ТЕСТ: Toyota RAV4 2.5 Hybrid Adventure AWD – Подготвен за секакви авантури! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota RAV4 2.5 Hybrid Adventure AWD – Подготвен за секакви авантури!

Со неодамнешното освежување на RAV4, Toyota воведе и нова изведба која ја нарече Adventure. Поминавме неколку дена токму со RAV Adventure и ова се нашите впечатоци од навистина способниот јапонски хибриден SUV.

RAV4 е добро-познат на нашите улици, а најновата генерација успешно се истакнува не само преку квалитетот и докажаниот хибриден погон, туку и преку самоуверениот, храбар и наметлив дизајн. Неодамна Toyota подготви моделско освежување за еден од своите најпродавани модели па ја искористивме можноста повторно да седнеме зад управувачот на RAV4, овој пат во оваа поробустна изведба која ја носи ознаката Adventure.

Adventure е поробустен, поагресивен RAV4

По што се издвојува RAV4 од „обичниот“ RAV4? Веднаш препознаваме поагресивен преден браник со нова маска и нови отвори за воздух. На средината на маската гордо стои знакот на Toyota. Со освежувањето RAV4 доби и нови светлосни елементи кои го имаат истиот облик, но нови се графиката и технологиите. Новиот, поробустен лик навистина изгледа интересно и на големиот SUV му дава подинамичен, нијанса пофокусиран лик и ги нагласува амбициите на освежениот RAV4.

Освежувањата продолжуваат и кон задниот дел, каде забележуваме редизајниран заден браник како и редизајнирани задни светлосни елементи. Покрај сето ова, RAV4 Adventure добива и нијанса пошироки крила, во кои се сместени нови, поголеми 19-инчни тркала.

Естетските измени не се пренагласени (и дури би рекле дека помалку се губат во црната боја на нашиот тестен автомобил), но се сосем доволни за RAV4 и понатаму да биде свеж и интересен за купувачите. Дизајнот на оваа генерација на RAV4 едноставно Ни Се Допаѓа, а со фејслифтот (и особено Adventure верзијата) таквиот впечаток продолжува.

Функционална, просторна и практична кабина

Одиме внатре. На прв поглед нема драстични разлики меѓу RAV4 Adventure и останатите изведби на овој SUV. Но кога ќе погледнеме поубаво, и не е баш така – RAV4 Adventure добива засебни седишта кои се обвиени во кожа и имаат портокалови шевови. Портокаловите шевови ги забележуваме и на контролната табла и на уште неколку други места. Понатаму, добиваме и премиум аудио уред од JBL, панорамски кров и уште неколку други додатоци.

На средината на централната конзола е надградениот мултимедијален уред кој конечно добива безжично Apple CarPlay поврзување, но за жал Android Auto поврзувањето е со кабел, а добиваме и систем за безжично полнење на мобилен телефон.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota C-HR 1.8 Hybrid E-CVT 2WD Cult - Очекуваниот избор

Интерфејсот на мултимедијалниот уред веќе „си ги покажува“ годините – но ако сме искрени, немаме забелешки. Да, графиката е можеби малку созреана, но затоа целиот уред е навистина лесен за користење – нешто што не можеме да го кажеме за некои од мултимедијалните уреди кај конкуренцијата каде сите можни команди се на екранот наместо да имаат засебни физички контроли.

Кога сме кај физичките контроли, не можеме да не ги пофалиме одличните контроли за клима уредот – вистинско задоволство е да се користат големите, гумирани контроли за клима-уредот во RAV4.

Секако, RAV4 и понатаму е еден од најдарежливите модели во класата кога станува збор за просторноста на задната клупа, како и багажниот простор. На задната клупа комфорно ќе се сместат двајца, па дури и тројца патници, а во зависност од конфигурацијата на задните седишта багажникот нуди меѓу 580 и 1690 литри.

Супер-ефикасен самополнечки хибрид

Како што навестува името, RAV4 Adventure е подготвен за авантури – а за да биде подготвен за авантури, мора да има погон кој може да го понуди тоа. Затоа, RAV4 Adventure може да се добие само со врвниот самополнечки хибрид на Toyota – а тоа значи комбинација од 2.5-литарски бензинец кој испорачува 170 коњски сили (и работи на Аткинсонов циклус) во комбинација со два електромотори – еден поставен на предната, еден поставен на задната оска.

Електромоторот поставен на предната оска испорачува 120 коњски сили, додека задниот испорачува 54 коњски сили. Но приказната е во системската моќност, која во овој случај е одлични 222 коњски сили и221 Nm вртежен момент. Не ви делува како многу? Спринтот до 100 километри на час трае само 8.1 секунда, додека максималната брзина е 180 километри на час.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota C-HR 2.0 Hybrid AWD-i GR Sport - Еден меѓу многуте!

Кон предните тркала силата се пренесува преку e-CVT бесстепен автоматски менувач. Ваквиот менувач нема да биде по сечиј вкус, но инженерите на Toyota континуирано работат на неговото усовршување и со задоволство можеме да кажеме дека „ластик“ ефектот е скоро целосно елиминиран а e-CVT менувачот го прави токму она кое е дизајниран да го прави – нуди или врвна ефикасност или врвни перформанси. Ставете го RAV4 во Sport режим на работа и ќе бидете изненадени со еластичноста и подготвеноста со која големиот јапонски SUV забрзува. Од друга страна, префрлете во Normal или Eco режим и ќе бидете благословени со мирно и мазно работење на погонот, и секако – врвна ефикасност.

Ефикасноста на хибридниот погон доаѓа до израз највеќе во градски услови на возење, каде можете да очекувате потрошувачка од околу 6 литри бензин на 100 изминати километри – импресивно, со оглед на тоа дека зборуваме за голем SUV.

На отворено измеривме потрошувачка од 7.2 литри на 100 изминати километри – повторно, повеќе од задоволително. Ќе напоменеме и дека инженерите на Toyota малку поработиле и на звучната изолација па освежениот RAV4 е и нијанса потивок на автопат од досега, но би посакале барем уште малку за ефектот да биде постигнат и на повисоки брзини.

Го возевме новиот RAV4 во различни услови – низ град и на отворено, но ја искористивме шансата и да го напуштиме асфалтот – и не бевме разочарани. Погонот на сите четири тркала успешно ги совлада сите предизвици со кои еден ваков автомобил би се соочил. Да, ова не е „хардкор“ теренец, но не се ни повлекува од предизвикот на првиот знак на „снемување“ асфалт.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota C-HR 1.8 Hybrid E-CVT 2WD Cult - Очекуваниот избор

Всушност…

И всушност, тука се навраќаме на нашите претходни впечатоци од RAV4. Супер-популарниот SUV на Toyota е замислен да биде лесен и практичен за секојдневно користење – да биде и практичен семеен транспортер, но и робустен сопатник во било какви услови. Да биде лесен за користење во град, комфорен на автопат и да не нè разочара кога ќе го напуштиме асфалтот. Да биде ефикасен, но моќен. Штедлив, но брз. И неговата привлечност е токму во талентот да го понуди сето тоа – па навистина е многу лесно да го препорачаме RAV4.

Спецификации

Модел: Toyota RAV4 2.5 Adventure AWD
Мотор: 2.5-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри + 2 електромотори
Моќност: 222 коњски сили / 3500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 221 Nm / 3600 – 5200 вртежи во минута
Менувач: Автоматски безстепен CVT
Забрзување 0-100 км/ч: 8.1 секундa
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4600 mm
Ширина: 1855 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1685 mm
Тежина: 1730 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2649 mm
Багажен Простор: 580 – 1690 литри
Потрошувачка: 6.3 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Toyota RAV4 2.5 Hybrid Dynamic FWD 218  – 42.290 Евра
Цена на тестираниот модел: Toyota RAV4 2.5 Adventure AWD 222 – 55.990 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.