Ford идната година ќе ја пензионира Fiesta, ветува дека „започнува нова ера“ – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Ford идната година ќе ја пензионира Fiesta, ветува дека „започнува нова ера“

Ford денес потврди дека сегашната Fiesta нема да добие наследник, но истовремено кажува дека „како што една ера завршува, друга само што почнува“.

„Време е да се каже збогум на малиот автомобил кој допре до секој од нас. Големите момети, малите моменти и сите први нешта – благодариме за сеќавањата.“ – кажуваат од Ford.

Fiesta е вистинска успешна приказна за Ford. Првиот примерок излезе од фабриките во 1976-тата година и низ годините се продадени милиони, во различни конфиграции, бои и со различни погонски опции. Не изостанаа ниту спортските верзии – супер-успешната Fiesta ST најде свои фанови кај многу купувачи. Низ годините се продадени преку 18 милиони примероци од Fiesta, а малиот автомобил на Ford се произведуваше во најмалку 13 различни земји, меѓу кои Обединетото Кралство, Шпанија, Мексико, Аргентина, Бразил, Јужна Африка…

Во моментов Fiesta се произведува во фабриката на Ford во Келн (и ние самите имавме можност да го погледнеме процесот кога ја посетивме фабриката пред неколку години) и ќе продолжи да се произведува до следното лето. Ford најавува дека сите нарачани автомобили ќе бидат произведени, но и дека ќе продолжи да прима нарачки додека да се исполни предвиденото производство.

Ford планира да ја трансформира фабриката во Келн во Cologne Electrification Center каде ќе од следната година ќе се произведува електричен кросовер – најверојатно електричната верзија на Ford Puma. Амбициите на Ford се таму да се произведат 1.2 милиони електрични возила во следните шест години.

Збогум Fiesta, ќе ни недостасуваш.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.