ПРЕМИЕРА: Opel Grandland GSe е спортски плаг-ин хибриден SUV со 300 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Opel Grandland GSe е спортски плаг-ин хибриден SUV со 300 коњски сили!

Opel ја зголемува понудата на електрифицирани GSe модели со новиот Grandland GSe кој има 300 коњски сили, погон на сите четири тркала и затегната, спортска суспензија!

Новиот Grandland GSe ќе го препознаете по забележливите спортски детали. Најзабележливи се новите 19-инчни тркала кои влечат инспирација од Manta GSe концептот, но тука се и новиот заден дифузер и GSe значките и црните детали на Opel ознаките, отворите за воздух, заштитните панели под предниот браник и црните странични ретровизори и црниот кров. Дополнително, можете да нарачате црн поклопец на моторот.

Во контраст на црната боја, во боја на каросеријата се заштитните панели околу автомобилот, кои пак прават Grandland GSe да има навистина засебен лик. Кабината добива AGR-сертифицирани спортски седишта обвиени во Алкантара, како и грст други спортски GSe детали.

Она што е особено интересно е суспензијата која е специјално нагодена за Grandland GSe. Инженмерите на Opel одлучиле суспензијата да добие поцврсти пружини, но и FSD амортизери од Koni. Според нив, спортски-нагодената шасија ја подобрува респонзивноста на Grandland GSe и истовремено го прави поредвидлив и постабилен при интензивно сопирање, во свиоци но и при високи брзини на германскиот аутобан.

Grandland GSe го добива истиот плаг-ин хибриден погон кој веќе се нуди и кај регуларната изведба на Grandland. Погонот вклучува 1.6-литарски турбо-бензинец кој се комбинира со два електромотори – комбинација која испорачува системски 300 коњски сили и 520 Nm вртежен момент. Сето тоа се испорачува кон сите четири тркала, а резултат на тоа е забрзување до 100 километри на час за 6.2 секунди, како и максимална брзина од 235 километри на час.

Поврзано:   Opel произведува автомобили веќе 125 години!

Со новиот Grandland GSe, Opel ја проширува понудата на спортски GSe модели – пред само неколку седмици германскиот бренд ги претстави Astra и Astra Sports Tourer со ознаката GSe кои користат плаг-ин хибриден погон со 225 коњски сили.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.