full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Opel ги претстави првите модели со ознаката GSe – плаг-ин хибридните Astra GSe и Astra Sports Tourer GSe!

Opel го лансира својот динамичен под-бренд GSe со новите, плаг-ин хибридни Astra GSe и Astra Sports Tourer GSe.

Новите спортски модели на Opel добиваат врвен плаг-ин хибриден погон и ветуваат дека ќе го погодат идеалниот баланс меѓу комфор и спортско управување, но и дека сето тоа ќе го комбинираат со одговорност кон околината и еколошката прифатливост.

„Новите Astra GSe и Astra Sports Tourer GSe се идеалните возила за лансирање на нашиот нов динамичен под-бренд, целосно израмнети со нашата стратегија да станеме целосно-електричен бренд до 2028“ – изјави главниот извршен директор на Opel, Florian Huettl.

Astra GSe и Astra Sports Tourer GSe добиваат плаг-ин хибриден погон кој испорачува вкупно 225 коњски сили и 360 Nm вртежен момент, и истовремено ветува екстремно ниска потрошувачка на гориво од само 1.2 литри бензин на 100 изминати километри – доколку редовно ги полните батериите, секако. Иако немаме информации околу перформансите, од Opel кажуваат дека новите плаг-ин хибридни спортски модели на брендот ќе бидат најдобри во своите класи кога станува збор за лансирање од место, забрзување и максимална брзина.

Дополнително, GSe моделите ќе бидат уште поинтересни за возење – ќе добијат специјално-доработено управување, како и надградена суспензија и помоќни сопирачки. Целиот автомобил е понизок 10 милиметри во однос на регуларната Astra, а добива и засебни пружини и амортизери. Амортизерите се во соработка со KONI и имаат KONI FSD технологија.

Секако, забележуваме и спортски детали на екстериерот – GSe моделите добиваат засебни, поагресивни браници, како и 18-инчни тркала инспирирани од Manta концептот кој Opel неодамна го претстави. Тука се и неизбежните GSe значки, додека кабината добива спортски седишта обвиени во алкантара кои се AGR сертифицирани.

Се надеваме дека наскоро ќе имаме можност и самите да се увериме во динамичноста на новите GSe модели, а во меѓувреме погледнете го нашиот тест на новата Opel Astra, како и првото возење на новата Astra Sports Tourer во домот на Opel – Риселсхајм.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.