нови хибридни мотори


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.