ПРЕМИЕРА: BMW XM е брутален плаг-ин хибриден SUV со 653 или 745 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW XM е брутален плаг-ин хибриден SUV со 653 или 745 коњски сили!

Првиот засебен модел на М Дивизијата по легендарниот M1 од 1978 е монструозен, плаг-ин хибриден SUV кој следната година ќе добие и Label Red верзија со 745 коњски сили!

2750 килограми тешкиот мега-SUV на М Дивизијата на BMW наметнува големи очекувања – па токму затоа сè околу него е… Големо! Приказната започнува со 4.4-литарски твин-турбо V8 кој испорачува 490 коњски сили и 650 Nm вртежен момент. Со овој моќен V8 соработува батерија со капацитет од 29.5 kWh и електромотор кој е вграден во менувачката кутија, кој испорачува дополнителни 197 коњски сили и 280 Nm вртежен момент. Резултат на сето тоа? Кон сите четири тркала се испорачуваат моќни 653 коњски сили и 800 Nm вртежен момент.

Но, како што би рекле на рекламите на телевизија – тоа не е сè! За следната година веќе е потврден уште помоќен XM кој ќе ја носи ознаката Label Red. Овој уште поекстремен XM ќе добие надградена верзија на овој погон, која кон сите четири тркала ќе испорачува 745 коњски сили и 1000 Nm вртежен момент!

Сега за сега не ги знаеме перформансите на XM Label Red, но „обичниот“ XM може да забрза до 100 километри на час за 4.3 секунди, како и да достигне максимални 250, односно 270 километри на час доколку го нарачате и M Driver’s Пакетот. Дополнително, бидејќи се работи за плаг-ин хибрид, според WLTP мерењата ќе можете да поминеме меѓу 81 и 88 километри со едно полнење на батеријата.

Е сега… Дизајнот. Уште со концептот со кој го најави XM, BMW самоуверено потврди дека големиот SUV на М Дивизијата нема да нè остави рамнодушни. Реакциите беа и позитивни и негативни – и сигурни сме дека повторно ќе бидат такви. Големиот SUV е несомнено експресивен, со нагласени детали и комплексни површини. Ние ќе оставиме самите да одлучите дали Ви се допаѓа или не – но ќе кажеме дека дефинитивно има став кој успешно ја сокрива неговата маса и ветува дека навистина ќе понуди исклучително возачко искуство.

Поврзано:  BMW најави дека ќе го пензионира X4

Кабината е луксузна и современа, со детали преземени од електричниот IX, со дигитални екрани и најновиот BMW iDrive 8 оперативен систем. Забележуваме конвенционална рачка за автоматски менувач, скулптурирани површини и текстури и само четири седишта. Да, овој огромен SUV има само четири седишта. Секако, тука се и новите технологии на BMW, и многу, многу играчки.

Да, новиот BMW XM е контроверзен и сигурни сме дека ќе извлече секакви реакции. Но морате да признаете дека ќе ве натера да реагирате.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.