ПРЕМИЕРА: Alfa Romeo ги претстави освежените Giulia и Stelvio – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Alfa Romeo ги претстави освежените Giulia и Stelvio

Alfa Romeo подготви значително визуелно и технолошко освежување за спортскиот седан Giulia и големиот SUV Stelvio.

Giulia добива неколку измени на екстериерот кои значително го подобруваат ликот на италијанскиот седан – предната маска добива нов финиш, а светлата се редизајнирани и имаат интересен „3+3“ лик (кој нè асоцира на ненадминатата Alfa 159). Предните светла се со адаптивни Matrix LED компоненти, додека задниот дел добива редизајнирани задни светла кои се дискретно затемнети.

Најголемите измени доаѓаат во кабината – Giulia добива нов 12.3-инчен дигитален панел за инструментите со три различни прикази – Evolved, Relax и Heritage. Evolved ја навестува иднината на Alfa Romeo и ги прикажува сите информации околу возењето, Relax се концентрира на комфорот и ги покажува само најпотребните информации, додека Heritage оддава почит на моделите на Alfa Romeo од 60-тите и 70-тите години на минатиот век.

Понудата на мотори е слична како и досега – без разлика на одбраното ниво на опрема, достапна е конфигурација со 160-коњски турбодизел и погон на задните тркала, а скалило погоре се 210-коњскиот турбодизел и 280-коњскиот турбо-бензинец кои ќе се комбинираат со погон на сите четири тркала. Во зависност од изведбата ќе добиете Q2 или Q4 погон со вградени диференцијали.

Инаку, следејќи ги стапките на Tonale, Alfa Romeo ќе ја поедностави понудата кај Giulia и Stelvio за да го направи конфигурирањето уште полесно. Достапни ќе бидат две нивоа на опрема – Super и Ti, наменети да ги задоволат потребите на сите купувачи. Во зависност од изведбата која ќе ја одберете, ќе бидат достапни дополнителни пакети – на пример, Super ќе има на располагање Sprint пакет, а за Ti ќе биде достапен Veloce пакетот.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Alfa Romeo го претстави новиот Milano!

Сепак, има и нешто навистина интересно – за да го прослави лансирањето на освежените Giulia и Stelvio, Alfa Romeo ќе ја воведе специјалната Competizione серија за која кажуваат дека е автентична концентрација на стил, наменета да ги задоволи најтврдокорните фанови на Alfa Romeo.

Competizione ќе биде базиран на Veloce и ќе биде достапен со сите мотори а ќе носи специјална Moon Light мат сива боја, црвени сопирачки, 21-инчни тркала, додека кабината добива Harman/Kardon премиум аудио уред, многу кожа, затемнети стакла и уште грст други додатоци. Giulia и Stelvio Competizione ќе добијат и Alfa Active Суспензија, како и NFT додаток кој ќе ја гарантира уникатноста на секој Competizione автомобил.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.